Анализа 31 Jan 18

Политичка игра со бројот на жртвите од логорот Јасеновац

Политички мотивираното преувеличување на Србија и потценувањето на Хрватска, на бројот на жртви во концентрациониот логор Јасеновац, немаат научна основа, покажуваат истражувањата.

Свен Милекиќ БИРН Загреб
Ивица Дачиќ, на отворањето на изложбата во ООН. Фото: Бета, Министерство за надворешни работи на Србија

Бројот на жртви во логорот од Втората светска војна, Јасеновац,управуван од усташкото движење, повторно е предмет на спор меѓу Загреб и Белград.

Со децении, политичари, академици и други личности од Хрватска и од Србија, дебатираат за бројот на жртви од овој логор, манипулирајќи со бројки од 1.500 до 1.1 милион жртви.

Сепак, и покрај различните тврдења од Хрватска и од Србија, постојат и потврдени факти на реномирани институции и експерти, кои даваат веродостојна проценка на бројот на убиени во логорот.

До последниот спор дојде кога Хрватска протестираше против изложбата за Јасеновац, која во четвртокот Србија ја организираше во седиштето на ООН во Њујорк, тврдејќи дека настанот се злоупотребува за политички цели – заради идентификување на Хрватска со фашизмот и уривање на нејзиниот меѓународен имиџ.

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, ги отфрли овие тврдења и побара од хрватски премиер, Андреј Пленковиќ, да каже кој народ имал најголем број на жртвите во Јасеновац, и јасно да каже кои се тие жртви.

„Како што Пленковиќ оди во Ерусалим, за да се поклони во Јад Вашем, очекувам да го стори истото и во Хрватска, во Јасеновац, и јасно да дефинира и да каже кои биле жртвите. Дали е тоа 50.000, 100.000 или 700.000?“, рече Дачиќ во петокот.

Дачиќ имплицираше дека хрватските политичари се обидуваат да ги минимизираат злосторствата извршени во логорот и бројот на жртви. Пленковиќ досега не даде никаков коментар.

Хрватскиот политички аналитичар, Жарко Пуховски, вели дека постојаниот спор меѓу двете држави околу Јасеновац, има свои корени во војната од 90-тите.

„Хрватска зазеде став обидувајќи се да ги минимизира жртвите од Јасеновац ... додека Србија се однесува како таму да биле убивани само Срби”, вели Пуховски.

Визијата за етнички чиста држава

На затвореник, Евреин, му се одземаат личните работи. Фото: Викимедиа комонс, Еврејски историски музеј во Белград

Независната држава Хрватска, НДХ, профашистичка држава на чие чело во Втората светска војна беше усташкото движење, а која го покривала поголемиот дел од територијата на денешна Хрватска, цела Босна и Херцеговина и мал дел од Србија, имала околу шест милиони граѓани: околу 3,5 милиони Хрвати, 1,8 милиони Срби и 700.000 Бошњаци.

Во својата визија за етнички чиста држава, во која Бошњаците ќе се сметаат за Хрвати од исламска вероисповест, НДХ, по нејзиното формирање во 1941 година, почнала да ја ги таргетира Србите, како и малцинствата во државата, Евреите и Ромите.

НДХ во април 1941 година, донесе закон против „неариевците“, Евреите и Ромите, базиран на нирнбершките нацистички закони.

Србите, кои во правните документи на НДХ биле нарекувани „источни Грци“, не биле „неариевска“ раса, туку биле индиректно прогонувани, врз основа на други закони, кои се однесувале на непријателите на НДХ.

Генералната идеја, како што истакнувале некои водечки официјални лица на усташкото движење, била да се ликвидира една третина од Србите, една третина да се депортира, а останатата третина да станат католици. Така, околу 100.000 Срби биле покатоличени.

Јасеновац, најголемиот логор во усташкиот логорски систем, бил отворен кон крајот на август 1941 година и бил оперативен до крајот на април 1945 година.

Јасеновац се состоел од пет подлогори. Едниот од нив бил Стара Градишка, австроунгарска тврдина, која во 19 и 20 век, многубројни режими ја користеле како затвор.

Поименичен список на жртвите

Скулптура на југословенскиот скулптор, Душан Џамоња, во Меморијалниот центар Јасеновац. Фото: Викимедиа комонс, Фламард

Меморијалниот центар Јасеновац, во 2000-тите започна да работи на составување на список на сите затвореници во овој логор, кои биле убиени или починале во него, користејќи поименични постоечки списоци, документи, потврди за смрт и верификации од страна на семејствата.

Меморијалниот центар состави најопширна листа досега, која именува 83.145 жртви.

Од нив, по националност, според оваа листа, 47.627 биле Срби, 16.173 Роми и 13.116 Евреи. Останатите биле Хрвати, Бошњаци и други. Оние кои не биле Срби, Роми и Евреи, биле убиени, бидејќи биле антифашисти, вистински политички непријатели, или оние за кои се претпоставувало дека се непријатели.

Од овој број, 39.570 биле возрасни мажи, 23.474 возрасни жени и 20.101 деца.

Според Меморијалниот центар, оваа бројка не е конечна. Не исклучувајќи ја можноста за грешки на овој список, центарот проценува дека вкупниот број на жртви е помеѓу 80.000 и 100.000.

Во овие рамки се движат и проценките на други институции, како што се Музејот на жртвите на геноцидот во Белград (80.022), Меморијалниот музеј на холокаустот во Соединетите Американски Држави (помеѓу 77.000 и 99.000) и центарот Симон Визентал (85.000). Последните две институции не нудат поименични списоци на жртвите.

Во однос на бројот на Евреи, Јад Вашем нуди поименичен список на 16.196 жртви.

Хрватскиот историчар, Иво Голдштајн, во својата книга „Холокаустот во Загреб“, објавена во 2001 година, вели дека најверојатно бројот на еврејските жртви бил близу 17.000.

Неодамна починатиот хрватски писател, Славко Голдштајн, во својата книга „Јасеновац: трагедија, митоманија, вистина“, пишува дека разликите се должат на податоците од Јад Вашем, кои вклучуваат и Евреи што станале католици, а кои потенцијално биле класифицирани како не-Евреи и Евреи кои биле бегалци од нацистичка Германија, за кои не постоело сеопфатно истражување.

Игра на броеви: Преувеличувањето на Србија

Во меморијалниот центар Долна Градина поставени се табли на кои е напишано оти бројот на жртви е 700.000. Фото: Викимедиа комонс/Никогаш да не се повтори

Некои српски историчари сметаат дека бројот на жртвите во Јасеновац, е поголем. Така, српскиот историчар, Владимир Дедијер, во биографијата на Јосип Броз Тито, издадена во 1984 година, вели дека бројот на жртви е 700.000.

Босанскиот социолог и историчар, Радомир Булатовиќ, пак, сугерира дека се работи за 1.1 милиони луѓе.

За споредба, 1,1 милиони лица биле убиени во најголемиот нацистички логор на смртта, Аушвиц. Јасеновац, пак, никогаш немал механички систем на истребување, како што биле гасните комори во Аушвиц. Затворениците во Јасеновац, најчесто биле убивани со огнено оружје или биле претепувани до смрт.

Сепак, извори од Србија, даваат многу повисоки проценки од оние на Меморијалниот центар Јасеновац.

Така, во 2011 година, Меѓународната комисија за вистината за Јасеновац, невладини организација од босанскиот ентитет Република Српска, РС, проценува дека бројот на жртви е над 800.000.

Според Меморијалниот центар, Доња Градина, исто така од РС, нивниот број е околу 700.000.

Првата југословенска комисија, која во 1946 година направила листа на злосторствата на Оската и нивните локални соработници, проценила дека во Јасеновац биле убиени меѓу 500.000 и 600.000 луѓе.

Во 1960 година, во Енциклопедијата на Југославија, се наведува бројка од 700.000 жртви.

Сепак, ниту една од овие проценки не е базирана на поименични списоци.

Хрватскиот демограф, Владимир Жерјавиќ, проценува дека вкупниот број на жртви во Југославија, за време на Втората светска војна, бил нешто повеќе од еден милион луѓе.

Користејќи демографски методи, статистички податоци и различна документација, Жерјавиќ, како што вели, дошол до сознанија дека бројот на жртви во Јасеновац, бил меѓу 80.000 и 90.000 лица.

Босанскиот статистичар, Богољуб Кочовиќ, наведува сличен број на жртви како и Жерјавиќ, кога станува збор за жртвите во цела Југославија.

Жерјавиќ, во својата книга „Опсесии и мегаломанија во врска со Јасеновац и Блајбург“, објавена во 1992 година, објаснува дека преувеличувањето на бројот на жртвите се должи на бројот на жртви што во 1946 година, Југославија го поднела до Комисијата за репарации во Париз - 1,7 милиони лица. Оваа бројка подоцна се користела како основа за добивање на репарации од Германија.

Ова го истакнува и Иво Голдштајн, во својот научен текст „За бројот на жртвите од логорот Јасеновац“.

Игра на броеви: Потценувањето на Хрватска

Фрањо Туѓман сметаше оти бројот на жртви е меѓу 30.000 и 40.000. Фото: Бета

Во Хрватска има наводи дека бројот на жртви е помал од оној на Меморијалниот центар Јасеновац - 83.145.

Во книгата на хрватскиот претседател и историчар по професија, Фрањо Туѓман, „Ужасите на војната: историска реалност и филозофија“, објавена во 1989 година, се посочува дека бројот на жртви е помеѓу 30.000 и 40.000.

Во 1992 година, за време на војната, хрватскиот парламент формирал комисија за истражување на сите злосторства извршени за време на Втората светска војна и во времето на Југославија.

Извештајот на Комисијата од 1999 година вели дека вкупниот број на жртви во Јасеновац, изнесува 2.238. Парламентот не бил задоволен од работата на комисијата и го вратил нејзиниот извештај на доработка, но тоа никогаш не било направено.

Најновата проценка доаѓа од невладината организација од Загреб, Друштво за истражување на тројниот логор Јасеновац. Организацијата тврди дека комунистите, по Втората светска војна, во Јасеновац, на местото на поранешниот концентрационен логор, основале два. Овие наводи немаат поддршка во повеќето историски документи, ниту пак кај историчарите.

Оваа невладина организација, во која нема многу професионални историчари, го потценува вкупниот број на жртви во Втората светска војна, и вели оти се работи за 1.500 жртви, од кои повеќето починале од болести и како последица на малтретирањето, а не поради тоа што биле егзекутирани. Во 2017 година, оваа организација добила 5.600 евра од хрватското Министерство на бранители, за истражување на архивски документи од Јасеновац.

Профилот на оваа организација стана актуелен, по филмот на контроверзниот режисер, Јаков Седлар, „Јасеновац – вистината“, прикажан во 2016 година, во кој се зборува за нејзината работа. Филмот го пофали тогашниот хрватски министер за култура, Златко Хасанбеговиќ, додека критиките беа насочени кон фактичките грешки и употребата на неверодостојни документи.

Ниту една проценка од Хрватска, освен онаа на Меморијалниот центар Јасеновац, не користи научни методи, ниту пак ги зема предвид сите историски извори.

Disqus

blog comments powered by Disqus