Вести 30 Nov 16

МКТЈ ги повика земјите членки на ООН да ги уапсат бараните радикали

Хашкиот трибунал ги обелодени меѓународните потерници по тројцата српски политичари, членови на Српската радикална партија (СРС), кои овој суд ги бара заради заплашување на сведоци, и ги повика земјите членки на ООН, ако е можно, да ги уапсат.

Марија Ристиќ
БИРН
Вјерица Радета, прва од десна страна, со Шешељ. Фото: Бета

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), во вторник ја симна ознаката на доверливост од меѓународните потерници распишани по тројцата членови на СРС, Вјерица Радета, Петар Јојиќ и Јово Остојиќ, кои се обвинети за заплашување на сведоци, во текот на судењето на нивниот водач, Воислав Шешељ, кој е обвинет за за воени злосторства.

МКТЈ ги издаде меѓународните налози за апсење на 5 октомври.

„Со оглед дека меѓународната потерница може да придонесе, спроведувањето на правдата повеќе да не биде попречувано, им се налага на властите и на сите службеници и агенти на сите земји членки на Обединетите нации ... веднаш да дејствуваат со целосна нужна посветеност, за да се обезбеди приведување, задржување и (нивнет) трансфер во Трибуналот“, се вели во налогот.

МКТЈ во јануари побара од Србија да ги уапси тројцата членови на тврдокорната националистичка СРС, но Белград и понатаму одбива да ги екстрадира.

За разлика од претходните одлуки што ги има донесено во слични случаи, Вишиот суд во Белград во мај оваа година пресуди дека тројцата членови на СРС не можат да бидат уапсени и предадени на Хаг заради судење, бидејќи тоа не е во согласност со Законот за соработка со МКТЈ на Србија.

Владата на Србија, исто така, одби да делува по налогот за апсење, повикувајќи се на безбедносни причини, при што оцени дека нивното апсење може да доведе до немири во земјата.

„Налогот за апсење на тројцата радикали е издаден по условното ослободувањето на Шешељ (во ноември 2014 година, заради лекување од рак). Владата процени дека нивното апсење може да ја загрози стабилноста на земјата“, изјави Саша Обрадовиќ, специјален претставник на Владата на Србија за соработка со Хашкиот трибунал.

Радета, Остојиќ и Јојиќ се обвинети за непочитување на судот поради закани упатени кон сведоци во судскиот процес што се водеше против нивниот лидер, Воислав Шешељ, во Хашкиот трибунал. Тие се воедно обвинети дека уценувале заштитени сведоци и дека им нуделе мито од 500 евра, за да не сведочат на судењето на Шешељ.

Некои набљудувачи се сомневаат дека причините за ваквото однесување на Србија се политички и тврдат дека пред судот би се открило дека улога во заплашувањето на сведоците има и српскиот премиер, Александар Вучиќ, кој некогаш беше десна рака на лидерот на СРС, Воислав Шешељ.

Наводното заплашување на сведоците се случило за време на судењето на Шешељ пред Хашкиот трибунал, пред кој тој беше обвинет за воени злосторства, во време кога Вучиќ беше правен асистент во тимот на одбраната, во периодот 2004-2008.

Според наведеното во налогот за апсење, од потенцијалниот сведок, наречен „Сведок 4“,било побарано да се сретне со Вучиќ и Зоран Красиќ, кој во тоа време, исто така, бил соработник во тимот на одбраната на Шешељ.

„Сведокот 4“ подоцна го информирал обвинителството дека „нема да сведочи поради значителниот притисок врз него“. БИРН не можеше да потврди дали наведениот состанок се одржал или не.

МКТЈ и натаму инсистира на екстрадиција на тројцата радикали и ја критикуваше Србија во Советот за безбедност на Обединетите нации заради несоработка со Хашкиот трибунал, обвинувајќи ја земјата за попречување на правдата.

Сепак, тимот за соработка со Хашкиот трибунал на Србија, тврди дека сторил сѐ што е во согласност со законот и оти што се однесува до нив, работата е завршена.

Тие го наведуваат примерот на поранешната портпаролка на Хашкиот трибунал, Флоренс Хартман, која беше осудена за непочитување на судот и која Франција, како нејзина матична држава, одбиваше да ја екстрадира во Хаг.

Претходно, секое одбивање на Србија да соработува со МКТЈ имаше огромно влијание на патот на Србија кон ЕУ интеграциите, а преговорите со Брисел во неколку наврати беа прекинати, до постигнување на целосна соработка.

Соработката со МКТЈ претставува еден од клучните услови на ЕУ во неодамна отворените преговори со Србија за поглавјето 23, кое се однесува на владеењето на правото.

ЕУ официјално досега не го поставила прашањето за неисполнување на барањето за екстрадиција на радикалите, но го спомна во својот иѕвештај за напредокот на Србија.

МКТЈ на почетокот на оваа година го ослободи Шешељ од обвиненијата за воени злосторства извршени во Хрватска, БиХ и во Србија. Предметот сега е во жалбена постапка.

Во меѓувреме, Шешељ и тројцата обвинети членови на неговата партија и натаму се активни во политичкиот живот на Србија.

Шешељ и Радета на изборите во април станаа членови на Собранието на Србија, а Шешељ најави дека во 2017 година ќе учествува во изборната трка за претседател на државата.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Дневен преглед