Вести 26 Jan 18

Спор меѓу Србија и Хрватска за изложба за Јасеновац поставена во седиштето на ООН

Загреб го обвини Белград дека шири „лажни информации” со изложбата отворена во седиштето на ООН во Њујорк, за концентрациониот логор Јасеновац.

Филип Рудиќ
БИРН
Белград
Ивица Даќиќ на отворањето на изложбата во Њујорк. Фото: mfa.gov.rs

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, во четвртокот навечер, на отворањето на изложбата за Јасеновац, која се одржува под покровителство на Белград, изјави дека целта на изложбата е да се спречи минимизирањето на жртвите од концентрациониот логор од Втората светска војна во Хрватска, додека Загреб го обвини Белград, дека ги користи жртвите за пропагандни цели.

„Целта на изложбата не е само да ја запознае меѓународната јавност со малку познатото поглавје од Втората светска војна, туку и да предупреди на опасностите од заживување на идеологијата и политичката практика, кои доведоа до овие злосторства”, рече Дачиќ на отворањето.

Но, хрватското Министерство за надворешни работи тврди дека употребата на Јасеновац за „секојдневна политика и пропаганда” е „неприфатлива”.

„Министерството за надворешни и европски работи, го осудува обидот, просторот на ООН, да се користи за манипулација и поставување на лажни информации”, соопшти хрватското Министерство за надворешни работи, пишуваат хрватските медиуми.

Хрватска не прецизираше која информација за Јасеновац е лажна, но рече дека нејзината интервенција ги принудила организаторите да го отстранат “најгрубиот фалсификат (на историјата)” од изложбата.

Српскиот весник „Вечерње новости“ наведува дека проблемот на Загреб е наведениот број на жртвите во логорот.

Според податоците на Меморијалниот центар Јасеновац, помеѓу 1941 и 1945 година, усташкото движење во Јасеновац ликвидирало повеќе од 83.000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти. Некои извори во Србија тврдат дека бројот на жртви е многу поголем.

„Вечерње новости“ пишуваат дека за Загреб е спорна фотографијата на Алојзие Степинац.

По завршувањето на Втората светска војна, Степинац беше осуден за соработка со нацистичка Германија, фашистичка Италија и нивните хрватски сојузници, усташите. Оваа одлука беше поништена од страна на хрватскиот суд во 2016 година.

Изложбата во ООН беше отворена во пресрет на Меѓународниот ден на сеќавањето на Холокаустот, што ООН го одбележуваат на 27-ми јануари.

Концентрациониот логор Јасеновац често е предмет на спор меѓу Загреб и Белград, но ова прашање предизвикува контроверзии и во Хрватска.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Најнови наслови

Истражување 11 Oct 17

Зошто Туѓман го имитираше генералот Франко?

Дневен преглед