Истражување 23 Dec 13

Хрватска: Поддршка за генералите на татковинската војна

Хрватска потрошила повеќе од 28 милиони евра за одбрана на тројца генерали, обвинети за воени злосторства, додека уште повеќе пари беа обезбедени од приватен фонд за нивна поддршка.

Јосип Ивановиќ
БИРН
Загреб

Во ноември минатата година, хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач, се вратија во Загреб каде што беа пречекани со воодушевување, откако од страна на Хашкиот трибунал беа ослободени од обвиненијата за воени злосторства.

Народот еуфорично прославуваше на главниот плоштад во Загреб, мавтајќи со државни знамиња и држејќи фотографии на генералите и транспаренти на кои пишуваше „Гордоста на Хрватска“, додека низ градските улици ечеа патриотски песни.

Многумина во Хрватска веруваат дека ослободувањето на обвинетите, одлука донесена во жалбена постапка, е триумф на долгорочната стратегија на владата во Загреб,која што одвои огромни средства на нивна одбрана.

Според државни функционери, државата потрошила вкупно 28.145.610 евра финансиска помош за генералите Готовина, Маркач и Иван Чермак, помеѓу 2006 и 2012 година.

Трошоци на државата за одбрана на хрватските генерали

2006: 8.721.608,03 куни (1.187.421 евра)
2007: 8.599.682,35 куни (1.174.018 евра)
2008: 43.910.900,06 куни (5.995.481 евра)
2009: 46.547.594,52 куни (6.371.146 евра)
2010: 48.304.782,58 куни (6.540.932 евра)
2011: 28.828.977,27 куни (3.828.549 евра)
2012: 22.997.633,02 куни (3.048.063 евра)
ВКУПНО: 28.145.610 евра
Извор: Хрватска влада. Пресметано по девизниот курс кој важел последниот ден од секоја година.

Во краткиоте-мејл од владината прес-служба, која го открива износот, испратен до интернет страницата Х-Алтер, се вели дека парите биле потрошени за „правно застапување пред Хашкиот трибунал“ на тројцата обвинети. Не ни беше дадено друго објаснување и не е јасно дали во оваа бројка се вклучени и патните трошоци за нивните семејства или било кои други трошоци.

Сумата потрошена за поддршка на обвинетите босански Хрвати во Хаг, кои поседуваат двојно, босанско и хрватско државјанство, е исто така непознат, ако воопшто постоеле некакви пари што биле потрошени за нив, бидејќи и тоа не е разјаснето.

Но, хрватската влада, и покрај законската обврската на барањето за јавна информација да одговори најмногу за четири недели, таа досега не одговори на дополнителните прашања на БИРН за целосни детали.

Сепак, сумата која изнесува повеќе од 28.000.000 евра, веќе ја стави Хрватска пред сите други поранешни југословенски држави, кога станува збор за исплатата на обвинетите за воени злосторства пред Меѓународниот суд.

За разлика од Србија и Босна и Херцеговина, Хрватска има појасен поглед на нејзиниот конфликт во периодот 1991-1995, кој, генерално, во земјата се гледа како на праведна борба за независност, односно „татковинска војна“, како што е познато.

„Обвинетите имаа масовна поддршка од речиси сите парламентарни партии и државни структури“, рече Свен Милекиќ, од Младинската иницијатива за човекови права со седиште воЗагреб. Тие, исто така, можеа да сметаат на „значителна поддршка“ од јавноста, вели тој.

Иако на јавноста никогаш не ѝ беа дадени точни детали за тоа колку пари потрошила државата, ослободителната пресуда, од врвните политичари и самите генерали, беше сфатена како политички триумф.

Повраќањето во Загреб, Маркач ја оцени пресудата како доказ дека Хрватска не делувала противзаконски за време на војната.

„Обвинетите имаа масовна поддршка од речиси сите парламентарни партии и државни структури“

Свен Милекиќ, Младинска иницијатива за човекови права

 

„Знаев дека нема заеднички злосторнички потфат, знаев дека хрватската војска и полиција ја ослободија земјата на чесен начин“, изјави тој пред насобраната толпа во главниот град, додавајќи дека „сите сега можат да кажат дека хрватското ослободување е [постигнато] без дамка“.

Сегашната централно-левичарска влада признава дека за време на конфликтот 1991-1995, биле извршени воени злосторства, но, исто така, изрази задоволство поради ослободителната пресуда за генералите, иако не даде никаков коментар за парите потрошени во обид да се обезбеди тоа.

„Готовина и Маркач се очигледно невини, но, тоа не значи дека војната не беше крвава, дека грешки не беа направени“, рече премиерот Зоран Милановиќ, по нивното враќање.

Финансирањето на одбраната на генералите не значеше само поддршка што тие ја добија за времена судењето во Хаг.

Фондацијата за вистината за хрватската татковинска војна, беше формирана во 2006 година од страна на сопругата на Готовина, Дуња Злоиќ Готовина, заедно со бригадирот ЖељкоХучиќ и градоначалникот на општина Пакоштане, Миливој Куртов, заради обезбедување на „квалитетна законска одбрана на генералот Анте Готовина и другите обвинети Хрвати во Хашкиот трибунал“, стои на нејзината интернет страница.

Фондацијата, меѓу другото, има за цел и спроведување на „активности што придонесуваат за зачувување и ширење на вистината за татковинската војна“, како и „академски истражувања за татковинската војна како легитимен отпор против агресијата на Република Хрватска“.

Фондацијата, во првата година од своето постоење, според Данијел Котлар, пензиониран воен офицер и претставник на десничарската Хрватска партија на правото од Задар ,кој помогна во промовирањето на иницијативата, успеала да собере 1.100.000 евра.

„Парите собрани од Фондацијата се трошат главно на бројни задачи, како што се преведување и дигитализација на околу 50.000 документи, потребни за правна заштита на генералите“, изјави Котлар во мај 2007 за интернет страницата dalje.com.

„[Поранешната хрватска влада веруваше дека] благородната причина за создавање на национална држава ги оправдува средствата“

Зоран Пусиќ , Граѓански комитет за човекови права.

 

Парите биле собрани преку аукции, вечери, концерти, изложби и други видови на добротворни настани. Но, колку вкупно било собрано или како парите биле трошени, никогаш не беше јавно објавено.

Се известуваше дека хрватските власти потрошиле значителен износ пари за ангажирање на добро познатата американската лоби компанија Патон Богс, во обид да влијае на пресудата, кога Готовина и Маркач ги поднесоа своите, на крајот успешни жалби, против нивните првични пресуди.

„Патон Богс со Хрватска потпишаа договор за месечна сума од 60.000 американски долари, за решавање на прашањата што произлегоа со пресудата од април [ 2011 ]...со која двајцата пензионирани хрватски генерали беа осудените за воени злосторства против етничките Срби“, извести во август 2011 година агенцијата за односи со јавноста, за маркетинг и новинарство, О Двајерс (O'Dwyers).

Интернет страницата на Патон Богс „потврдува дека компанијата работела“ во име на Република Хрватска, пред Апелацискиот совет на Меѓународниот кривичен трибуналза поранешна Југославија, МКТЈ, во случајот “Обвинителот против Анте Готовина“.

Сепак, не е јасно колку долго оваа фирма работела за властите од Загреб и колкава била вкупната сума платена за услугите. Патон Богс не одговори на барањата на БИРН за информации.

Големата финансиска помош за обвинетите е „логичен“ потег за поранешната десничарска влада во државата, која дојде на власт во 90-тите, изјави Зоран Пусиќ, директор на Граѓанскиот комитет за човекови права од Загреб.

Властите во тоа време сакаа да го редуцираат бројот на Срби во Хрватска и веруваа дека „благородната причина за создавање на национална држава ги оправдува средствата“, нагласи Пусиќ.

„Обезбедување на финансиска и медиумска поддршка за „нашите момци“ кои беа „малку повеќе радикални“во постигнувањето на овие цели, е логична последица“, рече тој.

Драган Пјевац, чија 68-годишна мајка била застрелана и осакатена за време наконфликтот во 1993 година, изрази цинизам во врска со мотивите на хрватската влада за плаќање на трошоците за одбраната на генералите.

Мајка му на Пјевац, која починала во селото Читлук, е една од многуте Срби убиени кога хрватските сили ја нападнале областа Медачки џеб, која во тоа време била под српска контрола. Двајца високи офицери, обвинети дека биле одговорни за воените злосторства извршени во оваа област, подоцна во Загреб беа ослободени.

Тој рече дека властите се обидуваат да го “обелат“ нивниот меѓународен имиџ, со финансирање на обвинетите во Хаг.

„Можеби,според нивната кратковидни логика, е попрофитабилно да се брани злосторство“, нагласи тој, обвинувајќи ги властите дека потрошиле многу повеќе за воените лидери,отколку за надомест на оние што страдале.

Оние што беа заклани, интернирани или злоупотребувани, беа избришани од официјално санкционираната слика за праведната и успешна „татковинска војна“, рече тој.

„Каде се жртвите? Сите жртви? Каде се репарациите за нив?“, праша тој.

Disqus

blog comments powered by Disqus