Вести 12 Jan 18

Наводи за повоени убиства во Косово, ги шокираа семејствата на убиените

Семејствата на косовските Албанци убиени по војната во Косово, беа шокирани од изјавата на сведок на обвинителството, кој во телевизиско интервју изјави дека група формирана од Ибрахим и Керим Келменди, по завршувањето на војната, вршела политички убиства.

Дие Морина
БИРН
Приштина
Палатата на правдата во Приштина. Фото: БИРН

Членовите на семејството Земај, Толај и Хокај - чии роднини, во непознати околности, биле убиени во предходната деценија, беа шокирани од изјавата на Шкумбин Мехмети, осуден убиец, дадена во телевизиско интервју, во која тој нагласи оти бил дел од организирана криминална група, која извршила дел од овие политички убиства.

Како пример, тој го спомна убиството на Тахир Земај, командант на паравоената крило на Демократската лига на Косово (ДЛК), извршено во 2003 година, кој, наводно, бил во конфликт со Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Мехмети беше уапсен во 2004 година, а потоа осуден на 30 години затвор, за убиства извршени истата година на двајца полицајци, еден припадник на УНМИК, а вториот на косовската полиција.

Мехмети, за време на интервјуто, направено во строго обезбедуван затвор, кое во четвртокот, со дозвола на обвинителството, беше емитувано на ТВ Клан Косово од Приштина, изјави дека Ибрахим Келменди, еден од основачите на Народно движење на Косово (НДК), националистичка партија формирана во 80-тите години, и неговиот брат, Керим Келменди, нарачувале политички убиства.

НДК е претходник на ОВК, која одиграла клучна улога во нејзиното формирање, чиј став бил дека слободата на Косово може да се добие само со вооружена борба.

„Групата, кон крајот на 2001, ја формираа Керим и Ибрахим Келменди, основачот на ДЛК”, рече Мехмети во телевизиското интервју.

„Цел на оваа група беа членови на ДЛК”, додаде тој, споменувајќи имиња, кои со одлука на водителот, не беа објавени во етерот.

Така, кога Мехмети изјави дека особено цел „биле сведоците против ...”, беше пуштен звучен сигнал кој го прикри името на лицето што тој го спомна.

Тој посочи дека за активностите на групата знаеле и некои важни политичари, но ТВ станицата и во овој случај одлучи нивните имиња да не се спомнуваат, пред од нив да се побара коментар.

Дорунтина Малоку, ќерка на активистот на ЛДК, Енвер Малоку, кој во 1999 година беше убиен од неидентификуван напаѓач, ја имаше првата реакција на социјалните мрежи.

„Криење на докази за криминал, криење на изјави на сведоци, кукавички истражители и политизирани обвинители. Политичари вклучени во атентати на политички активисти ... и што друго?! Добредојде специјален суду!“, напиша Малоку.

Мехмети додаде дека браќата Келменди го наредиле убиството на членот на ДЛК, Смаил Хајдари, во 2002 година.

„Тенденциозните звучни сигнали на Батон (Батон Хаџиу, водител на интервјуто) ќе бидат расветлени во специјалниот суд. ‘Војната’ против тоа, е бескорисно“, напиша на својот Фејсбук профил, Шпетим Хајдарај.

Мехмети нагласи оти браќата Келменди му дале задача на Флорим Ејупи да го убие пратеникот на Демократската партија на Косово, Џавит Халити, но дека планот не бил успешен.

Керим Келменди на Фејсбук напиша оти е изненаден од овие тврдења. „Прв пат го гледам овој човек и јас сум изненаден”, пишува тој, додавајќи оти се сомнева дека соговорникот е обучуван од српските разузнавачки сили.

„Не му верувајте на овој психопат – кого до детали го обучиле српските шпиони”, напиша тој. Признанието што Мехмети го даде во интервјуто, го опиша како „теленовела што детално ја подготвила УДБА”.

Државното обвинителство на Косово не ги коментираше изјавите на Мехмети.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Најнови наслови

Дневен преглед