Истражување 25 Jun 13

Споменици на етничките поделби

На борци „херои“, жртви на масакр и наводни воени криминалци, низ цела поранешна Југославија им се подигнуваат нови споменици, а многу од нив иницираат спорови, што првично и доведоа до конфликти.

Елвира M. Јукиќ, Синиша Јаков Марушиќ, Милена Милошевиќ, Борис Павелиќ, Едона Пеци, Марија Ристиќ
БИРН
Сараево, Скопје, Подгорица, Загреб, Приштина, Белград
Спомен плоча во чест на припадниците на босанската армија што загинаа во “Добровољачка“ улица

“Добровољачка” улица во Сараево на 3-ти мај: на едната страна од патот, единицата Зелени баретки на босанската армија, АБиХ, одржува церемонија пред спомен плочата поставена во знак на сеќавање на осум војници убиени на овој ден во 1992 година, а од другата страна, официјални лица на Република Српска и семејствата на војниците на Југословенската народна армија, ЈНА, одржуваат комеморација во знак на сеќавање на нивните членови загинати во истиот судир.

Србите, заштитени од кордон на припадници на полицијата на Кантон Сараево, донесоа свој привремен споменик, парче дрво украсено со бели рози, додека Бошњаците поставија трајна спомен плоча, прицврстена за ѕид.

И двете групи имаат својата верзија на вистината.

Според претседателот на организација на Зелени беретки од сараевската општина Стари Град, Вахид Алиќ, судирот што пред 21 година се случи меѓу босанските сили и ЈНА, предводена од српските сили, бил клучен во „отпорот против агресијата на Босна и Херцеговина“.

Според министерот на воените ветерани на босанските Срби, Петар Ѓокиќ, тоа било „воено злосторство против Србите“.

Фактите не беа утврдени ниту со еден судски случај, а ривалските споменици се индикација за горчината на спорот меѓу двете етнички групи, за тоа колку лица беа убиени и кој прв го почнал насилството.

Претходно, понекогаш, за време на паралелните комеморации, избувнуваа и тепачки, но, не и оваа година, иако емоциите сѐ уште се силни, па новинарот на БИРН, за кого по грешка мислеа дека е дел од присутните српски семејства, беше исплукан.

Од конфликтот па наваму, низ целиот Балкан се размножија нови споменици и како што илустрира конфликтот околу настаните во улица Добровољачка, тие понекогаш стануваат предмет на жестоки спорови.

На почетокот на оваа година, етничките Албанци излегоа на улиците на Прешево, Србија, откако Белград со асистенција на полицијата го отстрани споменикот поставен во чест на нивните герилски херои, споменикот на паднатите војници на АБиХ во Мостар беше разнесен во ноќните часови, српските гробови и споменици посветени на Втората светска војна беа уништени на Косово, а врева се крена и околу изградбата на српска православна црква во близина на Меморијалниот центар посветен на геноцидот во Сребреница.

БИРН спроведе регионално истражување по што дојде до заклучок дека стотици нови споменици подигнати на Балканот, честопати резултираа со етнички поделби поставени, буквално, во камен.

Во регион каде што историјата е спорна, спомениците се моќни симболи на минатите конфликти. Оној кој што е ослободител за едната страна, е агресор за другата; победата за едни, значи масовно убиство и етничко чистење за други.

Спомениците се, исто така, идеолошки симболи што политички ги обележуваат јавните површини и територии, и често од страна на владите се користат како алатка за “градење“ на нацијата, а најспектакуларен пример за тоа е случајот со скапото “преуредување“ на главниот град на Македонија, Скопје.

Проблемот е најакутен, таму каде што етничките поделби се најпроблематични и каде што се изградени најголем број споменици, во однос на било кое друго место, а тоа е Босна и Херцеговина.

Сараевскиот професор по транзициска правда, Горан Симиќ, вели дека од неколкуте стотици споменици изградени во Босна по војната 1992-1995, тој не може да наброи „ниту пет што не навредуваат никого“.

„Подобро е да немаме споменици, отколку да имаме такви кои повикуваат на уште еден конфликт и кои не се базирани на факти“, смета Симиќ.

Еден од најпознатите примери е северо-западниот босански град Приједор, во ентитетот населен претежно со српско население, Република Српска.

Споменик на српските војници во Приједор, БиХ

Приједор има неколку споменици во чест на паднати борци на војската на босанските Срби, што за време на војната беше предводена од генерал Ратко Младиќ, кој пред Хашкиот трибунал е обвинет за геноцид.

Властите на босанските Срби во овој град, одбиваат да им овозможат на семејствата на бошњачките жртви на војната, да изградат споменик во знак на сеќавање на неколку илјади загинати муслимански цивили.

„Баравме споменик за сите цивилни жртви, но, дури и тоа со години не ни дозволуваат“, вели Мирсад Дуратовиќ, од бошњачкото здружение на поранешни логорски затвореници, објаснувајќи дека споменикот нема да ја одредува етничката припадност на жртвите, туку ќе ги чествува сите цивили што загинаа.

Еден од најконтроверзните споменици во Приједор е спомен плочата поставена во чест на еден српски војник, на која стои дека тој е првата воена жртва во градот, што загинала во мај 1992 година.

„На плочата пишува дека тој е убиен од страна на муслимански екстремисти или така нешто слично“, вели Дуратовиќ, тврдејќи дека за убиството всушност е одговорен Србин, што дезертерал од Хрватска.

Но, Здравка Карлица, претседател на здружението што ги претставува семејствата на српските воени жртви, тврди дека написот е вистина.

„Во еден стар полициски извештај се вели дека војникот бил убиен од страна на муслимански екстремисти“, вели Карлица.

Вакви поделби се среќаваат низ цела Република Српска, тврди Дуратовиќ.

„Во Трнопоље, на пример, каде што за време на војната се наоѓаше [озлогласен ] логор, е поставен само еден споменик, посветен на српските војници, но, не и на жртвите“, нагласува тој.

Дури и на меморијалните места, како што се гробиштата, се гледа како на “непријателски“ симболи.

Во Вуковар, Хрватска, кој во 1991 година, пред да падне во рацете на српските сили,  се наоѓаше под катастрофална опсада, воените гробишта прво станаа симбол на српскиот триумфализам, а потоа ги оживеаа негодувањата во Хрватска.

Секоја прва сабота во септември, Србите во Вуковар положуваат венци и палат свеќи под крстот во средината на гробиштата, лоцирани во центарот на градот, сеќавајќи се на српските војници и цивили кои што се погребани таму, од кои повеќето беа убиени во хрватскиот напад на касарнатата на ЈНА, во септември 1991 година.

На врвот на надгробните споменици се поставени мермерни интерпретации на традиционалните српски капи, а на натписот пишува: „Починал за татковината“.

Но, откако Загреб целосно ја презеде контролата над Вуковар во 1998 година, Хрватите ги отстранија овие симболи, на кои тие гледаат како симболи на српската агресија.

Барањата за уривање на гробиштата беа отфрлени од страна на хрватските власти, а една од изјавите беше дека „сите гробови се свети“.

Но, спорот и натаму продолжува. Имено, сопствениците на приватното земјиште на кое се наоѓаат гробиштата, се обидуваат да ги дислоцираат несаканите гробници, а српското малцинство во Вуковар настојува да не биде извршена ексхумација на  нивните починати. Ова е уште еден пример за тоа како и натаму опстојува  проблематичното прашање околу чествувањето на воените жртви.

Идеализирани херои

Споменикот на ОВК пред куќата на Адем Јашари во Преказ, Косово

За српските власти во 90-тите, командантот на Ослободителната војска на Косово, Адем Јашари, беше терорист. За многу косовски Албанци, тој бил борец за слобода, познат како “Вујко Адем“, кој стана маченик кога загина во март 1998 година, за време на опсадата на српската полиција, во која загинаа околу 40 членови на неговото семејство.

Куќата Јашари во Преказ денес е еден од најпосетените споменици на Косово и единствениот што е заштитен со посебен закон.

На патот што води кон огромниот споменик од стотици квадратни метри, поставена е слика на герилецот, заедно со зборовите: „Вујко, готово е“, што се однесуваат на добивањето на независност на Косово.

Куќата денес е музеј, а околу 100 метри подалеку, зад една градина украсена со фонтани, се наоѓаат гробовите на семејството Јашари.

„Има многу посетители од цело Косово, но и од регионот. За време на викендите тука пристигнуваат околу 50-60 автобуси“, вели еден припадник на косовските безбедносни сили, што го чува спомен обележјето.

Трите куќи на семејството Јашари се оставени онакви какви што биле во времето на опсадата, изрешетани, со дупки од куршуми и уништени и опожарени од гранатирањето.

Слични споменици на воени герилски “херои“ се изградени низ цело Косово. Во центарот на Митровица, на пример, на еден квадратен километар има три. Некои критичари сепак сметаат дека политичарите ги користат симболите на „славната војна“ во своја корист.

„Парадоксално е што во пракса, политичките партии и поединци, што главно се потпираат на воените вредности, се најбогатите луѓе во ова општество, што своето богатство го стекнале по [крајот на војната во] 1999“, вели Хајрулах Чеку, извршен директор на невладината организација за заштита на културното наследство “ЕК Ма Ндрише“.

Статуата на Адем Јашари во село Радуша во Македонија

Етничките Македонци, пак, не беа многу среќни кога во ноември 2012 година, статуата на Јашари беше поставена во селото Радуша, во близина на македонскиот главен град Скопје.

Бронзената статуа го покажува Јашари како држи пушка и стои на тенк што и припаѓал на македонската армија, но бил одземен од страна на етничките Албанци за време на краткиот вооружен конфликт во државата во 2001 година. Јашари не се борел во овој конфликтот, бидејќи тој веќе беше мртов.

Многумина беа дополнително вознемирени од присуството на целото раководство на помалата владина коалициска партија на етничките Албанци во Македонија, Демократска унија за интеграција, на церемонијата на откривање на овој споменик.

Артан Груби, шеф на кабинетот на партискиот лидер, одби да одговори дали тоа што статуата се наоѓа на македонски тенк влијае лошо на меѓуетничкото помирување.

„Јас не гледам на што статуата стои, туку гледам многу убав споменик“, рече тој.

Спомениците ја покажуваат својата контроверзност и кога борците, исто како и жртвите, добиваат свои статуи.

Во Белград во март 2012 година, на 13-годишнината од бомбардирањето на НАТО, беше откриен споменик посветен на жртвите на војната и на бранителите на татковината 1990-1999.

Поставувањето на споменикот на плоштадот Св. Сава, што белградските власти ги чинеше 62.500.000 динари (625,000 евра), предизвика протести на група активисти што сметаат дека со ова биле навредени цивилните жртви.

Меѓу демонстрантите беше и анти-воената група “Жени во црно“, кои носеа транспаренти со слогани: „Не ги изедначувајте жртвите и касапите“ и „Сакаме споменик на жртвите од Сребреница“.

Снежана Табацки од “Жени во црно“, изјави дека војниците и паравоените волонтери што се бореле надвор од границите на Србија „не можат да бидат [гледани како] бранители, туку како освојувачи“.

„Овие “бранители“ заминаа во војна во други држави, а ние имаме споменик за нив“, рече таа.

Добривоја Станиќ, што во 1995 година избега од Хрватска, вели дека споменикот го инкапсулира односот на државата кон жртвите од војната.

Спомен плочата веќе почнала да 'рѓосува, вели тој, а буквите на неа се толку мали, што не можат да се прочитаат. „А, кога ќе ги видите буквите ја сфаќате страшната вистина во оваа земја, а тоа е дека сторителите и жртвите се исти“, заклучува тој.

Темелите на една нација

Александар Велики на плоштадот во Скопје

Изградбата на споменици стана омилен начин како да им помине времето на владите што се обидуваат на своите млади и историски проблематични држави, да им дадат обновено чувство на идентитет.

Одбрани се современи херои и историски личности за да се создаде идеализирана слика на обединета нација, но, всушност често ги одразуваат политичките идеи на оние што се на власт, игнорирајќи ги вредностите, понекогаш дури и постоењето, на етничките и религиозни малцинства; проектите за обединување можат, исто така, да бидат израз и на поделба.

Никаде на Балканот немало толку концентрирна и раскошно финансирана кампања на изградба на споменици, како во македонскиот главен град.

Големото менување на лицето на градот, финансирано од владата, проект познат како Скопје 2014, досега чинеше 208 милиони евра, од што 10,5 милиони евра беа потрошени само на статуата на Александар Велики.

Донесен да го измени стариот изглед на градот, земајќи инспирација од архитектонските стилови на класичната антика, со проектот Скопје 2014 досега се изградени околу 30 високи бронзени и мермерни статуи, а најавена е изградбата на уште повеќе.

Некои критичари го осудуваат проектот како фрлање на јавните пари, додека речиси сите лидери на етничките Албанци во државата, кои сочинуваат околу една четвртина од населението, сметаат дека проектот е дискриминаторски, бидејќи профилира херои само од мнозинството етнички Македонци.
Со поставувањето на статуата на Александар Велики, употребата на античкиот воин во промоција на една нова визија за македонскиот национален идентитет, беше вознемирена и Грција.

„Проектот [Скопје 2014] ја поларизира државата од внатре, но ѝ штети и на нејзинот меѓународен кредибилитет, па сепак, и покрај критиките, владејачката елита продолжува да поставува бетонски статуи“, вели Софија Харвел, предавач на школата Џексон за меѓународни студии на Универзитетот во Вашингтон и автор на студијата за проектот насловен како „Градење на националната вознемиреност".

Харвел заклучува дека и по повеќе од 20 години по независноста, Македонија и натаму е во процесот на изградба на нацијата.

„Актуелниот конфликт со Грција [околу името на земјата], и понатаму нерешеното прашање на албанското етничко малцинство, како и прашањето за македонската државност низ историјата, во комбинација со тековниот порив  на владејачката елита во Македонија која претендира на поставување национални симболи на јавни места“, вели таа рече.

Владата на Република Македонија, предводена од страна на централно-десничарската партија ВМРО ДПМНЕ на премиерот Никола Груевски, го започна контроверзното преуредување на градот во 2009 година.

Во 2011 година, Владата делумно одговори на некои критики со внесување на споменици на личности од албанската историја во планот за преуредување на главниот град. Албанскиот писател Пјетр Богдани, католичкиот свештеник Јосиф Багери и министерот во првата македонска влада во 1945 година, Неџат Аголи, беа личностите одбрани да бидат дел од проектот, иако досега ниту еден од нив не е изгарден.

Слави го пријателот, осуди го непријателот

Седиштето на југословенската војска бомбардирано од НАТО во 1999 година

Некои влади изградија споменици на странски пријатели, што им помогнале во време на криза, или за да покажат дека им припаѓаат, или би сакале да се приклучат, кон одредени меѓународни политички сојузи.

Статуата на Бил Клинтон во Приштина е таков пример, со која се изразува благодарност до НАТО заради кампањата на бомбардирање во 1999 година и се  изразува надеж за продолжување на американската поддршка; скулптурата на логото на западната воена алијанса во Призрен, Косово, е уште еден таков пример.

Од друга страна, статуата на просрпскиот рускиот конзул од времето на царството,  Григориј Степановиќ Шчербина во Митровица, северно Косово, населена со претежно српско население, го симболизира отпорот кон власта во Приштина, но воедно е и обид да се испрати порака дека Србите имаат свои моќни сојузници, во овој случај Москва, а не Вашингтон.

И сеќавањето кон странските непријатели од минатото е исто така предмет на комеморација: се одбележува годишнината од воздушните напади на НАТО врз Србија, со изразување на почитта кон оние што загинаа во нив: мостот во Грделица, клисура во јужна Србија каде што беа убиени 14 лица, кога силите на НАТО бомбардираа  еден воз, но и во неколку други градови, меѓу кои Ниш, Алексинац, Лесковац и Ваљево, потоа спомен плочата зад зградата на Радио Телевизија Србија во Белград, во која за време на бомбардирањето на НАТО загинаа 16 лица, и уште поспектакуларно, урнатините на седиштето на југословенската народна армија во центарот на главниот град, кој што беше нападнат два пати, и во април и во мај 1999 година.

Бомбардираната зграда во 2005 година беше ставена на листата на заштитени објекти во Србија, но договорено е да биде продадена на инвеститори од Обединетите Арапски Емирати, кои на ова место најверојатно ќе изградат луксузен хотелски комплекс.

„На ова место, во центарот на градот, наместо овие урнатини, ќе биде изградена ексклузивна зграда. Србија, пак, од друга страна, ќе изгради споменик посветен на сите оние што загинаа за време на агресијата на НАТО“, вети српскиот министер за одбрана, Александар Вучиќ, во февруари.

Министерството за инфраструктура на Србија, побара зградата да се тргне од листата на заштитени споменици, тврдејќи дека се работи за опасен објект што може да се урне во лоши временски услови, иако Министерството за култура инсистира зградата да остане во регистарот на наследство.

Но, спомениците посветени на убиените од страна на НАТО, покажува дека Србија ги цени и вреднува своите жртви повеќе од оние за чија смрт е одговорна, вели Сандра Орловиќ, директор на Центарот за хуманитарно право во Белград.

„Со спомениците посветени на нападите на НАТО врз Србија, не се покажува почит кон сите жртви. Кога ќе видиме споменик посветен на сите оние [етнички Албанци убиени од страна на Србите на Косово], што беа закопани само неколку километри од тука, во масовна гробница во Батајница, тогаш ова ќе биде вистински начин на соочување со минатото и сеќавање на жртвите“, вели Орловиќ.

Каква надеж за помирување?

Оштетениот споменик на “помирувањето“ во Подгорица

Иако голем број на пост-воени споменици на Балканот, се израз на различните погледи на историјата, има некои обиди да се направат споменици што активно би го промовирале помирувањето.

Еден таков е стаклениот споменикот во паркот Побрежје, во црногорскиот главен град Подгорица. Неговиот натпис гласи: „На цивилните жртви од војните во поранешна Југославија во периодот меѓу 1991 и 2001 година - никогаш да не се повтори“.

Споменикот беше поставен на 11 јули 2011 година, на годишнината од геноцидот во Сребреница. Според Министерството за култура, тој ја изразува „посветеноста на  целото општество кон општо прифатените принципи на правдата“ и решеноста на Црна Гора „да ја изгради својата држава врз основа на почитување на принципите на владеење на правото, толеранцијата и човековите права“.

Но, откако беше свечено отворен, па до денес, тој беше три пати оштетен, а стаклото сега е испукано и изгребано.

Обидот за помирување на сегашната про-европска власт во Хрватска, која, како земјата се приближи кон ЕУ, се  дистанцира од националистичкиот став на претходната влада, се најде во неволја.

Имено, во јули 2010 година, хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ откри споменик на антифашистичкото востание во малото село Срб, во близина на босанската граница, настан што во поранешна Југославија се славеше секоја година.

Претходниот споменик на востанието, во 1995 година, беше уништен од страна на група вандали, но хрватската влада ја финансираше неговата реставрација со околу 400.000 евра, а приватни донатори од Србија го набавија каменот и дадоа околу 100.000 евра.

Но, кога Јосиповиќ свечено го откри споменикот, стоејќи рамо до рамо со хрватските владини претставници и претставници на Србите во земјата, група од десетици десничари облечени во црни кошули демонстрираа во близина, тврдејќи дека востанието во Срб било „здружен четничко-комунистички бунт против хрватската држава“.

Во меѓувреме, во Македонија, покрај сегашниот бран за градење на споменици  финансирани од државата, властите не прават напори за подигање на споменик што на било кој начин би ги обединил, а не поделил, двете главни заедници.

Сепак, на Фејсбук беше покрената кампања со која во април беше упатен повик до кандидатите за градоначалници во Скопје, да изградат споменик во чест на 19-годишниот етнички Албанец, Мухамед Али Јашари, што беше убиен во април 2011 година, додека се обидувал да го заштити својот пријател Македонец од тројца напаѓачи.

„Чувањето на сеќавањето на момчето, ќе придонесе за единство меѓу сите луѓе кои живеат во Скопје и во Македонија“, пишува на страницата на Фејсбук, креирана за оваа кампања.

„Тоа ќе биде пример за другите деца, пример за нивните врсници да не подлегнуваат на националистичката пропаганда и етничките поделби“, стои во објавата.

Јашари почина на 8 април 2011 година, во дворот на средното училиште “Здравко Цветковски“ во Скопје, кога во обид да му помогне на својот пријател Дарко Јанчев, бил удрен од тројца насилници.

Но, откако првично се согласија дека споменикот е добра идеја, ниту еден од локалните кандидати на изборите, вклучувајќи го и реизбраниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, не покажа натамошен интерес.

Слична кампања беше иницирана во февруари во Белград, со која се бараше, една од улиците во градот да го носи името на уште еден млад човек, што беше убиен заради етнички предрасуди, Срѓан Алексиќ.

Алексиќ, босански Србин, беше убиен во 1993 година во неговиот роден град Требиње, во БиХ, кога се обидел да му помогне на својот пријател муслиман, кого го тепале српски војници што биле во потрага по муслимани на локалниот пазар.

„Тој е веќе неформален херој во регионот“, рече Сузана Милосављевиќ, иницијатор на петицијата во Белград.

Приказната за отпорот на Алексиќ, во време кога Србите и Бошњаците беа лути непријатели, се прошири низ цела поранешна Југославија. Неговото име веќе го носи една улица во Панчево, во Србија, а спомен плочи во негова чест се откриени во Требиње и во Сараево, БиХ.

Написот на спомен плочата на Алексиќ во босанскиот главен град е еден од најпознатите трогателни написи како начин за изразување на почитта кон идејата за меѓуетнички мир на Балканот, но, и пример за тоа како спомениците можат да промовираат  помирување наместо зајакнување на поделбите што доведоа до војна.

Натписот гласи: „Без луѓе како Срѓан Алексиќ и неговите херојски дела, би ја загубиле надежта во човечноста, а без неа нашиот живот не би имал смисла“.


 

 

 

 

Disqus

blog comments powered by Disqus

Во слики

поствоените-споменици-на-балканот

Поствоените споменици на Балканот

Фотографот Марко Кројач минал години патувајќи низ поранешна Југославија и документирал речиси 1.000 споменици. Овој избор од неговите слики вклучува повоени статуи и споменици подигнати во чест на герилски борци, жртви на геноцид, историски херои, холивудски актери, па дури и една конзерва со говедско месо.

Галеријата на споменици е направена во соработка со forumZFD

...