Истражување 23 Dec 13

Македонија: Исплати под превезот на тајната

Владата на Македонија одби да каже колку потрошила за поддршка на двајцата нејзини обвинети за воени злосторства, но, проценките добиени од функционери и инсајдери, велат дека се работи за сума од околу 9.500.000 евра.

Саше Димовски
БИРН
Скопје

Сумата што ја исплатила македонската Влада за одбрана на двајцата обвинети во Хаг, поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски и полицискиот службеник Јохан Тарчуловски е најверојатно најголема тајна во Македонија.

За неа не добивме информации ниту во Владата , ниту во министерството за правда.

Сепак, сегашни и поранешни официјални лица, ни доставија информации што укажуваат на тоа дека сумата дадена за трошоци поврзани со судењата на двајцата осомничени во Хаг, за адвокати и за лобирање, за судски трошоци и за раскошниот пречек организиран по нивното ослободување, изнесува најмалку 9.480.000 евра.

Трошоци на Македонија за двајцата обвинети

2006: Првични пари за подготовка на одбрана, сведоци, трошоци за патувања, ангажирање на адвокати 1,000,000
2006: 200,000 евра за трошоци на семејствата, 50,000 за одбрана на Тарчуловски, 100,000 евра за превод на документи за одбраната и пронаоѓање на сведоци 350,000
2007: 500,000 за ангажирање на втор странски адвокат во првостепена постапка 500,000
2007: 30,000 евра трошоци за сведоци, преведувачи, документи. 30,000
2008-2013: 3.5 милиони евра за ангажирање на адвокатски тим од САД за Тарчуловски 3,500,000
2008-2011: 310,000 евра годишно за дополнителни трошоци (годишна сума потврдена од поранешниот министер за правда Михајло Маневски) 1,200,000
2009: Адвокатски трошоци за двата тима на обвинетите 100,000
2010: Враќање во земјата и свечен пречек на Бошковски, вклучувајќи ги авионските трошоци и јавната кампања 50,000
Патување на делегации од Влада, Собрание и од владејачката партија во Хаг 50,000
2013: Враќање во земјата и свечен пречек на Тарчуловски, вклучувајќи ги авионските трошоци, јавната кампања, билбордите 200,000
Договори за лобирање
2,500,000
Финансиска поддршка на семејствата на обвинетите за период од 7 години Точната сума е непозната, веројатно повеќе од 200,000
ВКУПНО 9,480,000

Забелешка на авторот: Владата на Република Македонија и Министерството за правда ги игнорираа барањата на БИРН за добивање на официјални податоци. Листата на трошоци е составена врз изјавите на поранешни премиери, министри и други државни службеници што имале пристап до средствата што се исплатувале за трошоци. Користени се и изјави на адвокати што биле вклучени во тимовите, иако нивните договори, владата ги чува во тајност.

Во споредба со она што Босна, Хрватска и Србија го потрошиле како помош во одбраната на своите државјани обвинети за извршување на грозоморни злосторства во војните што траеа со години, а не само неколку месеци, ова е неверојатна сума.

Тарчуловски е единствениот македонски граѓанин, обвинет за воени злосторства од страна на Хашкиот трибунал. Тој беше осуден на 12 години затвор за неговата улога во краткиот, но крвав конфликт во 2001 година, меѓу македонските безбедносни сили и албанските бунтовници, познати како Ослободителна национална армија, ОНА.

Тој беше прогласен за виновен за командување со полициска единица, која учествуваше во акција во селото Љуботен, во близина на Скопје, во која загинаа албански цивили, а беа извршени и други злосторства.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, го ослободи шефот на Тарчуловски, поранешниот министер Бошковски, кој беше обвинет за командна одговорност над единица.

Македонската влада потрошила милиони евра за поддршка на Бошкоски и Тарчуловски, во периодот од 2005, кога беа уапсени, до 2013 година, кога Тарчуловски беше ослободен од затвор, откако одлежа две третини од казната.

БИРН упати официјални барања до Владата и до министерството за правда на Македонија, до адвокатите и до семејствата на двајцата обвинети и од нив, бараше информација, колку пари биле исплатени за одбрана на обвинетите, за трошоци во постапката, трошоци за нивните семејства, за посети на високи партиски и политички личности од Македонија во Хаг, како и колку пари се потрошени за нивниот дочек во Скопје.

Но, и покрај сите рокови на кои ги обврзува законот за пристап до информации од јавен карактер, Владата и Министерството за правда не одговорија. Министерот за правда Блерим Беџет и неговиот портпарол, не одговараа на телефонските повици на БИРН, ниту на е-маиловите или СМС пораките, со кои баравме објаснување. Адвокатите и семејствата, исто така, одбија да откријат колку добиле.

Причините за овој молк се политички, ни изјави функционер на владата кој побара да остане анонимен.

„Станува збор за чувствително прашање, што може да предизвика реакција кај одредени воени ветерани“, изјави за БИРН владин извор, објаснувајќи дека доколку македонските војници и полицајци што бараат надомест за повредите што ги добиле за време на конфликтот, како и поранешните припадници на ОНА, што бараат државни пензии, дознаат колку пари се потрошени, може да ѝ предизвикаат проблеми на власта.

„Се обидов да ги добијам податоците што ги барате, но веднаш ми рекоа дека тоа е строго доверливо и не смеам да прашувам“, додава изворот на БИРН.

„Ми беше посочено дека јас како припадник на албанската заедница нема што да барам податоци за исплата на пари за одбрана на двајца Македонци на кои им се судеше за воени злосторства во Хаг“, рече изворот.

Пребарување на докази

БИРН дојде до сума од 10.000.000 евра, пари во кои се вклучени исплатите што ги направила Владата за потребите на домашните и странски адвокати, за лобирање, за подготвување на одбраната и превод на документи, за неколку патувања на владини, парламентарни и партиски делегации во Хаг, како и трошоци за транспорт и дочек на двајцата Хашки притвореници, Бошкоски и Тарчулоски.

„Се обидов да ги добијам податоците што ги барате, но веднаш ми рекоа дека тоа е строго доверливо и не смеам да прашувам“

Официјален извор со кој БИРН зборуваше.

 

Во 2006 година, по апсењето на Бошкоски и Тарчуловски и нивно испорачување во Хаг, македонската Влада одлучи да ја финансира нивната одбрана, но и да обезбеди трошоци за патувања на нивните семејства.

Преку Министерството за правда првично на семејствата им биле одобрени 200 илјади евра, за трошоци за патување, сместување и за подготовки околу ангажирање на адвокати.

Откако оваа сума се покажала премала, Владата донела одлука да одобри дополнителни 770 илјади евра, со што вкупната сума достигнала скоро еден милион евра.

Тогашниот премиер Владо Бучковски, на 2 јуни 2006 година, според тогашното соопштение на прес службата на Владата, лично го известил Бошкоски, дека Владата ќе ја финансира неговата одбрана, а за таа цел ќе ја ангажира босанската адвокатка Едина Решидовиќ.

Бучковски за БИРН потврдува дека во времето додека тој бил премиер, за одбрана на двајцата обвинети и за нивни трошоци биле одобрени околу милион евра.

„Од овие пари, еден милион евра што ги оддели државата, најголем дел им беа дадени на странски адвокати“, вели Бучковски.

Буковски беше премиер до есента 2006 година, кога власта ја презема партијата ВМРО ДПМНЕ.

Од тогаш, нема јавно достапни податоци за владините плаќања, иако, и по доаѓањето на новата влада, која , исто така, се надеваше дека и двајцата ќе бидат ослободени, а имиџот на Македонија неизвалкан, исплатите продолжија да се зголемуваат.

„Владата презема сѐ, да обезбеди соодветна одбрана“,

Никола Груевски, премиер.

 

Во четиригодишниот судски процес против Бошкоски, според проценките од анализата на БИРН за трошоците на постапката пред МКТЈ и од неофицијалните изјави на македонски функционери, трошоците за ангажирање на втор странски адвокат, Генел Метро (Гуенаел Меттрауџ) од лондонскиот Матрикс чејмберс (друштво на адвокатски комори), изнесувале околу 500.000 евра.

Министерот за правда Михајло Маневски, во 2008 година, призна дека државата за двата случаи, во тој момент, исплатила уште 310.000 евра за адвокатски услуги.

„Според анексот на договорот, Владата се обврза да ги преземе трошоците до крајот на судењето, односно до завршните зборови во процесот“, изјави тогаш Маневски.

Во текот на првото четиригодишно судење, трошоците исплатени од државна сметка се зголемија за дополнителни 1,2 милиони евра, иако договорите со адвокатите и исплатените суми никогаш не беа обелоденети.

Владата и натаму молчи

Во 2007 година, пратеничката и поранешен министер за правда, Мери Младеновска-Ѓоргиевска, на упатено прашање до премиерот Никола Груевски, колку е потрошено на двајцата обвинети, доби само нејасен одговор:

„Владата презема сѐ, да обезбеди соодветна одбрана“, одговори Груевски, наведувајќи листа на ангажирани адвокати што владата ги плаќаа.

Младеновска реагираше дека одговорот на Груевски е неприфатлив, но премиерот одби да открие конкретни финансиски детали.

„Најголемата помош се однесува на целосно покривање на трошоците на адвокатите и на одредени други барања што ги поставија семејствата на обвинетите, за кое што јавно не би говорел, бидејки се барања од приватен карактер“, додаде тој.

Трошоците за одбрана ненадејно се зголемија во 2008 година, откако Тарчуловски беше осуден на 12 години затвор.

Владата реши да ангажира тим што ќе ја подготви жалбата, предводен од познатиот американски адвокат Ален Дершовиц, на кого му се припишуваат заслугите за ослободителната пресуда на американски фудбалер О’Џеј Симпсон, кому му се судеше за убиство на неговата сопруга, како и на поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон и на боксерот Мајк Тајсон.

Договорот со Дершовиц беше обвиткан во тајна, но, проценките што поранешни функционери и адвокати што работеле на случајот му ги доставија на БИРН, говорат дека трошоците за неговите услуги, вклучувајќи ја жалбата и правните работи што доведоа до предвремено ослободување на Тарчуловски оваа година, изнесуваат околу 3,5 милиони евра.

Портпарол на Владата, Александар Ѓорѓиев, не одговори на барањата за дополнителни информации за исплатите на Дершовиц.

И сопругата на Тарчуловски, Соња, која сега работи во Владата на Република Македонија, одби да одговори на прашањата околу финансиите потрошени за одбрана на нејзиниот сопруг.

И на крај, според проценките што поранешни и актуелни функционери му ги доставија на БИРН, државата потрошила околу 2,5 милиони евра за лобирање за ослободување на двајцата обвинети, 150.000 евра за церемонијата за нивен пречек, кои дома во Скопје се вратија со владин авион, и 50.000 евра за авионски трошоци на делегации што, во врска со случајот, патуваа во странство.

Политика и пропаганда

Иако Тарчуловски беше осуден за воени злосторства, за некои Македонци тој е национален херој , неправедно затворен заради одбрана на својата земја.

Но, дел од припадниците на албанското малцинство во Македонија го обвинуваат за страдањата што тој ги предизвикал за време на конфликтот во 2001 година.

Неговиот случај останува политички чувствителен поради тлеењето на етничките тензии, и обелоденувањето на сумата пари потрошена за Македонците што извршиле воени злосторства против Албанците, може да предизвика вознемиреност кај ова малцинство.

Прашањето е чувствително и поради фактот што партијата на етничките Албанци, што произлезе од герилските сили што се бореа во конфликтот во 2001, Демократската унија за интеграција, сега е дел од владејачката коалиција во земјата; поранешен албански бунтовник, дури е и министер за одбрана на Република Македонија.

Откако беше ослободен, Тарчуловски, кој сега студира земјоделство, стана симбол што се турка напред за пропагандни цели при владините настани.

Бошковски, пак, од друга страна, по неговото ослободување формираше политичката партија која помина во опозиција, по што се најде во затвор за нелегално финансирање на својата изборна кампања .

Точната сума потрошена за поддршка на двајцата обвинети во Хаг, може никогаш да не се дознае.

Но, Осман Кадриу , професор по кривично право на Универзитетот ФОН , вели дека македонската држава од „хуманитарни и солидарни“ причини дала поддршка на своите граѓани и ги финансирала трошоците за одбраната за двајца осомничени.

„Семејствата на обвинетите немале можности да платат за квалитетна одбрана и хумано е од страна на државата што им помогна на лицата што несреќно се најдоа на судење пред Хашкиот Трибунал“, рече Кадриу.

Сепак, Стево Пендаровски, поранешен советник на македонскиот претседател за национална безбедност , посочи дека, како и во другите поранешни југословенски земји, мотивите биле и политички.

„Прво, или (политичарите на власт) имале слични политички и идеолошки стојалишта со обвинетите или, второ, трпеле силен политички притисок од домашната опозиција и одлуките ги носеле, не од уверување, туку од страв да не загубат од популарноста на некои следни избори“, вели Пендаровски.

Тој заклучува дека ставот на владата говори оти на политичарите им недостига волја да се соочат со она што навистина се случило за време на конфликтот во 2001 година. Се додека злосторства што беа извршени не бидат реално опишани во учебниците , вели Пендаровски, се до тогаш ќе биде јасно дека од соочувањето со сопствената „грда историја“ нема ништо.

Disqus

blog comments powered by Disqus