Вести 14 Feb 18

Судење поради малтретирање во логорите на Херцег-Босна

На судењето на поранешните припадници на силите на босанските Хрвати, Маринко Мариќ и Жељко Родин, кои се обвинети дека во 1993 година злоупотребувале цивили и воени затвореници од бошњачка националност, беа презентирани сведочења за малтретирањето и заплашувањето на затворениците во логорите на Херцег-Босна.

Свен Милекиќ
БИРН
Сплит
Габела, местото на кое што во војната во БиХ се наоѓал логор. Фото: Викимедиа/Драган966м.

На судењето на Маринко Мариќ и Жељко Родин, кое во средата се одржа пред Окружниот суд во Сплит, беа прочитани искази на сведоци за малтретирањето во логорите на самопрогласената хрватска државичка во воена Босна и Херцеговина, Херцег-Босна, кое тие и другите затвореници го преживеале.

Мариќ и Родин се поранешни припадници на бригадата „Кнез Домагој” на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), а биле и агенти на хрватската Безбедносна и информативна служба (СИС) во логорите Габела, Силос и Дретељ, лоцирани во западна Херцеговина.

Тие се обвинети за физичко и психичко малтретирање и понижување на бошњачките цивили и воени затвореници во овие логори, во 1993 година. Како последица на тепањето на кое биле подложени, еден затвореник починал.

Поранешниот логорски затвореник, Медин Каплан, од градот Столац, во 1993 година бил член на ХВО. Иако Каплан беше во судницата, судијата го прочита неговиот исказ за малтретирањето кое што тој го преживеал, а кој Каплан го дал во текот на истражната постапка во 2015 година.

Каплан во јануари 1993 година, бил ранет во борбите против српските сили во Столац, а во јули истата година, припадниците на ХВО, кои тој лично ги познавал, го уапсиле пред неговиот дом во Столац. Го одвеле во подрумот на една зграда, каде што заедно со други затвореници, останал два дена.

Оттаму, тој бил префрлен во логорот Дретељ и сместен во „метален контејнер”, заедно со уште петстотини други затвореници, во лоши животни услови и со многу малку храна.

Каплан во исказот нагласува дека пред апсењето, не го познавал обвинетиот Мариќ, но дека другите затвореници му зборувале за него.

„Прв пат го видов во септември (1993), кога дојде во логорот, им ставаше пиштол на главата на затворениците и ги прашуваше за нивните имиња. Тогаш ќе им речеше или да останат или да излезат од контејнерот“, вели Каплан во својот исказ.

„Ми го стави пиштолот на глава и ме праша за името, а кога му одговорив, ми рече да останам”, додава тој.

Каплан објаснува дека затворениците биле „исплашени”, затоа што не знаеле што значело тоа „да останат или да излезат”.

На истражителите им изјавил оти подоцна дознал дека оние на кои им било речено да излезат, биле префрлани во логорот Хелидром, каде што биле користени како човечки штит на фронтот.

На прашањето дали може да го покаже Мариќ во судницата, тој го стори тоа. Тој додаде дека Родин не го познава.

Во септември Каплан бил префрлен во логорот Габела, на границата со Хрватска, а подоцна и ослободен.

Тој нагласи дека поради третманот што го имал во логорите, денес има проблеми со ушите, но и психолошки проблеми.

Во судницата, Мариќ го отфрли делот од сведочењето на Каплан, во кое тој вели оти на затворениците им држел пиштол на глава.

Судијата, Владимир Зивалиќ, во судницата го прочита и исказот на Енвер Бојичиќ, поранешен судија во градот Чапљина, кој не можеше да присуствува на расправата, поради сериозни здравствени проблеми. Овој исказ, тој, во јуни 2014 година, им го дал на иследниците на Државната агенција за истраги и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА).

Според исказот, во 1993 година, припадниците на полициските сили на босанските Хрвати, го уапсиле Бојичиќ и го однеле во логорот Габела, во кој имало и други затвореници, претежно Бошњаци.

Бојичиќ нагласува дека другите затвореници имале „повреди на главата и по лицето”, дека условите во кампот биле лоши и дека затворениците понекогаш со денови немале храна.

Пред апсењето, се вели во исказот, тој Родин го знаел само површно.

За Мариќ изјавил дека го видел кога во една пригода влегол во логорот и удрил еден затвореник.

„Тој (Мариќ) влезе и го удри (затвореникот) Хусо Мариќ, велејќи му да стане. Кога Хусо Мариќ му одговори оти не може, бидејќи „е претепан”, Маринко Мариќ му стави пиштол во уста и му рече дека „не смее така да каже”, туку оти треба да рече дека „падна по скали”, вели Бојичиќ во својот исказ.

По овој инцидент, другите затвореници го предупредиле Бојчиќ дека Мариќ бил „од СИС” и оти е „многу опасен”.

Обвинетиот Мариќ пред судот се спротивстави на сведоштвото на Бојичиќ и додаде дека тој не го удрил затвореникот и дека „само му ставил пиштол на глава”.

Мариќ ќ и Родин имаат и хрватско и босанско државјанство. Во моментов живеат во Сплит.

Обвинителството на БиХ го обвини Мариќ во 2006, а Родин во 2012 година, но не можеше да продолжи со постапката, бидејќи тие живеат во Хрватска.

Овој предмет е еден од ретките кои од правосудството на БиХ, успешно се префрлени во надлежност на хрватското правосудство, врз основа на протоколот за соработка во процесирањето на случаите на воени злосторства, потпишан во 2013 година.

Судењето започна во 2017 година. Двајцата обвинети се изјаснија за невини.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Најнови наслови

Вести 14 Feb 18

Тужба против БиХ за отштета

Дневен преглед