Вести 28 Oct 16

Фатмир Лимај обвинет за воени злосторства

Косовското специјално обвинителство покрена обвинение за воени злосторства против поранешниот герилски командант на Ослободителната војска на Косово, ОВК, и актуелен пратеник, Фатмир Лимај, врзано за убиство на двајца цивили, Албанци од Косово, извршено во октомври 1998 година.

Перпарим Исуфи, Скендер Говори
БИРН
Приштина
Фатмир Лимај. Фото: Бета

Специјалното обвинителство во петокот го обвини Фатмир Лимај за воени злосторства, врзано за убиство на двајца цивили од албанска националност, извршено во октомври 1998 година, во близина на селото Беланица, општина Малишево.

Според обвинението, Лимај како командант на 121-та бригада на ОВК, „не презел разумни и неопходни мерки во согласност со своите надлежности, за да го спречи убиството на Рамиз Хоџа и Селман Биниши“.

Хоџа, од селото Беланица, и Биниши, од селото Бања, во кое што е роден и Лимај, биле киднапирани на 2 октомври, 1998 година, во близина на џамијата во Беланица, а потоа, околу четири километри подалеку, во близина на селото Кравасари, погубени.

Во обвинението се наведува дека Лимај ги видел телата на жртвите и бил свесен за злосторствата, но дека „намерно не презел мерки за пронаоѓање на сторителите и оти никогаш не го пријавил случајот до надлежните органи, за да може да се спроведе истрага и за да може случајот да биде процесиран“.

Лимај денес е претседател на опозициската партија НИСМА (Иницијатива за Косово) и пратеник во Собранието на Косово.

Неговиот адвокат, Тахир Рецај, за БИРН изјави дека го оспорува обвинението.

„Нема докази што го потврдуваат обвинението. Лимај беше командант на 121-та бригада, но во времето на извршување на делото, ОВК немаше никаква структурна организација“, рече Рецај.

Тој тврди дека територијата на која убиствата се случиле „била под контрола на српската полиција и војска“.

Во мај оваа година, обвинителството во Приштина го сослуша Лимај во врска со случај на воено злосторство.

Тој тогаш изјави дека пред специјалното обвинителство дал изјава за злосторство што, наводно, се случило за време на војната во 90-тите и оти се надева дека со ова ќе се стави крај на овој случај.

„Се надевам дека со мојата изјава, мојата работа во овој случај е готова“, им изјави Лимај на медиумите по сослушувањето.

На Лимај досега неколку пати му беше судено за воени злосторства и беше ослободен од сите обвиненија.

Во мај оваа година, Апелацискиот суд на Косово, ја потврди пресудата со која Лимај, заедно со уште девет други поранешни борци на ОВК, беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства извршени над цивили и воени затвореници, во импровизираниот логор Клечка, за време на конфликтот кон крајот на 90-тите.

Хашкиот суд, исто така, го ослободи Лимај во 2005 година, од обвинението за воени злосторства извршени над Срби и Албанци, осомничени за соработка со Србија.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Најнови наслови

Вести 22 Feb 17

Куќен притвор за Оливер Ивановиќ

Дневен преглед