Истражување 08 May 14

Учениците на Балканот учат различна историја за Првата светска војна

Училиштата во земјите од поранешна Југославија, сто години по атентатот во Сараево, учат различна историја за причините за војната 1914-1918, како одраз на неодамнешните конфликти.

Денис Џидиќ, Марија Ристиќ, Милка Домановиќ, Јосип Ивановиќ, Едона Пеци, Синиша Јаков Марушиќ
BIRN
Сараево, Белград, Загреб, Приштина, Скопје

„Тие луѓе биле терористи, Гаврило Принцип и останатите“, вели Салих Мехмедовиќ, стоејќи на Латинскиот мост (Латинска Ќуприја), во срцето на Сараево, на кое пред точно 100 години младиот босански Србин го убил надвојводата Франц Фердинанд од Австро-Унгарија, атентат со кој започна четиригодишен уништувачки конфликт.

Мехмедовиќ, по националност Бошњак, вели дека нема сомнение оти Србија е одговорна за убиството. „Тие го сториле она што го сториле, по наредба од Србија. Ние треба да ја обвинуваме Србија за војната“, смета тој.

И додека балканските држави се подготвуваат ова лето да ја одбележат годишнината од почетокот на Првата светска војна, секоја од нив, во образовната настава, има поинакво толкување за убиството кое било иницијална каписла за конфликтот.

 

Гаврило Принцип, тинејџер и атентатор

Босанскиот Србин, Гаврило Принцип, бил син на поштар, роден во 1894 година во Обљај, Босна и Херцеговина, која во 1908 година била анксирана од страна на Австро-унгарската империја.

Откако се преселил во Белград, ѝ се приклучил на милитантната група наречена „Млада Босна“, која верувала дека насилството може да помогне во ослободување на регионот од Австро-унгарската владеење и во обединување на Јужните Словени. „Јас сум југословенски националист, сакам сите Југословени да бидат обединети, во било каква политичка форма, сакам да бидат ослободени од Австријците“, изјавил Принцип на неговото судење.

Револуционерната ќелија решила да го убие надвојводата Франц Фердинанд од Австрија, кога на 28 јуни 2014 године, со неговата сопруга Софија, пристигнал во Сараево, за да ги посети австро-унгарските вооружени сили. Еден од членовите на оваа група, фрлил бомба кон нивниот автомобил, но, промашил. Подоцна, истиот ден, Принцип ги застрелал и двајцата, чин поради кој Австрија, еден месец подоцна, и прогласила војна на Србија.

Принцип бил обвинет за предавство и убиство, но, според австро-унгарскиот закон, тој не можел да биде егзекутиран, бидејќи немал уште 20 години. Затоа бил осуден на 20 години затвор. Починал од туберкулоза во затвор во Австрија, во април 1918 година.

.

 

Гаврило Принцип, во учебници по историја во земјите од поранешна Југославија, се опишува и како терорист и како бунтовник со причина. Перцепции што ги рефлектираат современите поделби во регион, кој сé уште се опоравува од убиствениот конфликт во 90-тите.

Додека беа дел од Југославија, децата учеа иста историја. Сега сите тие имаат свои верзии на вистината, обликувана од поновите војни, што ја пренесуваат на следните генерации.

„Тие имаа само еден дискурс за Првата светска војна, додека постоеше Југославија. Таа држава се распадна пред 23 години, а со неа и овој дискурс, бидејќи новите држави што произлегоа од поранешна Југославија, имаат различни перцепции за минатото“, објаснува Ненад Шебек, извршен директор на Центарот за демократија и помирување во Југоисточна Европа, кој ги анализирал учебниците во регионот.

„Сега минатото се прилагодува на дискурсот на владејачките елити во овие земји, потребен во овој момент“, вели Шебек.

Босанската настава, слика на етничката поделба


Во етнички поделената Босна и Херцеговина, не постои општ став ниту за Принцип, ниту за она што стои во заднината на Првата светска војна.

Децата, босански Срби, изучуваат поинаква историја од Бошњаците и босанските Хрвати. За Бошњаците и босанските Хрвати, Принцип бил политички атентатор, поддржан од Белград. За босанските Срби, убиството им послужило на Австро-Унгарија и на Германија, само како изговор да извршат воена агресија на Србија.

Овие поделби се рефлектираат и во паралелните комеморации планирани на претстојното одбележување на стогодишнината од почетокот на Првата светска војна, кои ќе се одржат во Босна и Херцеговина.

Латинскиот мост во Сараево каде што бил убиен надвојводата Франц Фердинанд / Фото: Wikicommons.

Во Сараево планирани се серија настани, вклучувајќи изложби, концерти и средби на младите активисти за мир, од целиот свет.

Босанските Срби, пак, планираат свои настани во Вишеград, град во источна БиХ, кои ќе ги води режисерот Емир Кустурица. Планирано е и откривање на споменик на Принцип, кој ќе биде поставен во Источно Сараево, Република Српска.

Во деловите во кои што живее претежно бошњачко население, како што е Сараево, регионот на Бихаќ, во северозападниот дел на земјата или во централната област Зеница-Добој, во учебниците се потенцира врската меѓу Принцип и Србија.

Во учебниците во Сараево се вели дека групата на Принцип, “Млада Босна“, била „поддржана од тајни организации од Србија“. Во Бихаќ, пак, во учебниците уште подиректно се потенцира дека учесниците во заговорот биле „поддржани од Србија“. Во Зеница, “Млада Босна“ е опишана како „терористичка организација“.

И во книгите по историја, што ги користат учениците, босански Хрвати, “Млада Босна“ се опишува како „терористички“ група.

Но, во ентитетот во кој доминира српското население, Република Српска, “Млада Босна“се опишува едноставно како „организација“, а во учебниците стои дека Австро-Унгарија „го искористила“ атентатот на Франц Фердинанд, „за да ја обвини Србија“ и да ѝ објави војна на оваа држава.

Очекувано, слично објаснување на конфликтот е содржано и во учебниците што се користат во Србија.

Жељко Вујадиновиќ, професор по историја од Бања Лука, Република Српска, вели дека она што го гледаме во Босна, „е префрлање на актуелната политичка во минатото“.

Така, сугестиите според кои “Млада Босна“ пред Првата светска војна била „исто што и денес Ал-Каида“, се резултат на конфликтот во 90-тите, тврди тој.

„Карактеризирањето на “Млада Босна“ и на Принцип како терористи е обид, вината за овој голем светски настан, да се префрли на „српската политика за територијално проширување, што е евидентно погрешно“, вели Вујадиновиќ.

Сараевскиот професор по историја, Зијад Шехиќ, се согласува дека менувањето на минатото, е последица на конфликтот во Босна и Херцеговина, 1992-1995.

По распадот на Југославија, Принцип многу почесто се опишува како српски националист, отколку како борец за југословенско единство, истакнува тој.

„Сега кога Југославија повеќе не постои, неговото делување се гледа ограничено и тој сега е српски херој“, вели Шехиќ.

Србија ги нагласува „воените злосторства“ на Австрија

Нагрден графит со ликот на Гаврило Принцип во Белград

Споменик на Гаврило Принцип ќе биде поставен и во српскиот главен град, Белград, каде што учениците учат дека тој бил борец за правда.

Србија, како дел од одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна, ќе излие сребрена монета со ликот на Принцип, а владата ќе организира неколку комеморативни изложби.

Српската православна црква, овој атентатор го прогласи за национален херој. „Гаврило Принцип ја бранел својата слобода и својот народ“, рече неодамна српскиот митрополит, Амфилохије.

„Во Србија, сé уште постои стариот наратив од поранешна Југославија, дека Првата светска војна се случила, бидејќи постоел овој голем херој кој се викал Гаврило Принцип“, истакнува Шебек.

„Тој извршил атентат на надвојводата Франц Фердинанд, кој бил персонификација на окупаторските сили на Австро-Унгарија, по што Австро-Унгарија и германското царство ја нападнале Србија. Храбрите Срби се бореле и страдале во оваа војна, но, тие биле на вистинската страна“, вели тој.

Улица во Белград именувана по Гаврило Принцип

На улицата “Гаврило Принцип“ во Белград, многумина велат дека Србија не ја предизвикала војна 1914-1918.

„Србија била исцрпена по двете балкански војни [1912-1913] и не сакала војна во 1914 година. Првата светска војна била резултат на империјалистичките аспирации на Австро-Унгарија и Германија“, вели Александар Дашиќ, уредник на интернет страница.

„Вината за Првата светска војна ја има Австро-Унгарија, поради нејзините империјалистички желба да го припои целиот Балкан кон својата империја. Србија нема никаква вина заради Принцип“, вели Јелена Чебиќ, продавачка.

Во учебниците во српските училишта, се тврди дека причина за Првата светска војна лежи во „борбата меѓу големите сили за економска контрола и доминација во Европа’.

Во учебникот за седмо одделение, стои дека Австро-Унгарија „го искористила“ атентатот во Сараево како изговор за „долго посакуваната“ војна против Србија, и дека “српската влада не била одговорна за атентатот“.

Атентаторот од Сараево е опишан само како „млад Србин од Босна“.

„Принцип бил дел од движењето “Млада Босна“, кој верувал дека атентатот и личното жртвување, можат да ја сменат австро-унгарската политика кон Србите и кон другите јужни Словени“, пишува во учебникот.

Во поглавјето посветено на херојските победи на Србија и на Црна Гора, извојувани за време на конфликтот, се дава важност на наводните воени злосторства на Австро-Унгарија, извршени против Србите.

„Австриската армија извршила ужасни воени злосторства против српските цивили“, се вели во учебникот, во кој се детализира за масовни притвори во логори, палења на села, тортура на цивили и забрана за користење на српските национални симболи и кирилското писмо.

Но, Дубравка Стојановиќ, професор на Белградскиот универзитет, тврди дека историјата на војната во Србија се изучува „во контекст на националниот мит и толкувањето за Србија како нација која се жртвувала“.

Принцип се користи како инструмент за промовирање на владејачката идеологија, изјавува Стојановиќ.

„За време на [поранешниот лидер Слободан] Милошевиќ, под сликата на Принцип [во учебниците] стоеше: „српски херој“, објаснува таа.

„Повеќе не пишува така, но, стои дека тој бил српски националист, иако тој самиот за себе велел дека е југословенски националист“, заклучува таа.

Хрватска го обвинува српскиот експанзионизам

Учебник по историја во Хрватска

Во училиштата во Хрватска, учат дека Србија била виновна и го помагала започнувањето на конфликтот 1914-1918, бидејќи сакала да ја прошири својата територија, поради што им давала поддршка на терористите. Во хрватските учебници по историја се тврди дека Србија е една од државите, одговорни за почетокот на Првата светска војна.

Иако пишува дека Австро-Унгарија сакала да обезбеди контрола над југоисточна Европа, во учебникот за четврти клас во средното образование, стои дека Србија “сакала територијално да се прошири на деловите што биле под османлиска власт сè до Балканските војни[1912-1913], и дека била погодена со австро-унгарската анексија на Босна и Херцеговина, поради српските територијални претензии кон БиХ“.

“Млада Босна“ е опишана како група која вршела „терористички акции“ и која сакала Србија да ја преземе контролата врз Босна и Херцеговина, со цел создавање на “Голема Србија“.

„Тајна организација која носела назив “Обединување или смрт“(позната и под името “Црна рака“) била формирана во Србија во 1911 година, а нејзината мисија била постигнување на големите српски цели, преку терористички активности“, стои во учебникот.

Во него се додава дека „целта на организацијата, дефинирана во нејзиниот статут, била обединување на Србите“.

Историчарот, Мартин Превишиќ, тврди дека идејата за создавање “Голема Србија“ е тема што се обработува во хрватските учебници уште од почеток на 19-тиот век, а се провлекува и за време на двете светски војни, како и во изучувањето на историјата на поранешна Југославија.

„Оваа теза води до 1991 година и до “Татковинската војна“ [против српските сили во периодот 1991-1995]“, вели тој.

На плоштадот Крал Томислав во Загреб, група родители не се толку сигурни дека вината лежи во Србија. „Идејата за ослободување од Австро-унгарската империја била легитимна, иако е тешко на Гаврило Принцип да се гледа како на херој“, објаснува Драженка Косиќ, една од родителите.

Косово останува неутрално и покрај војната во 90-тите

Учебник по историја во Косово

Родителите во косовскиот главен град Приштина, со свежи сеќавања на насилната репресија на Белград врз косовските Албанци, сметаат дека српската агресија дефинитивно била фактор за избувнување на Првата светска војна

„Целиот свет страдал заради Србија“, вели Ајваз Абази, еден од нив.

„Србија повредила многу луѓе, како и оние од Косово, па оттаму е природно да им даваат големо значење на сопствените криминалци [како Принцип]“, смета родителот, Џевдет Хоџа.

Но, учениците во Косово, всушност, учат историја слична на онаа во старите југословенски учебници, во која Србија се третира релативно со симпатии, како земја што се обидувала да ја избегне војната.

Во делот за Првата светска војна, напишан по конфликтот 1998-1999 помеѓу Ослободителната војска на Косово и силите на Белград, Принцип е опишан повеќе како „српски националист“, а не југословенски, но, во учебниците Србија не се обвинува како држава одговорна за конфликтот.

Опишувајќи го австрискиот ултиматум до Србија, по убиството на Франц Фердинанд, во учебникот стои дека Белград имал легитимни причини за негово отфрлање.

„За Србија, прифаќањето на ултиматумот би значело губење на нејзината независност“, се вели во учебникот.

Арбен Арифи, од косовскиот институт за историја, вели дека постои практична причина за релативно бенигното толкување на улогата на Србија.

„Авторите на учебниците по историја, пред и по независноста, се, повеќе или помалку, истите“, објаснува Арифи.

Но, Шкелзен Гаши, политички научник кој специјализирал историја, тврди дека учебниците во Косово се полни со „невистини, лаги и фалсификати, што ги зголемува сомневањата меѓу учениците во врска со Србија“.

„Србија не е директно обвинета [за започнување на војната], туку индиректно, бидејќи стои дека војната започнала поради атентатот на Франц Фердинанд, кој го извршил Гаврило Принцип, член на српска националистичка организација“, потенцира Гаши.

Македонија ги обвинува големите „империјалистички“ сили

Учебник по историја во Македонија

Учебниците во македонските училишта, го опишуваат конфликтот како „прва светска империјалистичка војна“ и се фокусираат на поделбата на македонската територија што потоа следела. Сепак, Македонците ја обвинуваат, не Србија, туку соседна Бугарија, особено за агресивен експанзионизам.

Македонскиот историчар, Новица Велјановски, не ја обвинува Србија. „Докажано е дека српската држава немала ниту намера, ниту план да го убие надвојводата Франц Фердинанд“, објасни тој. „Затоа, Србија не може да се обвини за почеток на војната“.

Во македонските учебници стои дека Австрија, Италија и Германија биле иницијатори на војната и дека го искористиле атентатот на „тајната револуционерна организација“ на Принцип, како изговор.

„Австро-Унгарија го искористила овој настан да ја обвини Србија за организирање на атентатот, поставувајќи му на Белград ултиматум со речиси неприфатливи услови“, пишува во нив.

Бугарија е обвинета за спроведување на „експанзионистичка политика“ и за приклучување во војната „со цел освојување на целата територија на Македонија“.

Многумина во Скопје, не го обвинуваат Белград за Првата светска војна.

„Зошто Србија? Не. Секој знае дека атентатот бил искористен само како изговор да се започне војна“, изјави Славјан Раденски од Скопје. „Не може една цела земја да се обвини за делувањето на еден човек“, ни рече Миланка Малинова.

Нема надеж за заедничка вистина?

Спомен плочата во Сараево на местото од кое Гаврило Принцип го извршил атентатот

Фото: Мајкл Букер/Wikicommons.

Луѓето што поминуваат покрај местото каде што пред 100 години во Сараево бил убиен Франц Фердинанд, велат дека не се загрижени за тоа што учат учениците за Првата светска војна.

„Не знам и не ми е грижа“, вели Аднан Тепиќ. „Ние треба да заборавиме на толку далечното минато“.

Други сметаат дека треба да се изучуваат само фактите, без никакви предрасуди. „Треба да ги научиме децата дека атентатот се случил, но, треба да му оставиме на секој поединец да си најде свое толкување за тоа“, смета Атија Машиќ.

Но, како што наближува стогодишнината од овој настан, постои мала надеж дека различните етнички и политички групи на Балканот, ќе најдат заеднички став за причините за војната 1914-1918, смета професорот по историја, Зијад Шехиќ.

„Никогаш нема да имаме договор за ова прашање. Ставовите се премногу различни“, вели тој и нагласува: „Никогаш нема да постои заедничка вистина“.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Дневен преглед