Истражување 25 Jun 13

Политичарите ја преземаат контролата врз историјата на Албанија

Со забрзано трошење мотивирано од политички амбиции, во пресрет на изборите оваа година, во Албанија беа поставени серија на споменици на контроверзни историски личности со сомнителни естетски вредности.

Бесар Ликмета
БИРН
Тирана
Статуата на кралот Зог во Тирана / Фото: Бесар Ликмета

За време на прославата на 100-годишнината од независноста на Албанија, во ноември минатата година, властите открија серија статуи и споменици што чествуваат историски личности што придонеле за државноста на земјата.

Огромниот број на споменици, повеќе од 20, е најголемата инвестиција во комеморативната уметност, што Албанија ја доживеа во последниве децении. Трошоците на оваа иницијатива поддржана од државата, за јавноста сепак, остануваат необјавени и непознати.

Меѓутоа, изборот на споменици и историски личности, што со нив беа овековечени, беше спроведен од политичарите, кои ја икористија оваа пригода за подобрување на својата агенда и за зајакнување на јавните симпатии кон нив, пред парламентарните избори оваа година.

Наместо чест на животното дело на личностите што беа одбрани, статуите се претворија во инструмент за натамошно поларизирање на албанската, веќе затруена, политичка клима, со што растеше новородениот национализам на премиерот Сали Бериша.

„Големата желба на владата да инвестира во нови споменици за стогодишнината од независноста, беше мотивирана од напорите на премиерот Сали Бериша да се претстави како националист пред изборите“, вели Бен Андони, уредник на културниот додадток на дневниот весник “Газета Шќиптаре“.

Статуа на кралот Зог беше подигната на булеварот што го носи неговото име, во близина на железничката станица во Тирана, додека статуата на основачот на Албанија, Исмаил Ќемали, беше преместена од националниот музеј во паркот во близина на парламентот.

Друга статуа на Ќемали беше подигната на плоштадот на независноста, во јужниот град Валона, а негова биста беше откриен во градот Драч.

Ќемали беше отомански државник, кој претседаваше со прогласувањето на независноста на Албанија во Валона во 1912 година, за време на Првата балканска војна, по ненадејниот колапс на Отоманската империја во Европа.

Зог бил воен командант што ја презел власта во Тирана во 1924 година, се прогласил за крал во 1928 година и владеел со Албанија се до нападот на Италија во 1939 година.

Статуата на неговиот главен непријател, поранешниот премиер Хасан Приштина, чија асигнација Зогу ја наредил во 1933 година, е подигната на еден друг плоштад, само неколку стотини метри подалеку.

Споменикот посветен на 100 годишнината од раѓањето на државата Албанија, моделиран како куќа поделена на два дела, дело на архитектите Висар Обрија и Каи Киклас, беше поставена во централниот младински парк во Тирана.

А на заобиколницата на влезот во градот, беше поставен челичен двоглав орел, донација на бизнисмен, етнички Албанец од Македонија. Бистата на косовскиот герилски водач Адем Јашари беше заменета со статуа на загинатиот борец.

Последната статуа што беше откриена на 8 декември, беше статуата на Азем Хајдари, пратеник на Демократската партија и лидер на анти-комунистичката младина, убиен во 1998 година во, до ден денес, мистериозни услови.

Големиот проект на владата

Нејасно е колку вкупно чинат овие споменици. Владата објави бројка од некои пет милиони евра потрошени за одбележување на годишнината од независноста, во кое беа вклучени и организирањето на забави, паради и концерти.

Некои дела биле платени од локалните општини или финансирани од локални бизнисмени.

Сепак, овие инвестиции во јавната уметност се најголемите инвестиции по падот на комунистичкиот режим во 1991 година.

Режимот, што владееше во Албанија речиси половина век, инвестираше доста во споменици, како поткрепа на марксистичката идеологија и култот на личноста на поранешниот диктатор Енвер Хоџа.

Масивни статуи на Хоџа, Ленин, Сталин и херои на работничката класа, што некогаш ги красеа албанските плоштади, беа урнати по падот на комунизмот.

Иако локалните набљудувачи не очекуваат иста судбина и за спомениците подигнати во знак на стогодишнината од независност на државата, нагласуваат дека политизацијата на селективниот процес отуѓила многу Албанци.

Тие веројатно нема да бидат значајни за идните генерации, сметаат аналитичарите, поради идеолошкиот и административен хаосот што ја карактеризира албанската влада и нејзините институции.

„[Треската на градење споменици] промовира контроверзни политички фигури кое воделе политика на подвојување, истакнувајќи ја идеолошката конфузија на елитата на Албанија“, вели Андони.

Албанија нема посебен закон со кој се регулираат критериумите за изградба на споменици. За да може еден споменик да биде изграден, потребно е одобрение од страна на локалниот градски совет, а општините ги сноси трошоците и нудат насоки за уметниците.

Меѓутоа, изборот и финансирањето на поголемиот дел од спомениците, откриени за време на прославата, беше спроведено од страна на централната власт.

Владата формира министерска комисија што ги избра историските личности во чија чест се подига споменик, а го имаше и последниот збор во одобрувањето на уметничките дела.

Во комисијата, предводена од премиерот Бериша, беа вклучени неколку министри, потоа гувернерот на Централната банка Ардиан Фулани, претседателот на Академијата на науките, шефот на институтот за албанологија, директорот на Државниот архив и директорот на Националната библиотека на Албанија.

Според Андони, комисијата не само што ги исклучила историските личности што се сметаат за левичари, туку, исто така, одобрила уметнички дела што имаат малку респект кон ортодоксноста на комеморативната уметност.

„Некои личности како епископот Фан Стилиан Ноли и Бајрам Цури беа исклучени како левичарски политичари“, рече Андони.

„Кралот Зог, пак, е портретиран како освојувач во церемонијална воена облека, а сите знаеме дека тој ја напушти Албанија непосредно пред италијанската инвазија, заради што многумина го сметаат за предавник“, додаде тој.

Ноли, поранешен премиер и основач на албанската автокефална Православна црква, ја предводеше т.н. демократска револуција во 1924. Тој беше поет, историчар, преведувач и писател, што се обидел да го реформира феудалниот политички систем на Албанија, со наметнување на социјални реформи. Сепак, Бериша последниве неколку години го етикетира како лидер што извршил државен удар и како комунист, а го величи кралот Зог за неговите успеси во зајакнување на албанската држава, често игнорирајќи дека за време на својот мандат тој бил автократ што ги убивал политичките непријатели.

Статуи и калашникови

Нападите на Бериша усмерени кон Ноли и неговите пофалби упатени кон Зог, дојдоа до израз по немирите во Тирана на 21 јануари 2011 година, кога четворица опозициски демонстранти, беа убиени од страна на Републиканската гарда.

Бериша изјави дека немирите биле обид за државен удар од страна на социјалистичката опозиција, градејќи историска аналогија со револуцијата на Ноли против владата на Зог во 1924.

Според Андони, Бериша ја промовирал изградбата на неколку споменици и статуи на убиениот пратеник на Демократската партија, Азем Хајдари, но во служба на неговите политички потреби.

Хајдари бил студентски активист што ги предводел протестите против комунистичкиот режим во 1991 година. Контроверзна политичка фигура, често во судир со неговата сопствена партија и со Бериша. Беше убиен на 13 септември 1998 во Тирана, надвор од седиштето на Демократската партија.

Бериша веднаш ја обвини претходната влада предводена од социјалистите и нејзиниот премиер, Фатос Нано, за нарачување на политички атентат.

Следниот ден неговите поддржувачи со калашникови и ракетни гранати упаднаа во владините канцеларии, заземaјќи неколку институции за само неколку часа, а потоа под меѓународен притисок се повлекоа.

„Зголемувајќи го митот на Хајдари, додека тој се уште е контроверзна фигура, Бериша не му направи никаква услуга“, вели Андони.

Опозицијата, која немаше збор во процесот на селекција на спомениците поставени за прославата, ја обвини владата за лошо планирање и незнаење.

„Јас никогаш не сум чул за влада која прво го претставува проектот за изградба на споменик, а потоа бара место каде што ќе го изгради“, рече лидерот на опозицијата Еди Рама, откако проектот на Киклас и Обрија беа прогласени за победници на конкурсот во април 2012.

Андони се согласува со ова, тврдејќи дека голем број споменици од овој период, биле поставени на погрешно место, а понекогаш и лошо изработени.

„Причината за ова главно лежи во краткиот рок на конкурсите и брзањето спомениците да се подигнат“, рече тој.

Спомениците поставени во чест на одредени поединци или во служба на политички системи, често не го издржуваат тестот на времето“, предупреди тој.

 

 

Disqus

blog comments powered by Disqus

Во слики

поствоените-споменици-на-балканот

Поствоените споменици на Балканот

Фотографот Марко Кројач минал години патувајќи низ поранешна Југославија и документирал речиси 1.000 споменици. Овој избор од неговите слики вклучува повоени статуи и споменици подигнати во чест на герилски борци, жртви на геноцид, историски херои, холивудски актери, па дури и една конзерва со говедско месо.

Галеријата на споменици е направена во соработка со forumZFD

...