Истражување 07 Dec 16

Осомничените за воени злосторства на Балканот и натаму имаат политичко влијание

Иако поминаа години по конфликтите на Балканот, гласачите во поранешна Југославија и денес гласаат за лица кои биле, или осудени, или обвинети за воени злосторства, што покажува дека национализмот има големо влијание во политичкoто опкружување.

Миливоје Пантовиќ, Денис Џидиќ, Дие Морина, Свен Микелиќ, Синиша Јаков Марушиќ, Семра Мусаи БИРН Белград, Сараево, Приштина, Загреб, Скопје
 

Кога лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, минатиот месец од својот мобилен телефон, на пратениците во српското собрание им ја пушти песната за Доналд Трамп, која е преработка на српска националистичка песна, тоа го нагласи вознемирувачкото влијанието што осомничените за воени злосторства и натаму го имаат во јавниот живот на Балканот.

Случајот на Шешељ, се наоѓа во жалбена постапка пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), кој во март оваа година, со првостепена пресуда, го ослободи обвинетиот Шешељ.

Сепак, кога во 2014 година се врати во Белград, откако беше привремено ослободен заради лекување од рак, тој повторно на политичката сцена во Србија започна да ја користи подбуцнувачката реторика од деведесеттите години, за создавање на ’Голема Србија’. Во април оваа година, беше избран за пратеник во Собранието, а стана и член на парламентарната комисија за контрола на безбедносните агенции.

Шешељ, исто така, најави дека во 2017 година ќе учествува во изборната трка за претседател на државата.

За пратеници во Собранието на Србија, оваа година беа избрани уште двајца членови на неговата партија, Петар Јојиќ и Вјерица Радета, кои МКТЈ ги бара заради наводни закани, уцени и обид за поткуп на заштитени сведоци на судењето на нивниот лидер, со цел тие да не сведочат против Шешељ.

Хашкиот трибунал побара од сите земјите членки на ООН, доколку бидат во можност, да ги уапсат. Србија и натаму одбива да ги екстрадира во Хаг, а Радета изјави дека МКТЈ, кој се затвора следната година, е „завршена приказна“. „Радикалите нема доброволно да му се предадат на судот“, изјави таа за БИРН.

Во речиси сите земји од поранешна Југославија, лица обвинети или осудени за злосторства во војните во 90-тите години, сѐ уште можат да добијат поддршка од јавноста и да бидат избрани на јавни функции.

Политичари на кои им се судело за воени злосторства, именувани се на јавни функции во Босна и Херцеговина, во Хрватска, во Косово и во Србија, додека во Македонија хашки осуденик е кандидат за пратеник на претстојните избори.

Нивната континуирана политичка кариера е одраз на фактот дека национализмот останува моќна сила во балканската политика, која се користи како средство за будење на популистичкиот занес и освојување на гласови на изборите. Тој, воедно, иницира и дипломатски проблеми меѓу земјите од поранешна Југославија, како што беше тоа во случајот со Шешељ, кој во април минатата година, јавно го запали хрватското знаме.

Фактот дека тие имаат политичко влијание, зборува за атмосферата во која негирањето на злосторствата извршени од ’нашата страна’ и натаму е прифатливо, велат аналитичарите.

„Гласајќи за нив, ние им даваме легитимитет, поддршка на нивните ставови, го одобруваме нивното минато и злосторствата, и не само што со тоа се негираат судските одлуки, туку, уште поважно, се негира правото на жртвите на овие злосторства, да најдат мир и (законска) сатисфакција“, вели Александра Летиќ, од Хелсиншкиот комитет за човекови права на босанскиот ентитет, Република Српска (РС).

„Општеството, во кое голем број на граѓани сѐ уште ги поддржуваат злосторниците и нивната политичка и економска моќ, не е ниту одблизу подготвено да се соочи со своето минато“, вели Летиќ.

Српскиот премиер, Александар Вучиќ, беше член на радикалите на Шешељ и работеше како правен советник во неговиот тим, на неговото судење во Хашкиот трибунал, пред кој Шешељ беше обвинет за воени злосторства. Вучиќ со него се раздели во 2008 година, кога ја формираше Српската напредна партија, која сега е на власт.

Не постојат законски покренати обвиненија за воени злосторства против Вучиќ или против некој друг пратеник од неговата партија, но, затоа пак, во главниот одбор на неговите коалициски партнери во владата на Србија, Социјалистичката партија, седи воен злосторник.

Никола Шаиновиќ, поранешен југословенски заменик премиер, беше избран за член на одборот, само една недела по неговото враќање во Белград, откако одлежа две третини од 18-годишната затворска казна, на која беше осуден заради водење на кампања на насилство за време на војната во Косово, со цел присилно раселување на Албанците.

Тој беше еден од најблиските и најдоверливите соработници на поранешниот југословенски претседател и лидер на Социјалистичката партија, Слободан Милошевиќ, кој почина во текот на судењето во Хаг, во 2006 година.

Милица Костиќ, директорка на правната програма на Фондот за хуманитарно право од Белград, вели дека во Србија никогаш немало вистинска дебата за тоа кој е одговорен за војните во 90-тите години и оти затоа не постои јавна свест за извршените злосторства.

„Политичката елита во Србија, а со тоа мислам на сите влади од 90-тите до денес, никогаш не дозволила во јавноста да се поведе дебата за одговорноста на претставниците на државните институции, за злосторствата извршени за време на војните и за можноста тие да продолжат да извршуваат државни функции“, вели Костиќ.

’Бабо’ се врати

 

Во Босна и Херцеговина, низа политичари обвинети за воени злосторства, се наоѓаат на политички функции, а на власт дојде и осуден воен злосторник, 77-годишниот Фикрет Абдиќ.

Абдиќ на локалните избори во октомври беше избран за градоначалник на Велика Кладуша, во која се извршени злосторствата за кои тој беше осуден.

Пред војната, Абдиќ беше директор на фирмата Агрокомерц, со седиште во Велика Кладуша, која вработуваше 13.000 лица и беше една од најуспешните земјоделски компании во поранешна Југославија. Поради успехот во бизнисот, Абдиќ уживаше силна локална поддршка и го доби прекарот ’бабо’ (татко).

За време на војната, тој ја формираше самопрогласената бошњачка државичка Автономна покраина Западна Босна и се бореше против Бошњаците лојални на владата во Сараево, при што соработуваше со српските и хрватските сили.

Абдиќ беше осуден за воени злосторства извршени над затвореници, припадници на Армијата на Босна и Херцеговина, а во март 2012, откако одлежа две третини од својата 15-годишна затворска казна, беше ослободен.

Нему му беше овозможено да дојде на оваа функција бидејќи изборниот закон во Босна и Херцеговина не им забранува на воените злосторници кои ги отслужиле своите казни, да се кандидираат за јавни функции. „Сите свои досегашни функции ги извршував одлично, па така ќе ја извршувам и оваа“, изјави тој по именувањето.

Од друга страна, на Драгомир Васиќ, пратеник во Народното собрание на Република Српска, му се суди за наводно планирање и извршување на масовни егзекуции на Бошњаците од Сребреница, во јули 1995 година.

Васиќ, во октомври 2014 година, беше избран за член на парламентот како кандидат на Српската демократска партија, формирана од Караџиќ, кого Хашкиот трибунал го обвини за геноцид и други злосторства.

Уште неколку лица кои се поврзуваат со воени злосторства, се именувани на политички функции во Босна и Херцеговина. На државно ниво, сегашниот претседател на Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ, Шефик Џаферовиќ, кој во војната бил полициски командир во Зеница, минатата година се соочи со наводи дека знаел за воени злосторства што ги извршиле бошњачките сили над српските цивили, но дека тоа не го пријавил.

Сепак, обвинителството на БиХ одлучи да не го гони Џаферовиќ, што ги налути организациите на жртви и политичарите од РС кои, поради ова, ги бојкотираа парламентарните седници. Џаферовиќ ги отфрли овие тврдења, велејќи: „Тоа се сѐ валкани лаги“.

Заим Бацковиќ, пратеник во државниот парламент, во војната член на територијалната одбрана на Сараево, беше под истрага и на босанското и на српското обвинителство, заради убиство на припадници на Југославенската народна армија, додека таа се повлекувала од овој град во 1992 година. Истрагата во Сараево заврши без обвиненија, а српското обвинителство и натаму ја води истрагата.

Во очекување на обвиненијата на новиот косовски суд

 

Иако е во затвор, Сами Луштаку и натаму е градоначалник на Србица/Скендерај. Имено, тој беше осуден на седум години затвор за командна одговорност, за злоупотреба на цивилни затвореници, етнички Албанци, кои за време на војната биле затворени во притворниот центар на ОВК во селото Ликовац.

Секој оној, кој што со конечна пресуда во Косово е осуден за воени злосторства, не може да извршува државна функција. Предметот на Луштаку сега е пред Врховниот суд на Косово, пред кој тој поднесе жалба во надеж дека пресудата ќе биде поништена.

Двајца други политичари, кои неодамна беа осудени за воени злосторства извршени за време на конфликтот во Косово кон крајот на 90-тите, се повлекоа од функциите, откако Апелацискиот суд во Приштина ги потврди нивните пресуди.

Фадил Демаку поднесе оставка како пратеник, а Неџат Демаку како градоначалник на општина Глоговац. Тие беа осудени на три години затвор за претепување на затвореници во притворниот центар на ОВК во Ликовац.

Сите тројца биле припадници на т.н. „Дреничка група“ на Ослободителната војска на Косово (ОВК), од кои, по завршувањето на војната, произлегоа бројни политички лидери на Косово, вклучувајќи го и сегашниот претседател, Хашим Тачи.

Судењето на припадниците на „Дреничката група“ предизвика протести во Косово, каде што герилците на ОВК се сметаат за борци за слобода, кои се бореле против српските сили.

Многу други членови на повоената политичката елита во Косово, биле поранешни борци на ОВК. Тие и понатаму се влијателни, без разлика на обвиненијата со кои дел од нив се соочија, бидејќи обвиненијата често се сметаат за обид да се извалка праведната борба на ОВК.

Фатмир Лимај, актуелен пратеник и лидер на политичката партија, НИСМА (Иницијатива за Косово), беше ослободен од обвинението за воени злосторства од страна на Хашкиот трибунал и судовите во Косово.

Сепак, Специјалното обвинителство на Косово, минатиот месец, повторно го обвини Лимај за воени злосторства, бидејќи, според обвинението, во октомври 1998 година, не спречил убиство на двајца цивили, косовски Албанци. Тој ги негираше обвинувањата.

Во војната познат како ’Командант челик’, Лимај ја предводеше 121 бригада на ОВК во областа Паштрик. По војната, стана министер за транспорт, но на оваа функција не остана до крајот на својот мандат, поради обвиненијата за организиран криминал и корупција.

Хашкиот трибунал, од обвинението за воени злосторства и злосторства против човештвото го ослободи и Рамуш Харадинај, кој во 2005 година кратко беше премиер на Косово. По враќањето во Приштина, во 2012 година, илјадници негови поддржувачи го пречекаа како херој.

Тој беше ослободен од обвиненијата за тортура и убиство на Срби и Албанци, за кои се верувало дека се српски соработници, во логорот на ОВК во Јабланица, во 1998 година.

Харадинај денес е лидер на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК). Во февруари, тој се повлече од функцијата пратеник, поради несогласувањата во врска со договорот што косовската влада го потпиша со Србија во Брисел. Поранешниот заменик командант на ОВК, Лахи Ибрахимај, кој беше ослободен заедно со Харадинај, сѐ уште е пратеник на ААК.

Харадинај изјави дека со тоа што ги испратило осомничените, вклучувајќи го и него, на судење во Хаг, Косово ја исполнило својата законска обврска: „Чест ни е што ја извршивме обврската што Косово и неговите граѓани ја имаа кон националното и меѓународно право“, рече тој за БИРН.

Сепак, смета дека на командантите на ОВК не треба да им се суди во Хаг: „Тежевме кон слобода, се боревме за слобода. Но, начинот на кој меѓународната правда ја перципира војната во Косово, не е во ред“, додаде тој.

Политичката елита во Косово може да се соочи и со поголеми предизвици, кога пред Специјалните совети во Хаг, ќе бидат покренати првите обвиненија.

Овој нов суд беше формиран под притисок на Запад и пред него ќе бидат гонети високи членови на ОВК, за злосторства наводно извршени за време и по војната. Ако пред него биде обвинет или осуден некој од водечките политичари во Косово, тоа, сметаат аналитичарите, може да ја трансформира политичката сцена во оваа земја.

Хрватските националисти ги полнат насловните страници

 

Пензионираниот генерал, Бранимир Главаш, неофицијален лидер на десничарската партија, Хрватски демократски сојуз на Славонија и Барања (ХДССБ), на изборите во септември беше повторно избран за член на парламентот, иако повторно го очекува судење за воени злосторства.

За време на војната, Главаш беше командант на одбраната на Осиек, а помеѓу 90-тите и средината на 2000-тите, влијателен пратеник на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), како и градоначалник на округот Осиек-Барања.

Беше осуден за воени злосторства во два случаи. Случајот „Гаража“, во кој беше обвинет по командна одговорност за тортура и убиство на цивили пред една гаража во 1991 година, и случајот „Селотејп“, кој го доби ова име, бидејќи жртвите биле врзувани со селитејп, а потоа егзекутирани на брег на река, од 1991 до 1992 година.

Според хрватскиот закон, лицата осудени за воени злосторства со правосилна пресуда, не можат да бидат носители на јавна функција. Сепак, бидејќи во јануари 2015 година, Уставниот суд на Хрватска му ја поништи пресудата на Главаш, тој, на изборите што се одржаа истата година, се врати во Собранието, а повторно беше избран за пратеник и во септември 2016 година. Минатиот месец, своето место како пратеник, му го отстапи на свој сопартиец, иако сѐ уште не е познат датумот кога ќе почне неговото повторно судење.

Иако популарноста на неговата партија опадна, ХДССБ и натаму ги полни насловните страници на весниците, со егзебиции каква што беше онаа минатата година, кога група на млади момчиња во црни униформи, именувана како „Славонска соколска гарда“, парадираше за време на изборната кампања на партијата. Главаш, исто така, предизвика контроверзии, фотографирајќи се со шише вино, на чија етикета се наоѓаше ликот на Адолф Хитлер.

Хрватската влада, предводена од ХДЗ, неодамна на важна позиција назначи уште еден пензиониран генерал, кој беше ослободен од обвинението за воени злосторства - Анте Готовина. Готовина, кого Хашкиот трибунал во 2012 година го ослободи од обвинението за убиства и депортации на српски цивили, извршени за време на хрватската воена операција „Бура“, беше назначен за специјален советник за развој на стратегијата за национална безбедност во Министерството за одбрана.

Иако повеќе не е активен политичар, ветеранот на ХДЗ, Владимир Шекс, кој во Србија е обвинет за воени злосторства, и натаму е присутен на политичката сцена во Хрватска. До февруари, тој беше советник на хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ.

Српските власти водат истраги против Шекс, Бранимир Главаш, хрватскиот министер за внатрешни работи во 90-тите, Иван Векиќ, и неговиот помошник и командир на полицијата, Томислав Мерчеп, за наводно поттикнување на други лица, во вршење на „геноцид“, врз Србите од Вуковар.

Окружниот суд во Загреб, во мај го осуди Мерчеп на пет и пол години затвор, за воени злосторства против цивилното население, како и за командна одговорност врзано за убиства на 46 цивили, во 1991 година, што ги извршила единицата на полициски резервисти, позната како Мерчеповци.

Политичката кариера на Мерчеп беше неуспешна, иако тој често беше присутен на државни свечености, а беше и ВИП гостин на инаугурацијата на Грабар-Китаровиќ, во февруари минатата година.

Хрватскиот политички аналитичар, Жарко Пуховски, смета дека постојаното присуство на луѓето како Главаш и Мерчеп, во јавниот живот, е доказ дека досегашниот процес на соочување со минатото бил неуспешен.

„Оваа генерација не успеа ништо да направи; можеби следната генерација ќе успее“, изјави Пуховски за БИРН.

’Македонскиот херој’ во трката за пратеник

 

Поранешниот полицаец, Јохан Тарчуловски, единствениот човек од Македонија кого Хашкиот трибунал го осуди за воени злосторства, е кандидат за пратеник на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, на изборите што ќе се одржат овој месец.

Македонија нема закон со кој на осудениците за воени злосторства им се забранува да бидат носители на политички функции.

Хашкиот трибунал го осуди Тарчуловски на 12 години затвор, бидејќи водел полициска единица која во 2001 година уби цивили од албанска националност и изврши други злосторства во селото Љуботен, во близина на Скопје, населено со албанско население.

Злосторствата беа извршени во текот на краткиот вооружен конфликт во 2001 година, меѓу македонските безбедносни сили и албанските бунтовници, припадници на Ослободителната народна армија (ОНА), чии поранешните лидери денес се лидери на Демократската унија за интеграција, која се наоѓа на власт, во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Кога во 2013 Тарчуловски се врати во Македонија, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ му организираше херојски пречек во Скопје. По ослободувањето, стана икона на владејачката партија, а тој самиот често, на партиски состаноци и собири, држи патриотски говори.

Доби истакната позиција на организациски секретар во владејачката ВМРО ДПМНЕ, која го претставува како ’бранител’ на Македонија и жртва на неправедно судења во Хаг.

Трибуналот на ООН испрати четири случаи поврзани со воени злосторства извршени во конфликтот во 2001 година во Македонија, на понатамошна обработка пред домашните судски инстанци, но ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ гласаа за амнестирање на овие случаи, кои ефикасно беа затворени.

Во сите четири случаи се работеше за наводни злосторства извршени од страна на албанските герилци, од кои дел, денес се на високи функции во ДУИ.

Во првиот случај, целото десетчлено раководство на ОНА, од кое повеќето сега се во врвот на ДУИ, беше обвинето за командна одговорност, за постапки што резултирале со воени злосторства, како што е масакрот на војниците и полицајците во близина на селото Вејце.

Политичкиот лидер на бунтовниците, Али Ахмети, кој денес е на чело на ДУИ, беше наистакнатата личност поврзана со случајот Вејце.

Вториот случај кој беше амнестиран, е случајот кој ги поврзува бунтовниците со наводното киднапирање и убиството на 12 цивили, Македонци, извршено од паравоена група, во близина на градот Тетово. Телата на жртвите подоцна беа пронајдени во масовна гробница.

Даут Реџепи Лека беше обвинет за водење на паравоената група, но тој изјави дека не е виновен. Во 2006 година беше избран за пратеник од опозициската Демократска партија на Албанците, иако по него имаше распишано потерница. Денес, тој повеќе не е политички активен.

Уште еден случај прво беше отворен, а потоа затворен. Случајот кој се однесува на Садула Дураку, командант на ОНА, кој стана висок функционер на ДУИ. Тој беше обвинет за запирање на водоснабдувањето на Куманово, за време на конфликтот во 2001. Дураку, од 2004 до 2006, беше министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, потоа пратеник на ДУИ, а сега е градоначалник на Липково.

Неодговорените прашања во врска со конфликтот од 2001 година, кои никогаш не добија судска разврска, и натаму ги ’трујат’ односите меѓу мнозинската македонската заедница и албанско малцинство во земјата, вели за БИРН, политичкиот аналитичар Исмет Рамадани, поранешен пратеник.

„Сѐ додека правниот систем е нефункционален и продолжува да биде под влијание на политичките партии, многу тешко ќе се оди напред“, вели Рамадани. „Недовербата меѓу заедниците ... го оптоварува патот на Македонија кон демократизацијата и кон ставањето крај на политичката криза, која често претставува ризик за безбедноста на земјата“.

Оваа статија е изменета на 7 декември 2016 година со цел да се појасни дека Шефик Џаферовиќ никогаш официјално не е обвинет за воени злосторства.

Disqus

blog comments powered by Disqus