Вести 02 Apr 15

Палењето на хрватското знаме ги зголеми тензиите меѓу Хрватска и Србија

Откако јавно го запали хрватското знаме, обвинетиот за воени злосторства, Воислав Шешељ, дополнително го испровоцира Загреб со изјавата дека сака да се врати во Хрватска „вооружен, качен на тенк“.

Свен Милекиќ
БИРН
Загреб
Шешељ го пали хрватското знаме во Белград / Фото: Бета

Лидерот на Српската радикална партија, Шешељ, во четврток повторно ја употреби својата националистичката реторика, во намера, како што рече, да ја испровоцира Хрватска, само еден ден откако Загреб го повлече својот амбасадор од Белград, во знак на протест поради инцидентот со палење на хрватското знаме.

„Во Хрватска еден ден ќе отидам вооружен, на тенк, за да ја ослободам Република Српска Краина [самопрогласена српска државичка која постоела во војната во 90-тите]“, рече Шешељ, во интервју за босанското списание „Дани“.

Министерство за надворешни работи на Хрватска, во средата соопшти дека „говорот на омраза, воена реторика и симболи“ на Шешељ, им штетат на односите во регионот, го повика својот амбасадор назад на консултации и му вложи, како што рече, „остар протест“ на српскиот амбасадор во Загреб.

Шешељ го запали знамето на митинг во Белград, одржан откако судот на ООН за воени злосторства во Хаг, ја отповика одлуката за привремено ослободување на Шешељ заради лекување, и му нареди да се врати во притвор во Холандија, каде што треба да му биде изречена пресудата.

Лидерот на Српската радикална партија, во неколку наврати изјави дека, сепак, тој нема да се врати доброволно и дека властите во Белград ќе можат да го вратат само со сила.

Хрватскиот министер за внатрешни работи, Ранко Остојиќ, на владина седница во четврток изјави дека српската администрација треба „да ги почитува одлуките на Хашкиот трибунал, како што Хрватска ги почитувала“.

Обвинителството во Белград покрена кривична постапка поради палење на знамето против Шешељ, потег што Загреб го поздрави.

Српскиот премиер, Александар Вучиќ, поранешен висок член на партијата на Шешељ, се обиде да го минимизира инцидентот, како чин на маргинални екстремисти, кои немаат свои претставници во парламентот.

„Сликите на палење на знамето се лоши слики од Белград и од она што можеме да го кажеме е дека тоа нема врска со државата“, рече Вучиќ во средата.

Сепак, коментарите на српскиот министер за труд, Александар Вулин, предизвикаа дополнително незадоволство во Хрватска.

Вулин во средата го повика хрватскиот премиер, Зоран Милановиќ, да дојде во Србија и да се сретне со „250.000 [лица] протерани за време на [операцијата] Бура“, воена офанзива на силите на Загреб извршена во август 1995 година, со која беше вратена хрватската територија претходно одземена од српските сили, но и со која беше предизвикан масовен егзодус на хрватските Срби.

„Дојдете, објаснете [им на Србите што избегаа] и посетете некои од нашите гробови“, рече Вулин.

Вулин реагираше на изјавата на Милановиќ дека Шешељ е „еден од најодговорните за војната во поранешна Југославија и за агресијата на Хрватска“.

Хрватскиот министер на бранителите, Предраг Матиќ, одговори луто на коментарот на Вулин, сугерирајќи дека тој треба да побара медицинска помош, имплицирајќи дека тој е ментално болен.

Вулин возврати со зборовите: „Можеби постои лек за мене, но министерот на бранителите, Матиќ, нема никогаш да го излечи усташтвото во себе“, рече тој, идентификувајќи го Матиќ со нацистичкиот сојузнички режим во Хрватска во Втората светска војна.

По привременото ослободување на Шешељ поради здравствени причини, во ноември минатата година, хрватските политичари постојано бараа негово враќање во притвор.

Апелацискиот совет на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, во понеделникот донесе одлука со која нареди Шешељ да се врати во притворот на Трибуналот, бидејќи тој ги прекршил условите на неговото ослободување.

По враќањето во Белград, Шешељ поведе националистички протести и даде серија провокативни изјави, што ги налути воените жртви.

Шешељ се најде во притвор во 2003 година, кога доброволно му се предаде на Хашкиот трибунал. Нему му се суди за злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина, Хрватска и во Србија.

Изрекувањето на пресудата беше закажано во октомври минатата година, но потоа беше одложено, откако еден од судиите беше изземен поради наводна пристрасност.

Се очекува, новоназначениот судија, барем до крајот на јуни 2015 година, да се запознае со деталите на случајот. Ова предизвика уште едно одложување на маратонското судење.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Најнови наслови

Дневен преглед