Вести 18 Sep 13

Лимај ослободен од обвиненијата за воени злосторства

Поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово, ОВК, и актуелен политичар, Фатмир Лимај, и другите деветмината обвинети поранешни припадници на ОВК, се ослободени од обвиненијата за мачење, за време на војната, во логорот Клечка на цивили од албанска и српска националност.

Едона Пеци
БИРН
Приштина

Судот во Приштина во вторникот ги ослободи сите десет обвинети, меѓу кои и Лимај, пратеник на владејачката партија и поранешен министер за транспорт, од обвиненијата за воени злосторства против цивили извршени во импровизираниот затвор во Клечка, за време на конфликтот кон крајот на 90-ти.

Ова е втор пат овој истакнат пратеник и поранешен герилец, познат како “Челичен командант“, да биде прогласен за невин по обвиненијата.

Косовскиот премиер Хашим Тачи ја поздрави ослободителната пресуда, велејќи дека таа ги оправдала акциите на ОВК за време на војната.

„Со овој процес, уште еднаш се докажа чистотата на војната на ОВК“, рече Тачи.

Повеќе од сто лица се собраа пред судот чекајќи ја пресудата. Кога Лимај и другите обвинети излегоа, толпата извикуваше: „Лимај, Лимај!“ и „Челик, Челик!“.

Адвокатот на одбраната на Лимај, Томе Гаши, ја опиша пресудата како „голема победа“.

„Пресудата само го докажа она што ние веќе го знаевме“, изјави тој пред новинарите.

Во обвинението се тврди дека Лимај и и останатите „го нарушиле телесниот интегритет и здравјето на неодреден број српски и албански цивили и српски воени затвореници“, притворени во импровизираниот затвор во Клечка.

Во Клечка наводно биле приведувани и албански цивили осомничени за соработка со српскиот режим, српски цивили и припадници на српската полиција и војска, но  според обвинението, објектот служел и како центар за задржување на борците на ОВК кои биле под истрага или биле дисциплински казнети.

Обвинението беше главно базирано на тајните дневници и сведоштва на Агим Зогај, официјално лице во логорот Клечка, познат како “Сведок Х“, поранешен соработник на Лимај, кој дал информации за убиствата на некои затворениците што биле притворени таму.

Претседателот на судот, Малком Симонс, изјави дека доказите на Зогај се „неконзистентни и контрадикторни“, а понекогаш и „чиста измислица“.

Додаде дека „судот утврдил оти некои делови од дневниците на Зогај не ги напишал тој, туку некој друг“.

„Доказите од Сведокот Х се во целост неверодостојни и затоа би било несигурно да се потпреме на нив, како би ги осудиле обвинетите по точките од обвинението“, објасни судијата на Мисијата на ЕУ за владеење на правото, ЕУЛЕКС.

Зогај беше пронајден мртов во еден парк во Германија во септември 2011 година.

По неговата смрт, во мај минатата година, доказите на Зогај беа отфрлени како недоволни, па Лимај првично беше ослободен од обвиненијата.

Но, обвинителството успешно ја обжали пресудата и случајот беше вратен на повторно судење, при што доказите на Зогај беа повторно прифатени.

Во претходниот судски процес, што во 2005 година се одржуваше пред Хашкиот трибунал, Лимај беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства, извршени против Срби и Албанци осомничени дека за време на војната на Косово соработувале со Србија. Кога се врати дома, беше пречекан како херој.

Рокот за жалба на оваа пресуда е 15 дена.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Dnevni bilten