Вести 12 Jan 18

Од Иванов побарано да стави вето на Законот за јазиците

Противниците на новиот закон со кој се проширува официјалната употреба на албанскиот јазик во цела држава, го повикаа претседателот Ѓорѓе Иванов, да не го потпишува.

Синиша Јаков Марушиќ
БИРН
Скопје
Во своето новогодишно обраќање во Собранието, Иванов најави можност да стави вето на законот. Фото: МИА

Академици, организации од дијаспората и опозицијата, го повикаа претседателот Иванов да стави вето на новиот закон усвоен во четвртокот, тврдејќи дека законот е неуставен и против националните интереси.

Истакнатите членови на Македонската академија на науките и уметностите, МАНУ, Катица Ќулавкова, Гордана Силјановска-Давкова и Симона Груевска-Маџоска, во своето отворено писмо, истакнуваат дека законот го загрозува уставниот статус на македонскиот јазик преку воведување на двојазичност и форма на двонационален идентитет.

„Редно е претседателот Ѓорѓе Иванов, барем еднаш, да посегне по вето, не за да манифестира моќ, туку заради правната држава“, велат во отвореното писмо трите професорки, познати противници на новиот закон.

Од кабинетот на Иванов во петок соопштија дека претседателот го примил законот. Тој има седум дена да реши дали ќе го потпише указот на законот или не.

Доколку не го потпише, Собранието повторно може да гласа за законот, кој доколку помине, ќе важи како закон, без разлика дали претседателот ќе го стави својот потпис или не.

Во тој случај, единствениот начин да се анулира законот, или некои од неговите одредби, ќе биде преку поднесување на жалба до Уставниот суд.

Во своето новогодишно обраќање во Собранието, претседателот Иванов, најави можност да стави вето на законот.

„Законот за јазиците не преставува закана по македонскиот јазик, туку тој преставува закана по унитарноста на државата. Законот го крши Уставот на Република Македонија“, рече тој.

Со законот, кој што беше усвоен во четвртокот, се проширува службената употреба на албанскиот јазик во целата држава, во која Албанците сочинуваат околу една четвртина од вкупното население од 2.1 милион граѓани, со што се олеснува комуникацијата на албански јазик со институциите како што се општините, болниците и судовите.

Претходниот закон го дефинираше албанскиот јазик како официјален јазик, но само на територијата на која Албанците сочинуваат повеќе од 20 проценти од локалното население.

Новиот закон предвидува формирање на Инспекторат за употреба на јазиците. Со ова треба да се реши еден од најголемите проблеми кои произлегоа од минатиот закон, кој им оставаше на општините и менаџерските тимови сами да одлучуваат по ова прашање.

Обединетата македонска дијаспора, ОМД, исто така, го повика претседателот да не го потпишува законот.

Новиот закон „ја придвижува земјата на чекор понатаму да стане федерална држава, загрозувајќи го унитарниот територијален интегритет на Македонија“, пишува ОМД.

ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници не присуствуваа во Собранието за време на гласањето, законот го оценија како неуставен.

„Законот за двојазичност не придонесува за реално унапредување на правата на албанската заедница во Македонија, напротив ги продлабочува разликите ... Двојазичноста ќе креира хаос во правниот промет и паралелизам во институциите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, пак, го бранеше законот.

„Кукавички и неосновани се реакциите на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку имаше било какви аргументи за лажните тврдења, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ можеа да присуствуваат и да ги бранат на денешната собраниската седница, наместо да бегаат“, одговорија социјалдемократите, алудирајќи на бојкот на опозицијата.

Новиот македонски премиер Зоран Заев, кој беше избран во мај, најави донесување на законот, согласувајќи се, во разговорите со албанските партии, да направи такви промени.

Усвојувањето на законот, Албанија и Косово го поздравија како значаен чекор кон решавање на преостанатите меѓуетнички прашања во Македонија.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Дневен преглед