Коментар 09 Jan 18

Менувањето на ставот на косовските лидери за специјалниот суд е самоуништувачко

Залудните обиди на актуелните политичари и поранешни припадници на ОВК, да ја укинат обврската на Косово за непристрасно процесирање на воените злосторства пред новиот специјален суд, покажуваат дека поддршката што Запад ѝ ја дава на владејачката елита, мора да биде ускратена.

Кренар Гаши Приштина
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, и претседателот Хашим Тачи. Фото: кallxo.com

Наместо студена балканска зима, неодамнешната празнична сезона на Косово му донесе политичка жештина. Неочекувано, највисоките политичари во земјата одлучија да му го свртат грбот на Запад и се обидoa да ги анулираат обврските на земјата врзано за непристрасното спроведување на истраги, гонење и судење на воените злосторства.

Нема логично објаснување за ваквиот потег, освен нивниот личен страв од гонење, но ова инфантилно однесување најверојатно нема да биде без последици, без разлика колку се залудни овие обиди.

Прашањето не е повеќе за воените злосторства, непристрасното гонење или за етиката, туку за меѓународните односи и затоа е од клучно значење за државноста на земјата.

Како започна сето тоа?

Кога во 2014 година, САД и Европската унија излегоа со идејата за формирање на меѓународен трибунал за воени злосторства извршени во војната во Косово, јас дадов долг аргумент против ова.

Според мое мислење, едно меѓународно тело не може да има повеќе овластувања и надлежности, од оние што веќе ги има Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС). Идејата за формирање на меѓународен суд, како што реков, беше повеќе обид за слободување од одговорноста заради просечните резултати на ЕУЛЕКС, во гонењето на воените злосторства.

Сепак, и покрај сите приговори, косовската политичка елита го промовираше судот за воени злосторства како нешто што земјата мора да го направи. Извештајот на Советот на Европа, кој го поднесе Дик Марти, веќе имаше фрлено сенка на младата државноста на Косово, а дискурсот што го промовираше политичка елита, кога станува збор за кривичното гонење на воените злосторства, беше соработката со меѓународната заедница.

Усвоени се законски и уставни промени, а таканаречените Специјализирани совети и формално станаа дел од правниот систем на Косово, иако финансирани и надгледувани од ЕУ и со седиште во Хаг, ќе работат независно од системот.

Дел од косовското општество сѐ уште го смета овој суд за анти-ОВК институција, но таквите мислења обично се ограничени на поранешните борци и на повеќе националистичките кругови. И покрај резервите, поголемиот дел од општеството ја прифаќа новата реалност, придржувајќи се на промовираниот дискурс дека судот ќе го симне големиот товар од грбот на Косово, дека оваа нова држава ќе биде во можност да бара понатамошен легитимитет на својата државност и ќе тргне кон целосна меѓународна интеграција.

Имајќи го целиот овој процес во вид, ненадејниот пресврт на позицијата на поранешните борци на ОВК, денес актуелни политичари, кој се случи во пресрет на празниците, беше шок, бидејќи пратениците на владејачката коалиција се обидоа да го укинат законот кој овозможи функционирање на Специјализираните совети. Американскиот амбасадор во Приштина го опиша ова како „забивање на нож во грб“, додека британскиот амбасадор изјави дека ова е најлош настан по војната во Косово.

Политичката елита на Косово, веројатно за прв пат, предизвика голема политичка промена без претходна консултација со своите западни партнери, на кои им должи многу, кога станува збор за независноста и државноста на Косово.

Директна опструкција на правдата

Се разбира, би бил чист политички инфантилизам да се верува дека една влада, која едвај има мнозинство во Собранието кое треба да наврши десет години од своето постоење, може да го запре меѓународниот договор кој има поддршка од речиси целиот западен свет.

ЕУ веќе издвои средства за Специјалните совети. Дел од овие средства веќе се потрошени. Советите веќе воспоставија функционален систем, а многу брзо се очекуваат и првите обвиненија.

Како што многу правни умови во Косово веќе посочија, укинувањето на законот што овозможи формирање на советите, се директна опструкција на кривичната правда.

Сепак, таквиот потег би можел само да ја одложи постапката, бидејќи формирањето на советите и натаму ќе оди преку Советот за безбедност на ООН, со оглед дека Резолуцијата 1244 на Советот, врз основа на кој Косово прогласи независност, и натаму е во сила.

Прашањето што треба да постави е зошто лидерите на Косово го сменија своето мислење за Специјализираните совети, односно, како што ги нарекува јавноста, за Специјалниот суд?

Бидејќи ниту една аналитичка рамка не нѝ овозможува да добиеме одговор на ова прашање, нѝ остануваат само личните мотиви. Со оглед дека беа команданти на ОВК, тројцата најважни функционери во Косово - претседателот Хашим Тачи, премиерот Рамуш Харадинај и претседателот на Собранието, Кадри Весели - лесно може да се најдат на радарот на новиот суд.

Затоа, единствено разумно објаснување што нѝ останува е дека тие решиле да ги стават своите лични интереси пред интересите на земјата, во обид да купат повеќе време за секој оној што ќе биде обвинет.

Моралноста на приказната

Иако е веројатно дека косовските пратеници нема да ја поддржат иницијативата на нивните политички лидери и нема да го укинат законот кој го отвори патот на непристрасното процесирање на воените злосторства, самиот обид предизвика значителна штета.

Политичката елита на Косово уште еднаш покажаа целосна незрелост и неодговорност. Делувајќи како неформална група на моќни луѓе, сегашната елита ја водеше земјата врз основа на одлуки донесени во ноќни барови и на семејни седенки. Западот - САД и ЕУ - долго време го игнорираат таквото однесување, па дури и тивко го поддржуваат.

Во нивните очи, поранешните герилски борци се, пред сѐ, партнери и единствени кои можат да ја одржат стабилноста во Косово. Поддршката на Запад на оваа политичка класа беше неспорна и апсолутна.

Сепак, како што во врска со судот за воени злосторства покажа ‘кихотизмот’ во последните неколку недели, крајно време е таквата поддршка да биде ускратена.

Во време кога на Косово и понатаму му е потребна консолидација на демократијата и кога треба да продолжи со легитимизирање на својата државност во доменот на меѓународната политика, вртењето на грбот на своите долгогодишни партнери, а со тоа практично и на целиот западен свет, е навистина самоуништувачки потег.

Иако косовското општество можеби сега дозволува неколку поединци да ја држат неговата иднина во заложништво, никогаш досега не постоел толку силен сигнал дека актуелната политичка елита е неверодостојна и дека заради напредок на земјата, подршката што Запад ѝ ја дава на оваа елита, мора да биде ускратена.

Таква поддршка во блиска иднина треба да им се даде на различни прашања и идеи, наместо на поединци.

Кренар Гаши е политиколог од Косово, докторант на Центарот за ЕУ студии на Универзитетот во Гент, Белгија.

Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.

Disqus

blog comments powered by Disqus