Истражување 23 Dec 13

Косово: Сомнителните фондови предизвикаа стравувања од корупција

Повеќе од 1.700.000 евра беа обезбедени од приватни фондови за поддршка на обвинетите за воени злосторства од Косово во Хаг, но, тие никогаш јавно не обелоденија, како точно парите се потрошени.

Едона Пеци
БИРН
Приштина

Косовската влада директно не им исплатила ништо на шестмината поранешни борци на ОВК, обвинети за воени злосторства, како помош во нивната одбрана пред Хашкиот трибунал, освен релативно мала сума од 16.750 евра, дадена за прославата за пречек на некои од осомничените, по нивното ослободување.

Но, затоа пак, двајцата најпознати обвинети, Рамуш Харадинај и Фатмир Лимај, кои по војната влегоа во политиката и се најдоа на високи функции, добија големи суми на пари од нетранспарентни приватни фондови, формирани заради обезбедување помош за двајцата обвинетите во Хаг.

БИРН го следеше текот на парите што се слевал во фондовите, основани за повоениот премиер Харадинај, кој во моментов е претседател на опозициската Алијанса за иднината на Косово, како и за поранешниот министер за транспорт, Лимај, кој сега е пратеник на владејачката Демократска партија на Косово.

Пресметките на БИРН укажуваат на тоа дека во фондот на Харадинај биле собрани 1.500.000 евра, а во фондот за Лимај најмалку 212.000 евра, но, вистинската сума е најверојатно уште поголема.

Приватни фондови за обвинетите од Косово

Фатмир Лимај, собрани најмалку 212.000 евра
(Извор: Координативна канцеларија за одбрана на Фатмир Лимај, преку МКТЈ)
Рамуш Харадинај собрани најмалку 1.385.000 евра
(Извор: Случај што се води пред косовскиот суд)

 

Бидејќи фондовите не објавија никакви извештаи за средствата, не е сигурно ниту дали сите пари, што јавноста ги донирала, како одговор на емитуваните ТВ спотови, биле всушност потрошени за правните тимови на двајцата обвинети.

Јавните заложби за Лимај

Лимај, Исак Муслиу и Харадин Бала, беа првите поранешни борци на ОВК, што по завршување на конфликтот беа обвинети од страна на МКТЈ.

Во јануари 2003 година, Трибуналот ги обвини за учество во здружен злосторнички потфат со наводна цел застрашување, навредување, затворање или убивање на српски цивили, но, и Албанци што ги сметале за соработници со српските сили, што одбивале да соработуваат или се противеле на ОВК.

Лимај и Муслиу, во септември 2007 година, беа ослободени од сите обвиненија, додека Бала беше осуден на 13 години затвор.

Сите тројца првично побараа правна помош што МКТЈ им ја нуди на обвинетите што немаат средства да ја платат, но, ситуацијата на Лимај се промени кога беше собрана голема сума на пари, откако на Телевизија Косово беше објавена телефонска линија за собирање средства за него, апелирајќи до луѓето да донираат пари како знак на поддршка за нивниот воен херој.

МКТЈ првично, во март 2003, како советник на Лимај го назначи британскиот адвокат Карим Кан, но неговиот ангажман заврши само по неколку месеци, со образложение дека „вкупниот износ собран преку фондот [за Лимај], до 8 Октомври 2003, бил далеку од доволен за да се покријат сите трошоци на одбраната, за остатокот од претходната постапка“.

„Преку националистичкиот дискурс, јавноста во голем обем беше насочувана и сензибилизирана да дава пари…но, таа никогаш не дозна каде отидоа тие средства“

Нора Ахметај, Центар за истражување, документирање и публикација.

 

Во својата одлука, Трибуналот го цитираше соопштението од Канцеларијата за координација на одбрана на Фатмир Лимај, во кое се вели дека фондот успеал да собере 291,594.92 долари [приближно 212.000 евра].

Но, во јули 2004 година, одбраната на Лимај повторно бара правна помош, поднесувајќи нова финансиска декларација, тврдејќи дека Фондот „е исцрпен и дека повеќе нема пари на располагање за плаќање на неговата одбрана пред Трибуналот“.

По анализирање на финансиите на Лимај, регистраторот на МКТЈ носи одлука дека „обвинетиот делумно ги исполнува условите за правна помош“, давајќи согласност за плаќање на половина од неговите трошоци за преостанатиот дел од судењето.

Но, во Косово почнаа да раснат сомнежи за начинот на кој беа собрани и трошени ресурсите во фондот за Лимај, откако Карим Кан беше ангажиран како негов адвокат во два одделни случаи против него, што следеа по ослободителната пресуда во Хаг. Тоа се случајот “Клечка“ во кој тој беше осомничен за воени злосторства во логорот Клечка и случајот со корупција во Министерството за пошта и телекомуникации на Косово.

Иако фондот беше затворен, Лимај и натаму имаше пари со кои што ги плаќаше своите три адвокати, британскиот адвокат Кан и двајца Албанци, Томе Гаши и Тахир Рецај. Нивните надоместоци никогаш не беа објавени.

Косовскиот весник “Коха Диторе“, во јануари 2013 година, објави дека обвинителот на ЕУ, во случајот со корупција во телекомуникациите, изјавил дека најверојатно, парите со кои Лимај ја платил својата одбрана во случајот Клечка, се обезбедени нелегално. Но, адвокатите на Лимај тврдеа дека готовината е добиена на законски начин, со продажба на земјиште.

Големи пари за Харадинај

Во вториот голем случајот од Косово пред Хашкиот трибунал, во март 2005 година, Рамуш Харадинај, Идриз Балај и Лахи Брахимај, беа обвинети со воени злосторства против цивили.

За разлика од другите обвинети, Харадинај не поднесе барање за правна помош. За него, како и за Лимај, беше формиран солидарен фонд.

„Косовската влада требаше да направи сé што може за да ги поддржи нашите поранешни другари“,

Мухарам Џемајли, Здружение на воени ветерани

 

Во мај 2005 година, двајца членови на неговата партија, Алијанса за иднината на Косово, Јахја Лука, и Етхем Чеку, заедно со Астрит Хараќиа, поранешен минситер во неговата администрација, формираа Комисија за одбрана на Рамуш Харадинај и отворија банкарска сметка на која што луѓето можеа да плаќаат пари. Повторно, беше искористен системот на телефонски донации и повторно беше сервирана добра реклама на Телевизија Косово.

Останатите двајца, обвинети заедно со Харадинај, беа помалку познати и тие не можеа да бараат ваква јавна поддршка, што значи дека тие можеа да добијат само послаба одбрана, вели Беџет Шаља, извршен директор на косовскиот Совет за одбрана на човековите права и слободи.

„И додека на Харадинај му беше лесно да обезбеди парите, за останатите обвинети тоа беше многу потешко. Тоа беше чиста дискриминација, акт што ние го критикувавме, а од Владата баравме да ги преземе трошоците за одбрана на обвинетите“, рече Шаља.

Но, наскоро беше покрената истрага за фондот за Харадинај и за корупција беа обвинети три лица.

Јахја Лука од Алијансата за иднина на Косово, Милазим Абази, директор на Касабанк, и Сејдиу Хашим, менаџер на филијалата на Касабанк во Приштина, беа обвинети за давање на лажни извештаи, за незаконско примање на прилози и за непријавување на трансакции.

Во 2010 година, Абази и Сејдиу беа ослободени, но, Лука беше прогласен за виновен, казнет со 10.000 евра и десет месеци условна затворска казна, што подоцна, по обжалувањето, беше намалена на девет.

Судот утврди дека во периодот меѓу август 2005 и ноември 2006 година, Лука депонирал над 1.500.000 евра во фондот за Харадинај, вршејќи серија различни трансакции во Касабанк.

Но, како и за фондот за Лимај, не беа објавени извештаи со кои на донаторите би им било покажано дека нивните пари биле адекватно искористени.

Иако имињата на оние што донирале во фондот за Харадинај никогаш јавно не беа објавени, Беџет Шаља изјави дека е убеден „оти некои бизнисмени што финансиски придонеле во фондот, подоцна биле исплатени со доделување на тендери или други финансиски услуги“.

Емоцотивната пропаганда за одбрана на воените ослободители на нацијата, беше поттик луѓето да донираат пари во фондовите, кои се одликуваа со „недостаток на транспарентност“, вели Нора Ахметај, извршен директор на Центарот за истражување, документирање и публикација.

„Преку националистичкиот дискурс, јавноста во голем обем беше управувана и сензибилизирана да дава пари за одбрана на Лимај, Харадинај и другите“, нагласува Ахметај.

„Но, јавноста никогаш не дозна каде отидоа тие средства и колку пари навистина беа потрошени. Никој не беше одговорен за износот на собрани пари и за одлевањето на тие средства“, вели таа.

Во март 2008 година, по три години судење, Харадинај и Балај беа ослободени од сите обвиненија. Брахимај беше осуден на шест години затвор за суров третман и тортура.

Следеше делумно повторување на судењето и во ноември минатата година, сите тројца беа прогласени за невини и ослободени.

Забава да, исплата за одбрана не

За разлика од другите земји во регионот, Владата на Косово не даде финансиска поддршката за борците на поранешна ОВК, за време на нивното судење во Хашкиот трибунал.

Во јули 2003 година, владата одлучи да „побара од Економскиот и фискален советот, да обезбеди пари за фондот за одбрана на лицата обвинети од страна на Меѓународниот трибунал во Хаг“, стои во документите до кои дојде БИРН.

Слично барање во март 2005 година, поднел и тогашниот премиер Бајрам Косуми.

Владата решила да „формира комисија за професионална, правна и финансиска помош за процесот пред Хашкиот трибунал за поранешниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај“.

Како што за БИРН изјави постојаниот секретар на владата, Фитим Красниќи, „овие одлуки никогаш не биле спроведени“.

Некои тврдат дека владини тела незаконски и тајно донирале средства во фондот за Харадинај.

„Неколку пати беше споменато дека од косовските институции биле упатувани телефонски повици за фондот за Харадинај “, вели Беким Блакај, извршен директор на Центарот за хуманитарно право.

Но, таквите тврдења никогаш не беа докажани.

Единствената официјална поддршка за кој било обвинет од Косово, беше покажана во декември 2012 година, кога владата одлучи да додели 16.750 евра за прослава и пречек на Рамуш Харадинај и неговите другари, ослободени од Хашкиот трибунал“.

Мухарам Џемајли, претседател на Здружението на воени ветерани, изјави дека смета оти државата требала да направи повеќе за финансиска поддршка на Харадинај и на Лимај.

„Неколку пати ја потенциравме потребата за помош од државата, не од организации или од приватни лица, за справување со ова прашање, со цел да се спречи можната злоупотреба или манипулации“, рече Џемајли.

„Косовската влада требаше да направи сé што може за да ги поддржи нашите поранешни другари“, смета тој.

Но, додека МКТЈ обвинетите беа пречекани како херои и беа собирани пари за да им се помогне да ја извојуваат својата слобода, жртвите на војната беа заборавени, потенцира Блакај, од Центарот за хуманитарно право.

„Никогаш не сум слушнал за случај, жртвите да добијат репарации, јавноста не ги знае жртвите, всушност таа не е заинтересирана да ги запознае“, вели Блакај.

„Во поголемиот број случаи, главна улога имаат обвинетите, кои, на крајот, завршуваат како славни личности“, заклучува тој.

Disqus

blog comments powered by Disqus