Градоначалникот на градот од кој наводно биле депортирани бегалците од Црна Гора во Република Српска, вели дека споменикот на жртвите треба да биде подигнат, откако судењето ќе биде завршено.
Во пролетта 1992 година, најмалку 66 бошњачки бегалци беа депортирани од Херцег Нови, Црна Гора, во Република Српска. Повеќето од нив беа егзекутирани.
Дваесет години по ова злосторство, четворица активисти за човекови права, Љупка Ковачевиќ, Далиборка Уљаревиќ, Александар Зековиќ и Теа Горјанц-Прелевиќ, сметаат дека иницијативата од минатата година, за изградба на споменик на жртвите во Херцег Нови, треба да биде реализирана.
Тие бараат 27 мај да биде прогласен за ден на сеќавање на овој настан и ја повикаа црногорската полиција, да се извини за нејзината улога во депортацијата.
Во вторникот, градоначалникот на Херцег Нови, Дејан Мандиќ, изјави дека споменикот треба да биде изграден, но откако ќе се докаже дека бегалците биле депортирани од овој град.
„Вистина е дека тие луѓе беа убиени. Точно е дека некои луѓе биле приведени во полиција ... Но, мислам дека имаме уште време до поставување на споменикот, прво треба сето тоа да се докаже“, изјави Мандиќ.
Во март, Апелацискиот суд ја поништи ослободителната пресуда за девет поранешни полицајци, кои беа обвинети за незаконско апсење и депортација на 79 бегалци, Бошњаци и босански Срби, во Република Српска во пролетта 1992 година. Случајот е вратен на повторно судење.
Иако минатата година, Министерството за култура ја поздрави иницијативата за поставување на споменик, постапката пропишува дека општината е таа која мора да предложи изградба на каков било споменик.