Вести 17 Jan 18

Заканите што му биле упатувани на Ивановиќ биле игнорирани

Оливер Ивановиќ, кој беше убиен во вторникот во Митровица, неколку пати изјавувал дека прима закани. Тој побарал помош од српските и од косовските власти, но тие го игнорирале ова.

Маја Живановиќ
БИРН
Белград

Оливер Ивановиќ. Фото: Медиа центар Белград

Оливер Ивановиќ, кој беше убиен во вторникот пред седиштето на неговата партија во Митровица, неколку пати пред својата смрт, изјавил дека тој и неговото семејство добиваат закани и побарал помош од Косово, од Србија, но и од други, но без никакви резултати.

„Ми направија сè што можеа досега, само уште не пукаа во мене, но кој знае, ниту тоа не е исклучено”, изјави Ивановиќ за ТВ Н1 во ноември.

Автомобилот на Ивановиќ, на 28 јули, неколку месеци пред локалните избори во Косово, беше запален.

Ивановиќ беше лидер на политичка партија “Слобода, демократија, правда”, противник на партијата на Србите од Косово, Српска листа, која денес е дел од владата на Косово.

Ивановиќ за Н1 рече оти заканите насочени кон него имаат за цел да ги исплашат луѓето околу него.

Според извештаите од прес-конференцијата на Ивановиќ, одржана по инцидентот во 2017 година, тој изјавил дека има едно нешто што некому не му се допаѓа кај него. “Тоа е мојата политика”, истакнал тој.

По инцидентот, за Радио Телевизија Косово, РТК, Ивановиќ изјави дека за заканите и притисоците ги информирал раководствата на Србија и на Косово, меѓународната заедница, Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС), обвинителите и КФОР.

Ова не е единствениот случај кога автомобилот на Ивановиќ бил запален; сличен инцидент се случил во 2005 година, кога под неговиот автомобил, кој бил паркиран пред зградата во која живеел, била поставена бомба.

„Не очекувам ништо од оваа полиција, бидејќи досега не направи ништо во слични ситуации. Или е во прашање некомпетентност, за што се сомневам, или е во прашање недостиг на храброст и волја да се влезе во конфликт со криминалците и да се тргне во решавање на ваквите случаи“, рече Ивановиќ за новинската агенција Бета, во јули.

Според српските медиуми, во септември 2013 година, пред тогашните локални избори, на кои Ивановиќ беше кандидат за градоначалник на Митровица, непознато лице влегло во станот на Ивановиќ и ја нападнало неговата сопруга.

Истата година, непознат напаѓач пукал кон седиштето на неговата партија. Ивановиќ тогаш за медиумите изјави оти е сигурен дека мотив за нападот е неговата политика.

Портпаролката на Ивановиќ, Ксенија Божовиќ, за БИРН изјави: „Никој не може да каже дека не знаеле”.

„Што уште требаше да се случи за некој да реагира?”, праша таа.

Божовиќ додаде дека во ниту еден од овие случаи сторителот не е пронајден.

„Се плашеше за својот живот, за безбедноста на своето семејство, тој сите ги информира за тоа - и Србија, и Косово, и меѓународната заедница. Сите знаеја“, нагласи таа.

Српската и косовската полиција не одговорија на прашањето на БИРН за заканите што Ивановиќ им ги пријавил.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, во вторникот изјави дека српските безбедносни служби не знаеле за постоење на директни закани кон Ивановиќ.

Ивановиќ беше убиен во вторникот наутро, пред седиштето на неговата партија. Почина во болница. Неговото убиство остро го осудија официјални лица на ЕУ, на Србија и на Косово.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Најнови наслови

Дневен преглед