Вести 31 Oct 17

Српски паравојници обвинети за палење на куќи во хрватско село

Окружниот суд во Загреб, осуди во отсуство тројца поранешни српски борци, поради палење на куќи во хрватското село Нова Дренчина, во 1991 година, изрекувајќи им затворски казни од пет и пол, до седум и пол години затвор.

Свен Милекиќ
БИРН
Загреб
Окружниот суд во Загреб. Фото: Викимедиа комонс/Сурадник 13

Окружниот суд во Загреб, во вторник ги прогласи Никола Лаѓевиќ, Предраг Радишиќ и Деан Тишма, поранешни членови на 2. баталјон на вооружените сили на самопрогласената Република Српска Краина (РСК), за виновни за воени злосторства.

Со обвинението се теретеа дека во октомври и ноември 1991 година, ги палеле и уништувале куќите во селото Нова Дренчина, чие население речиси во целост било од хрватска националност.

Им се судеше во отсуство, а се претпоставува дека живеат надвор од Хрватска.

Лаѓевиќ беше осуден на седум и пол години затвор, а Радишиќ и Тишма на пет и пол, малку над минималната казна затвор од пет години.

Судијата, Томислав Јуриша рече дека „палењето на куќите симболизирало дека хрватските селани никогаш не треба да се вратат”.

Судот утврди дека Лаѓевиќ знаел оти неговите подредени ќе го запалат селото, а сепак не направил ништо за да ги спречи, ниту пак потоа за да ги казни.

„Во текот на судењето беше утврдено дека во тоа време (кога на 6 октомври, 1991 година, селото за прв пат било запалено) во селото немало хрватски сили, ниту воени цели и дека сите куќи биле цивилни објекти”, рече Јуриша.

Според него, утврдено е дека Лаѓевиќ бил „формален и вистински командантот на 2. бригада на 2 баталјон” и дека, оттука, бил „одговорен за спречување и санкционирање на злосторствата” извршени од неговите подредени, вклучувајќи ги и Радишиќ, и Тишма.

Судот ја утврди вината на Радишиќ врз основа на фотографии на кои тој, во близина на куќа во пламен, држи метла што гори.

Вината на Тишма делумно била утврдена врз основа на личните писма кој што тој му ги пишувал на својот брат, а во кои ги опишува злосторствата, кои судот ги утврди како веродостојни.

Командната одговорност на Лаѓевиќ, судот ја утврди врз основа на изјавите на сведокот Никола Симиќ, исто така, поранешен паравојник, кој рече дека 2 бригада имала три вода, составена од членови на територијалната одбрана и регрутирани цивили.

Судот утврди дека Лаѓевиќ имал ефективна команда и врз основа на изјавите на другите сведоци, кои рекоа оти тој дал наредба во селото да се постават два тенка.

Судот забележа дека со Радишиќ и Тишма имало уште еден, трет наводен сторител, Предраг Јапранин.

Јуриша објасни дека судот, при донесување на пресудата на Радишиќ и Тишма, предвид зел тоа што во времето на делото и двајцата имале 21 година и оти биле „изманипулирани”.

Посочи дека нивната „наивност, па дури и глупост” се согледува и од писмата на Тишма, во кои тој на својот брат му пишува дека „21 руски МИГ со руски пилоти” доаѓаат да им помогнат на Србите, што, според сите релевантни историски извори, не се случило.

Јуриша додаде дека нивната младост била “голема одговорност за офицерот”, што, пак, се сметало за отежнувачки фактор при донесувањето на пресудата за нивниот надреден, Лаѓевиќ.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Најнови наслови

Дневен преглед