Вести 11 Apr 13

Македонија му посака херојско добредојде на Тарчуловски

Илјадници граѓани му посакаа добредојде на Јохан Тарчуловски, единствениот македонски државјанин обвинет за воени злосторства од страна на Хашкиот трибунал, по неговото слетување во Скопје, каде што со подршка на владата на Македонија, е организирана прослава.

Синиша Јаков Марушиќ
БИРН
Скопје
Премиерот Никола Груевски и Јохан Тарчуловски /

Фото: Синиша Јаков Марушиќ

Тарчуловски, кој својата казна за воени злосторства ја издржуваше во германски затвор, а кого Хашкиот трибунал неодамна предвремено го ослободи, во четврток слета на скопскиот аеродром, пречекан од илјадници поддржувачи и од македонскиот премиер Никола Груевски.

По пристигнувањето, министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, лично му го предаде неговиот нов македонски пасош, а потоа тој застана на бината по што граѓаните еуфорично го поздравија.

„Беше тешко да се биде толку далеку, но вашата поддршка значеше сè за мене“, им изјави Тарчуловски на присутните, додавајќи дека нема жртва што тој не би ја направил за Македонија.

По посетата на зградата на Владата каде разговараше со Груевски, Тарчуловски положи цвеќе на споменикот на војниците и полицајците убиени за време на конфликтот во Македонија во 2001 година, меѓу македонските безбедносни сили и  етничките албански бунтовници, во кој период тој ги изврши злосторствата што го  доведоа пред Хаг.

Тарчуловски потоа замина на прославата на главниот плоштад во Скопје, каде пред неколку илјади поддржувачи одржа говор заблагодарувајќи му се на Груевски за неговата поддршка, но и повикувајќи ги граѓаните да „се обединат околу идејата за просперитетна и силна Македонија“.

„Македонија, како и секогаш, се соочува со многу предизвици. Ние треба да бидеме мудри и храбри да ги надминеме сите предизвици и да го направиме најдоброто за нашата земја. Ако тоа го направиме и Господ ќе биде со нас“, рече тој.

Здружението на поддржувачите на Тарчуловски организирa автобуси кои ги превезуваа граѓаните до аеродромот и на местото на прославата.

Фото: Синиша Јаков Марушиќ

Иако асоцијацијата формално е организатор на настанот, најголем дел од парите и логистиката за прославата ги обезбеди Владата на Македонија. Провладините медиуми целото случување го пренесуваат во живо.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија го осуди поранешниот полициски командант Тарчуловски, за воени злосторства извршени за време на конфликтот во Македонија во 2001 година.

Тој беше прогласен за виновен за водење на полициската единица која уби група цивили, етнички Албанци и изврши други злосторства во село Љуботен, Скопско.

МКТЈ, во понеделникот објави дека Тарчуловски ќе биде  ослободен, откако тој одлежа осум од неговата 12-годишна затворска казна. Минатиот месец, по завршување на две третини од казната, тој и формално стекна услов за предвремено ослободување.

Иако Тарчуловски беше осуден за воени злосторства, дел од граѓаните во Македонија го гледаат како национален херој, неправедно затворен заради одбрана на својата земја.

Фото: Синиша Јаков Марушиќ

Фото: Синиша Јаков Марушиќ

Фото: Синиша Јаков Марушиќ

Фото: Синиша Јаков Марушиќ

Disqus

blog comments powered by Disqus

Најнови наслови

Дневен преглед