Вести 08 Jan 18

Кадри Весели: Пратениците не можат да ja стопираат работата на специјалниот суд

Претседателот на Собранието на Косово и лидер на владејачката Демократска партија на Косово (ПДК), Кадри Весели, изјави дека новите Специјализирани совети со седиште во Хаг, пред кои ќе им се суди на поранешни припадници на ОВК, се неправедни, но оти обидите на пратениците да ја сопрат нивната работа, нема да успеат.

Дие Морина
БИРН
Приштина
Кадри Весели. Фото: БИРН

Кадри Весели, претседателот на косовското Собрание и лидер на владејачката ПДК, во својата колумна објавена во „Газета експрес” во понеделникот, пишува дека обидите на пратениците да го укинат законот за специјалниот суд на Косово, како би ја спречиле работата на новите Специјализирани совети, кои имаат седиште во Хаг, нема да успеат.

„Косово најмалку заслужи да му се случи ова, но ова ќе се случи и покрај тоа што има стотици аргументи против! Тоа е неправда што се прави во името на правдата!“, пишува Весели.

Пратениците на 22-ти декември на драматичен начин се обидоа да го укинат законот со кој се овозможува работата на Специјализираните совети, но под силен притисок на косовските западни сојузници, нивните напори овој предлог да го стават на гласање, беа безуспешни.

Иницијативата за укинување на законот ја поддржаа партиите во владејачката коалиција на Косово - ПДК, Алијансата за иднината на Косово (ААК) и Иницијативата за Косово (НИСМА).

Иницијативата да се оспори законот дојде откако ветераните на ОВК покренаа петиција барајќи измени во законот, поради тоа што тој е „дискриминаторски”, имајќи предвид дека судот ќе им суди само на поранешни припадници на ОВК, а не и на припадници на српските сили.

Весели, ветеран на ОВК, кој за време на војната бил познат како командант Лули, ги повика своите колеги ветерани да останат смирени.

„Им велам на моите колеги да останат смирени и достоинствени, како што секогаш беа. Горди не само на војната што ја поведовме и успехот што го постигнавме, туку, исто така, и на обидите да сториме уште повеќе за државата Косово“, пишува Весели.

Додава дека “никој не може да ги засрами заради војната”, особено не Специјализираните совети.

Весели ги критикуваше опозициските Демократска лига на Косово (ЛДК) и Ветевендосје (Самоопределување), кои на 22 декември не го поддржаа обидот на пратениците да го укинат законот за Специјализираните совети.

„Беше јасно дека ЛДК го искористува моментот на меѓународен ‘силен став’ против иницијативата, за да ги исфрли ‘старите воени непријатели’ (ПДК, НИСМА и ААК), кои се обидоа да го ‘сопрат’ специјалниот суд”, додава тој.

Весели ја обвини опозицијата за политички опортунизам, и истакна дека движењето Ветевендосје “самопрогласено како револуционерно и непослушно кон меѓународната заедница, таа вечер дало пример на ‘екстремна послушност’“.

„(Тоа е) голем револуционерен скок од ‘бескомпромисен идеализам’ до брутален опортунизам”, вели Весели.

Нагласува дека опозицијата ги поддржува Специјализираните совети како дел од својата „политичка борба за моќ и безмилосен реваншизам”.

САД и ЕУ остро го осудија обидот за укинување на законот и предупредија дека Косово може да ја загуби поддршката на Запад и да се најде во изолација.

Весели во својата колумна додава: „Нашите западни партнери се позитивен дел од нашиот пат кон нашата слобода и градењето на државата”.

Но, тој истакнува дека „Косово има свои вистински проблеми и дека нивното преувеличување заради оправдување на неговата изолација, е неприфатливо”.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Latest Headlines

Дневен преглед