Вести 11 Nov 16

Шешељ во Собранието на Србија пушти песна за Трамп

Лидерот на Српската радикална партија (СРП) и обвинет за воени злосторства, Воислав Шешељ, во српското собрание пушти обработка на националистичка песна, со стихови кои го величат Доналд Трамп како херој спасител.

БИРН
Белград
Шешељ, за време на посетата на Џо Бајден на Белград, му изрази поддршка на Доналд Трамп. Фото: Бета

На седницата на Собранието на Србија што се одржа во четвртокот, водачот на СРП, Воислав Шешељ, од својот мобилен телефон на пратениците им пушти преработена традиционална четничка песна, со текст посветен на победата на кандидатот на републиканците за претседател на САД, Доналд Трамп.

Песната со наслов „Србија за Трамп“, го опишува новиот американски претседател како војвода од Њујорк, кој тајно носејќи четничка облека, ќе му донесе слобода на светот.

Песната изразува надеж дека Трамп ќе ги избрка муслиманите од САД и ќе соработува со рускиот претседател Владимир Путин.

Шешељ во средата испрати писмо со кое на Трамп му ја честита победата на изборите.

Во писмото Шешељ се заблагодарува, како што беше објавено, на изјавата на Трамп со која се критикува НАТО бомбардирањето на Југославија во 1999 година и изразува надеж дека со ова се отвара „светло ново поглавје“ во односите меѓу САД и Србија.

„Новоизбран господине претседателе, сѐ додека работите за доброто на Америка и на целиот свет, во Србија ќе имате сојузник за воспоставување на мир и демократски поредок“, се вели во писмото.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), во март го ослободи Шешељ од обвинението за воени злосторства. Случајот сега е во жалбена постапка.

Тој сега е пратеник во српскиот парламент, а најверојатно ќе биде и кандидат за претседател на Србија во 2017 година.

Во септември, Шешељ го „пречека“ американскиот заменик претседател, Џо Бајден, во Белград, со политички протест во знак на поддршка на Трамп.

Во јануари оваа година, Шешељ, ги повика „браќата Срби кои живеат во Америка, да гласаат за Трамп“ на изборите.

Според некои извори, поголемиот дел од нив гласале за Трамп. Неговиот ривал, Хилари Клинтон, не е популарна меѓу Србите, поради улогата на нејзиниот сопруг во НАТО бомбардирањето на Југославија.

Платформата на Шешељ и натаму е проткаена со националистичка реторика и се фокусира на создавање на „Голема Србија“, забавување на напредокот на Србија кон Европската унија и на создавање на поблиски врски со Русија. Тој јавно ги запали и знамињата на НАТО.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Најнови наслови

Дневен преглед