Истражување 23 Dec 13

Како поранешните југословенски држави ги финансирале обвинетите за воени злосторства

Поранешните југословенски држави потрошиле речиси 40 милиони евра јавни средства за поддршка на осомничените за воени злосторства, во судските процеси пред Хашкиот трибунал, покажува истрагата на БИРН.

Саше Димовски, Денис Џидиќ, Јосип Ивановиќ, Едона Пеци, Марија Ристиќ
БИРН
Белград, Приштина, Сараево, Скопје, Загреб

Две држави, што обилно давале голем дел од јавните средства, за осомничените на кои им се судеше за воени злосторства пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, се Хрватска, која потрошила повеќе од 28 милиони евра за тројца обвинети, и Македонија, која потрошила околу 9.500.000 евра за само двајца осомничени, дознава БИРН.

Македонскиот внатрешен конфликт со албанските бунтовници во 2001 година, траеше околу шест месеци, а од страна на Судот на ООН во Хаг, беа обвинети само двајца Македонци. Осиромашената балканска држава потроши милиони за одбрана, за поддршка и за лобирање за министерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски (кој беше ослободен по жалбена постапка) и полицискиот службеник Јохан Тарчуловски (кој на крајот беше осуден за воени злосторства).

Хрватска има потрошено повеќе од 28 милиони евра само за трошоци за одбраната за нејзините тројца генерали, Анте Готовина, Младен Маркач и Иван Чермак, кои на крајот беа ослободени.

И двете држави, во својата државна политика, ја вклучија одбраната на своите МКТЈ обвинети и потрошија огромни суми за да им обезбедат најдобри шанси за ослободување, за да ги одбранат своите воени херои, да добијат политички поени дома и да спречат каква било натамошна штета за нивниот меѓународен углед.

Другите три држави од поранешна Југославија, потрошиле помалку пари за поголем број на осомничени лица, но, вкупниот износ потрошен за воените офицери што беа уапсени и доведени пред Меѓународниот суд, за да одговараат за некои од најголемите злосторства извршени во Европа по Втората светска војна, сепак изнесува речиси 40 милиони евра.

Пари, со јавен повик за помош на осомничените за воени злосторства во Босна и Херцеговина, во Хрватска и во Косово, беа собирани и преку тајни, необјасниви фондови. Останува нејасно колку точно пари овие фондови собрале и на кој начин ги потрошиле.

Одбрана на воените „херои“

Србија потрошила 1.700.000 евра државни пари од 2004 до 2013 година, за лични надоместоци, за сметки за лекарите на обвинетите и за патни трошоци за нивните семејства, наместо за нивните тимови на одбрана.

Но, истражувањето на БИРН открива дека од 26 обвинети за кои што Белград моментално плаќа, 18 се всушност воени офицери, босански Срби, кои имаат српско државјанство, вклучувајќи го и генерал Ратко Младиќ, и покрај фактот што Србија жестоко негира дека имала некаква улога во босанската војна.

Вкупно 640.000 евра биле дадени од Босна и Херцеговина како помош за обвинетите, но, целата сума доаѓа од српскиот ентитет на БиХ, Република Српска, како помош за осомничените босански Срби.

Пари биле донирани и за семејствата на обвинетите босански Срби, преку фондот “Помош“ , иако нема јавно објавени бројки што ќе покажат колку точно средства биле собрани и како биле потрошени.

Соочен со потешкотии за постигнување на политички консензус, вториот ентитет во БиХ, бошњачко- хрватската Федерација БиХ, не дала ништо за да им помогне на осомничените Бошњаци или босански Хрвати, изјавија официјални лица.

Косовската влада не им исплатила ништо на шестмината поранешни борци на ОВК, обвинети за воени злосторства, изјавија официјални лица за БИРН, освен 16.750 евра, дадени за прославата за пречек на осомничените, по нивното ослободување.

Сепак, повеќе од 1.500.000 евра биле собрани како помош за двајца истакнати герилци на поранешната Ослободителната војска на Косово, кои по војната влегоа во политиката, Рамуш Харадинај и Фатмир Лимај, преку јавни повици за собирање на средства во тајни фондови.

Овие фондови, исто така, никогаш јавно не обелоденија пред своите донатори колку добиле или потрошиле. БИРН успеа да дојде до делумни бројки преку документи од МКТЈ и документи од случајот за корупција што се води во Приштина, а кој е врзан за наводно неправилно управување со фондот за Харадинај.

Во БиХ, Косово и Србија, податоците за ова истражување, БИРН ги доби по барање за пристап на информации од јавен карактер.

Но, другите две земји, оние што потрошиле најмногу, не беа подготвени да дадат целосни податоци за исплатените средства, можеби поради јавната чувствителност во врска со раскошното трошење во овие тешки економски времиња за Балканот.

Македонија одби да даде какви било информации за тоа што платила како поддршка за своите двајца МКТЈ обвинети, а проценките на БИРН за направените трошоци на државата, се направени врз основа на интервјуа и анонимни разговори со голем број официјални и законски извори во земјата, како и неколку снимени изјави.

„Се обидов да ги добијам податоците што ги барате, но веднаш ми рекоа дека тоа е строго доверливо и не смеам да прашувам“, изјави македонски функционер за БИРН, барајќи да остане анонимен.

Во сумата од 9.500.000 евра што Македонија ја потрошила во периодот 2006-2013, влегуваат и 3,5 милиони за тимот на одбраната од САД, предводен од славниот американски адвокат Алан Дершовиц, како и 2,5 милиони евра за лобирање.

Хрватска, и покрај законската обврска за слободен пристап до информациите, не даде никакви дополнителни податоци од веќе познатите за вкупно потрошени 28.000.000 евра за одбрана на тројцата хрватски генерали што беа ослободени од обвинувањата за воените злосторства.

Никакви информации не беа дадени ниту за други плаќања, на пример, за босанските Хрвати обвинети за злосторства за време на војната во Босна, кои се, воедно, и хрватските граѓани. Сѐ уште е нејасно дали Загреб им помогнал на овие лица или не.

Нема ни официјална потврда за износот што хрватската држава го потрошила за ангажирање на американската компанија Патон Богс, за лобирање во случајот на генералите.

Фондацијата за вистината за хрватската татковинска војна, нетранспарентен приватен фонд, формиран заради обезбедување помош за генералите и одбрана на нивните активности за време на војната, исто така, не објави никакви податоци, иако еден од нејзините промотери соопшти дека во првата година од своето постоење, Фондацијата собрала 1.100.000 евра.

Политички мотивирани исплати

Официјалните исплати за помош на обвинетите во Хаг, од страна на државите што ги извршиле, често се опишуваат како хуманитарен напор за поддршка на граѓаните во судските процеси во странство. Но, тие исто така, се извршени и од политички причини, вели Роланд Костиќ, експерт за Балканот од Универзитетот во Упсала, Шведска.

„Земјите од поранешна Југославија, случаите пред МКТЈ ги гледаат како борба за својата вистина, секоја држава гледа своја можност да докаже дека нивната вистина е вистинската“, смета Костиќ.

Обезбедувањето на финансиски средства за осомничените за воени злосторства, иако раскошно, сепак не е незаконски. Главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Серж Брамерц, за БИРН изјави дека „суверените држави сами одлучуваат како ќе ги потрошат парите“.

Но, тој истакнува дека многу жртви на војните во поранешна Југославија, кои се борат да добијат надомест од нивните држави кои немаат доволно пари и кои се погодени од рецесијата, често имаат чувство на неправда, кога ќе видат како владини пари се слеваат за командантите од боиштата.

„Можам да ги разберам фрустрациите на жртвите кои гледаат како големи суми пари се даваат за одбрана на потенцијални воени злосторници, од кои многумина биле осудени“, истакнува Брамерц.

Disqus

blog comments powered by Disqus