Вести 09 Nov 16

ЕУ ги критикуваше балканските држави врзано за воените злосторства

Во својот годишен извештај за напредокот на балканските држави, ЕУ побара поголема ангажираност во процесирањето на воените злосторства во Босна и Херцеговина, Србија и во Косово и изрази загриженост во врска со забавувањето на процесот на пронаоѓање на исчезнатите лица од конфликтите во 90-тите.

Марија Ристиќ
БИРН
Фото: Европски парламент

Во годишните извештаи на ЕУ за напредокот на Босна и Херцеговина, Србија и на Косово, кои беа објавени во средата, се вели дека овие три балкански земји, треба да вложат повеќе напори во справувањето со злосторствата извршени за време на војните во 90-тите години и со нивните трајни последици.

Србија е критикувана заради недоволната соработка со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, и бидејќи не ги екстрадирала тројцата членови на националистичката Српска радикална партија, СРС, во Хаг.

Што се однесува до Косово, се предупредува дека локалните обвинители за воени злосторства и полицијата немаат доволно ресурси и не се доволно квалификувани.

Исто така, се изразува загриженост и поради големиот број заостанати необработени случаи на воени злосторства во Босна и Херцеговина.

Генерално, нерешената судбина на близу 11.000 лица кои исчезнаа за време на конфликтите во 90-тите години, и натаму претставува хуманитарен проблем, се вели во извештајот

Од нив, според податоците на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, околу 6.900 случаи се поврзани со конфликтот во Босна и Херцеговина, 2.100 со конфликтот во Хрватска и над 1.600 со конфликтот во Косово.

„Недостигот на информации за гробниците и потешкотиите во идентификувањето на човечките останки кои досега се ексхумирани и понатаму се главните пречки за решавање на преостанатите случаи на исчезнати лица во регионот“, нагласува ЕУ.

Србија критикувана заради неекстрадиција на радикалите

Во извештајот за напредокот на Србија се вели дека постои сериозна загриженост дека Србија скршнала од патот на целосна соработка со МКТЈ.

Критиките произлегуваат од одбивањето на Србија да ги предаде тројцата членови на Српската радикална партија, кои МКТЈ ги бара за да им суди за непочитување на судот, поради наводен притисок врз сведоците во судскиот процес против нивниот лидер Воислав Шешељ.

Во извештајот се вели дека Србија во целост треба да ги спроведе пресудите и одлуките на МКТЈ.

„Посветеноста на Србија да работи во правец на регионалната соработка и помирувањето, треба да ја вклучи и подготвеноста за соочување со блиското минато и да создаде атмосфера во која ќе биде можно справувањето со сите воени злосторства“, се додава во извештајот.

Во него, усвојувањето на националната стратегија за истраги и гонење на воените злосторства, во февруари 2016 година, се оценува како „важен чекор напред“, при што Србија се советува да го интензивира спроведувањето на стратегијата и да донесе оперативна обвинителска стратегија.

Во извештајот се поздравува фактот што српското обвинителство за воени злосторства продолжило да соработува со другите земји во регионот, на размената на докази и податоци.

„Најзначајниот развој се однесува на бројот на предмети кои се поврзани со Обвинителството на Босна и Херцеговина (16 предмети) и со Обвинителството на Хрватска (44 предмети)“, стои во извештајот.

Но, се изразува сериозна загриженост поради тоа што мандатот на поранешниот обвинител за воени злосторства истекол во декември 2015 година, а негов наследник сѐ уште не е именуван.

Се забележува и дека само две нови обвиненија за воени злосторства биле покренати во 2015 година и дека немало напредок во истрагите на случаите од висок профил.

Одделението за воени злосторства на Косово под притисок

Во извештајот на ЕУ се предупредува дека иако на Косово е формирано одделение за воени злосторства, во рамките на специјалното обвинителство, во него работат само двајца локални обвинители чиј обем на работа уште повеќе ќе се зголеми кога Мисијата на ЕУ за владеење на правото, ЕУЛЕКС, дополнително ќе им пренесе нови предмети.

Во полициската единица за истраги на воените злосторства на Косово, ангажиран е дополнителен персонал, таа добила уште возила и компјутери, но постои недостиг на квалификуван персонал, се вели во извештајот за напредокот на Косово.

„Ограниченото искуство, како и недостигот на истражители од српска националност, на персонал за кривична разузнавачка анализа и на преведувачи, имаат влијание врз работата на единицата“, предупредува ЕУ.

Се нагласува дека во случаите во кои осомничените се етнички Срби, кои главно живеат во Србија, ефективно не постои меѓусебна правна соработка меѓу Приштина и Белград.

Загриженост се изразува и во врска со капацитетите и подготвеноста на Приштина да се справи со случаите на воени злосторства, во кои се вклучени поранешни членови на Ослободителната војска на Косово.

1.665-те лица кои се водат за исчезнати во конфликтот, претставуваат уште еден голем проблем за Косово, се вели во извештајот.

„Нерешената судбина на исчезнатите лица од конфликтот во 90-тите години и натаму претставува хуманитарен проблем, чие решавање има витално значење за помирувањето и стабилноста во регионот“, се додава.

„Политизацијата на процесот, вклучувајќи ги и бескорисните изјави во медиумите и натамошното слабеење на процесот поради меѓуинституционалните спорови, треба да се избегнат“, се препорачува во извештајот.

Косовската влада „мора да покаже поголема политичка посветеност и да вложи поголеми напори“ за да се најдат исчезнатите лица, при што е потребно, како што се вели, да се формира централен регистар на исчезнатите лица.

ЕУ е загрижена и поради немањето напредок во решавањето на проблемот со неидентификуваните останки, кои што се чуваат во мртовечницата во Приштина.

Сепак, во извештајот се истакнува дека Косово ги исполнило своите обврски во однос на формирањето на новите хашки Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство, кои ќе спроведат истраги и пред кои ќе се судат случаите на воени злосторства, што наводно ги извршиле поранешните борци на ОВК, за време и по конфликтот во 1999 година.

БиХ: Голем број на заостанати предмети

Во извештајот се вели дека Босна и Херцеговина „продолжила да го решава“ големиот заостаток на судски предмети за воени злосторства, со зголемување на обвиненијата меѓу септември 2015 и август 2016 година.

„Продолжи позитивниот тренд на успешното судско гонење на случаите на воени злосторства, кои се однесуваат на сексуалното насилство. Конечни пресуди се донесени во 25 случаи“, се вели во извештајот.

Сепак, се предупредува дека и натаму остануваат голем број на потенцијални случаи и оти треба да се вложат повеќе напори, „особено за да се обезбеди институционално разбирање дека треба да се зголеми довербата на жртвите во судскиот систем и да се избегне повторната трауматизација на жртвите и на сведоците“.

Се изразува загриженост бидејќи жените жртви во војната, немаат ист правен статус во двата ентитета на БиХ, Република Српска и Федерацијата БиХ.

Извештајот нагласува дека во БиХ продолжило спроведувањето на целите од националната стратегија за решавање на воените злосторства, како и пренесувањето на полесните случаи од државно на пониско ниво, но се предупредува дека Босна и Херцеговина сѐ уште доцни со обработката на покомплексните случаи.

„Првичниот рок од седум години за решавање на најсложените предмети, кој истече во декември 2015 година, не беше исполнет, а нов рок допрва треба да се договори“, се вели во извештајот.

Talk about it!

blog comments powered by Disqus