Истражување 25 Jun 13

Југоносталгијата живее преку меморијалните споменици на Тито

Низ целиот Балкан се поставени споменици на некогашниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, а во некои места тие сѐ уште се одржуваат од страна на оние што со задоволство се сеќаваат на старата држава.

Марија Ристиќ
БИРН
Белград, Ужице
 Стотици луѓе секоја година се собираат во музејскиот комплекс на Тито во Белград

Тито почина во 1980 година, а државата со која некогаш владееше набрзо престана да постои. Но, оваа година, на неговиот роденден, стотици луѓе се собраа пред неговиот, со љубов одржуван споменик, мавзолеј и музејски комплекс во Белград, во знак на сеќавање на човекот што важеше за голем државник, кој претседаваше во  помирна и просперитетна ера на Балканот.

Ова е еден од најголемите и најдобро чувани меморијални комплекси во регионот, иако спомениците на Тито на други места во регионот, со распаѓањето на Југославија, доживееја посурова судбина.

Во неговиот дом во селото Кумровец во Хрватска, неговата статуа во 2004 година беше оштетена во експлозија, а подоцна беше обновена, додека во Ужице, западна Србија, што за време на комунистичкиот период беше познат како омилен град на Тито, неговиот лик беше целосно отстранет во 1991 година.

Комплексот во Белград го опфаќа музејот “25 мај“, Куќата на цвеќето и Стариот музеј. Музејот има збирка од над 200.000 предмети што ја илустрираат југословенската историја на 20 век, со посебен фокус на животот на Тито, а во центарот на Куќата на цвеќето се наоѓа неговиот гроб.

Србија годишно троши 52.495.000 динари (477.227 евра) за одржување на споменикот. Мала количина на приходи се добиваат од продажбата на беџови, маици и други ситници со ликот на Тито, што се продаваат во продавницата за сувенири во комплексот.

Портпаролот на музејот, Мирјана Славковиќ, вели дека секоја година околу 80.000 до 100.000 луѓе го посетуваат комплексот.

„Најчесто поставувано прашања од страна на посетителите е, каков е нашиот [српски] став кон периодот на Тито? Тоа е она што ним не им е јасно, што обичните луѓе велат за Тито“, нагласува Славковиќ.

Титовите поддржувачи, што се собраа за да го одбележат неговиот роденден, јасно стават до знаење дека со симпатија ја паметат и Југославија и нејзиниот поранешен лидер.

„Мислам дека тој беше еден од најголемите личности на сите времиња. Каде и да се појавеше, носеше мир. Откако го нема, нема ниту мир, ниту спокој“, рече една жена облечена како титов “пионер“, што од Босна и Херцеговина беше дојдена во Белград во чест на нејзиниот поранешен претседател.

„Во Југославија, под водство на Тито, ние сите живеевме, а сега само преживуваме“, рече таа.

„Тој беше светски човек. Денес на регионот му недостасува неговиот дух. Регионот е полн со омраза, нетрпеливост и регионални разлики“, вели еден постар човек.

Тито мора да воскресне

Многу граѓани на некогашна Југославија се уште тагуваат по поранешниот лидер

Кога на 4 мај 1980 година беше објавено дека Тито починал во Љубљана, огромен број на југословенски граѓани отворено плачеа на улиците.

Иако го обвинуваат за затворање и убивање на политичките противници, дека слабо ја водел економската политика која по неговата смрт ја фрли земјата во економска криза, многумина неговото 35-годишно владеење ќе го паметат како време на мир, верувајќи дека неговата смрт го означила почетокот на распадот на Југославија.

„Една од причините зошто луѓето ги ценат спомениците на Тито, е бидејќи тие се споменици посветени на еден цел период. Мислам дека треба да се чуваат“, вели Емир Филиповиќ, професор по историја на Универзитетот во Сараево.

„Тој беше значајна историска личност, без разлика кој како го гледа“, вели Филиповиќ.

Во српскиот град Ужице, подржувачите на Тито водат кампања за обнова на неговиот споменик. Градот некогаш беше познат како Титово Ужице, поради улогата што ја имаше за време на борбата на југословенските партизани против фашистичките сили, а речиси секоја улица носеше име на партизански борец, додека пет метри високата статуа на поранешниот лидер доминираше на главниот плоштад - Партизански плоштад.

Статуата беше отстранета во 1991 година, кога земјата почна да влегува во војна, и беше ставена во локалниот музеј, но, организацијата што ги претставува поранешните партизани, СУБНОР, неодамна достави петиција до српскиот претседател Томислав Николиќ, за враќање на статуата назад.

Во писмото до Николиќ, СУБНОР бара сегашното раководство на Србија да ги  „врати почестите што Тито ги имал како важна личност во историјата“.

Директорот на музејот во Ужице, Никола Гогиќ, се согласува дека споменикот треба да се врати на главниот плоштад на градот.

„Споменикот беше отстранет илегално, без консултација со релевантни културни институции, па затоа треба да биде вратен“, смета Гогиќ.

Формирана е дури и група која лобира за реставрација на споменикот и многу негови граѓани, дури и некои што не биле ниту родени за време на владеењето на Тито, се согласуваат дека статуата треба да се врати.

„Се разбира дека треба да се врати. Нема причина зошто да биде отстранета. Ние сме горди на нашето анти-фашистичко минатото и затоа Тито треба да се слави на правилен начин“, вели 45-годишниот Миодраг Павловиќ.

„Тој беше еден од најголемите лидери што ги имавме и целиот свет, преку него, знаеше за нас. Сите би биле горди доколку имаат, како дел од нивната историја,  личност како Тито. А ние живеевме подобро во тој период“, вели Драгољуб Савиќ, кој има 37 години.

Југославија не може да се обнови

Идентични статуи на Тито беа поставени и во неколку други места низ цела поранешна Југославија. Една од нив се наоѓаше во Кумровец, пред неговиот поранешен дом.

Но, непознати напаѓачи, во 2004 година, ја уништија, поставувајќи по неа експлозивна направа. Постојат шпекулации дека нападот бил извршен во знак на одмазда за отстранување на спомениците на усташките борци од Втората светска војна, од страна на Владата.

Споменикот сепак е обновен и оваа година илјадници луѓе се собраа во Кумровец да го одбележат неговиот роденден, се слушаа стари југословенски песни, преку поставениот разглас се слушаше говорот на спикерот што ја величаше антифашистичката историја на поранешниот лидер, а по тезгите се купуваа сувенири од Тито.

Неколку споменици на Тито сѐ уште стојат и во Босна и Херцеговина, три од нив во Сараево, додека во македонскиот главен град Скопје, во дворот на училиштето што го носи неговото име се наоѓа мала статуа на поранешниот југословенски водач.

На Косово, речиси сите негови статуи се тргнати, а училиштето во Приштина што го носеше името Јосип Броз Тито, беше преименувано по албанскиот лидер Исмаил Ќемајли.

„Нациите чии права беа нарушени од режимот на Тито, повеќе инсистираа на отстранување на сите негови споменици. Треба да имаме на ум дека за време на режимот на Тито, Албанците не беа секогаш подеднакво третирани како и другите нации“, вели политичкиот аналитичар од Приштина, Бехлул Беќај.

А на роденденската прослава во Белград, беше присутен и Јошка Броз, внукот на Тито и актуелен претседател на Комунистичката партија на Србија. Тој вели дека и покрај носталгијата што многумина ја чувстваат за старата обединета држава, таа не може повторно да биде изградена.

„Имаше неколку обиди да се оживее идејата за Југославија, во Словенија, во Македонија и во Босна. Но, во денешно време е многу комплицирано да се оживее таа идеја“, смета Броз.

Но, тој верува дека духот на Југославија живее и понатаму и дека нејзините народи треба да се држат заедно.

„Не можеме едни без други. Треба да запаметиме дека едни без други не можеме економски да се натпреваруваме со Европа, а само обединети можеме да се натпреваруваме и со светот“, заклучува тој.

Дополнителни информации обезбедија новинарите Елвира М Јукиќ од Сараево, Синиша Јаков Марушиќ од Скопје, Борис Павелиќ од Загреб иЕдона Пеци од Приштина.

 

Disqus

blog comments powered by Disqus

Во слики

поствоените-споменици-на-балканот

Поствоените споменици на Балканот

Фотографот Марко Кројач минал години патувајќи низ поранешна Југославија и документирал речиси 1.000 споменици. Овој избор од неговите слики вклучува повоени статуи и споменици подигнати во чест на герилски борци, жртви на геноцид, историски херои, холивудски актери, па дури и една конзерва со говедско месо.

Галеријата на споменици е направена во соработка со forumZFD

...