Вести 09 Oct 17

Остри реакции на Србија и на РС, по ослободувањето на Ориќ

Политичките водачи на Србија и на Република Српска (РС), остро ја критикуваа пресудата што му беше изречена на Насер Ориќ, поранешен командант на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ) за Сребреница, со која тој беше ослободен од обвиненијата за убиство на тројца воени затвореници од српска националност.

Адмир Муслимовиќ, Фили Рудиќ
БИРН
Сараево, Белград
Насер Ориќ со своите поддржувачи, пред Судот на БиХ. Фото: БИРН

Претседателот на РС, Милорад Додик, реагираше луто на одлуката на Судот на Босна и Херцеговина, да го ослободи Ориќ, заканувајќи се со оживување на идејата за одржување на референдум, на кој ќе бидат оспорени надлежностите на судот и на обвинителството.

„Ова е време за рехабилитација на референдумот за судот и обвинителството”, рече Додик.

Ориќ, поранешен командант на територијалната одбрана на АБиХ во Сребреница, беше ослободен од обвинението за убиство на тројца воени затвореници од српска националност, во села во регионот на Братунац и Сребреница во 1992 година.

Додик ги повика српските претставници да ги напуштат институциите на судот и на обвинителството, тврдејќи дека судот е пристрасен, бидејќи судијата што го водел предметот бил Бошњак.

„Доволно е муслиман да му суди на муслиман и да биде ослободен”, рече тој.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека ослободителната пресуда е доказ дека животот на српските цивили не е “вреден колку и животот на другите”.

„Вистината, ниеден еден суд нема да може да ја сокрие”, рече тој.

Сепак, Вучиќ ги повика босанските Срби да продолжат да градат пријателство и заедничка иднина со Бошњаците во БиХ.

Драган Човиќ, претседател на Претседателството на БиХ, смета дека пресудата “е враќање назад”.

„Пресудата на Ориќ малку не враќа назад и сигурно ќе предизвика негативна меѓусебна реторика”, рече Човиќ.

Драган Мектиќ, министер за безбедност на БиХ, смета дека раководните струкрути во РС ја користат оваа пресуда во свои цели.

„Власта во РС не се грижи за злосторствата. Ним, жртвите им се само повод за политички поени“, рече тој.

Мектиќ го критикуваше обвинителството, бидејќи во случајот на Ориќ се покажало како неспособно.

„Обвинителството не беше определено на докажување на вината”, додаде Мектиќ.

Претседателот на Судот на Босна и Херцеговина, Ранко Дебевец, негираше дека оваа институција е пристрасна.

„Судот на БиХ работи професионално, во согласност со доказите дадени од обвинителството, а не врз основа на политички и медиумски шпекулации и притисок”, рече тој.

„Очигледно, доказите презентирани од обвинителството беа недоволни за донесување на осудителна пресуда, што дополнително ќе биде разгледано во жалбениот процес”, додаде Дебевец.

Ружица Јукиќ, заменик претседател на Високиот судски и обвинителски совет на Босна и Херцеговина (ВТСВ БиХ), ги критикуваше коментарите на Додик.

„Ова се притисоци што секогаш постојат по вакви пресуди. Сметам дека никој не треба да им подлегне на таквите притисоци и повици, и мислам дека повикот на Додик никој од носителите на правосудните функции нема да ги сфати сериозно“, рече Јукиќ.

Обвинителството најави жалба против оваа пресуда.

„По приемот на писмената пресуда, Обвинителството на БиХ ќе поднесе жалба”, рече Борис Грубешиќ, портпарол на оваа институција.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Најнови наслови

Дневен преглед