Вести 12 Jan 18

Судир помеѓу судијата и еден од обвинетите во случајот Ловас

Судијата и обвинетиoт вербално се судрија откако судењето на српските борци, обвинети за убиство на 70 хрватски цивили во селото Ловас, во 1991 година, беше одложено.

Филип Рудиќ
БИРН
Београд
Специјалниот суд во Белград. Фото: БИРН

Откако во петок повторно се одложи рочиштето во судскиот процес „Ловас“, Зоран Косијер, еден од обвинетите, забележа дека не ги добил записниците од претходните расправи, на што, пред Косијер да заврши, реагираше судијата претседавач.

„Како тогаш можам да се подготвам за завршните зборови?”, го праша Косијер судијата, кој му одговори дека треба да поднесе барање за добивање на транскриптите.

Косијер рече дека се подразбира оти тој требал да ги добие.

Судијата тогаш му кажа да побара објаснување од својот адвокат и го прекина, пред Косијер да заврши со прашањето.

“Нема причина да водиме вакви полемики”, истакна судијата.

Рочиштето, кое требаше да се одржи во Специјалниот суд во Белград, беше одложено, бидејќи обвинетиот, Миодраг Димитријевиќ, не можеше да присуствува, поради тоа што, како што објасни неговиот адвокат, има сериозни проблеми со стомакот.

Ова е четврто по ред одложување на рочиштето во случајот „Ловас“, кое започна во април 2008 година. Следното е закажано за 27 февруари.

Десет поранешни припадници на полицијата, на локалната територијална одбрана, на Југословенската народна армија и на паравоената формација „Душан Велики”, се обвинети за воени злосторства извршени над цивили, како и за убиство на 70 цивили, жители на хрватското село Ловас, во октомври 1991 година.

Во обвинението се вели дека српските сили го освоиле Ловас на 10 октомври истата година, по што почнале да ги тепаат и мачат цивилите.

Седум дена подоцна, на 17 октомври, српските сили, наводно, опколиле и уапсиле околу 70 мажи од селото, на возраст од 18 до 65 години. Дел од нив биле измачувани.

Следниот ден, на обвинетите, Радован Влајковиќ и Радисав Јосиповиќ, припадници на територијалната одбрана, им било наредено, цивилите, како жив штит, да ги однесат на минско поле, се вели во обвинението.

Како што се додава, тие избрале околу 50 заробени цивили и им рекле да тргнат кон блиското поле, за да проверат каде се мините.

Имено, припадниците на единицата „Душан Силни” им кажале на цивилите да се движат во една редица и со нозете да проверат каде има мини. Во ова, наводно, учествувале и Влајковиќ и Јосиповиќ.

Кога еден од цивилите паднал, се чула експлозија, а дел од војниците почнале да пукаат во Хрватите, при што убиле 20 од нив.

Обвинителството соопшти дека на 10 октомври биле убиени 20 цивили, додека другите жртви биле убиени во друг период.

Обвинетите беа осудени во 2012 година, но Апелацискиот суд на Србија во 2014 година ја поништи пресудата и случајот го врати на повторно судење.

Во меѓувреме, четворица обвинети - Љубен Деветац, Драган Бачиќ, Александар Николаидис и Милан Радојчиќ, починаа.

Во март 2017 година, српскиот заменик обвинител за воени злосторства, побара десетмината обвинети да бидат осудени за вкупно 83 години затвор.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Најнови наслови

Дневен преглед