Вести 30 Oct 17

ЕУ реагираше на ангажманот на Лазаревиќ како предавач на Воената академија

Европската унија ја осуди одлуката на Србија да го ангажира осудениот за воени злосторства, генерал Владимир Лазаревиќ, како предавач на Воената академија во Белград.

Филип Рудиќ
БИРН
Белград
Лазаревиќ на судењето во Хаг. Фото: Бета/Бас Червински.

Портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчиќ, за БИРН во понеделникот изјави дека со ангажманот на генерал Владимир Лазаревиќ, кој десет години помина во затвор, за воени злосторства извршени во конфликтот во Косово, како предавач на Воената академија, Србија „скршнала” од принципите до кои треба да се придржува како кандидат за членство во ЕУ.

„Очекуваме политичките лидери да ги почитуваат жртвите на изминатите конфликти и вистински да го промовираат помирувањето во регионот на Западен Балкан, што е од суштинско значење за стабилноста, просперитетот и мирната иднина”, вели Коцијанчиќ, во своето соопштение.

Таа истакнува дека политичките лидери треба да направат напори за надминување на тешкото наследство на минатото и конструктивно да иницираат взаемна доверба, дијалог и толеранција.

„Србија како земја кандидат за членство во ЕУ, не може да отстапува од овие принципи, а назначувањето на лице осудено за воени злосторства, како предавач на Воената академија, е во спротивност со европските стандарди”, додаде таа.

Лазаревиќ, кој во 2015 година ја одлежа казната затвор и се врати во Србија, каде што беше пречекан како херој, во четвртокот го одржа своето прво предавање на тема “хероизмот и човечноста” на српските војници во одбраната од НАТО бомбардирањето во 1999 и ефикасноста на „антитерористичките операции” во Косово од 1998 до 1999 година.

Министерот за одбрана, Александар Вулин, кој Лазаревиќ, кога на 18 октомври објави дека тој ќе биде ангажиран како предавач, го нарече „пример“, изјави дека предавачи ќе бидат и други команданти од војните во деведесеттите години.

Пофалбите кои Вулин им ги упати на воените злосторници, ги критикуваше амбасадорот на САД во Белград, Кајл Скот, кој потоа беше нападнат од српските медиуми.

Според пресудата, Лазаревиќ ја помагал и поттикнувал депортацијата на Албанците од Косово и извршил други нехумани дела, пружајќи им практична помош на припадниците на Војската на Југославија (ВЈ).

Како резултат на тоа, околу 11.000 косовски Албанци биле убиени, а околу 700.000 протерани во соседна Албанија, Црна Гора и Македонија.

Судот утврди дека Лазаревиќ бил свесен за фактот дека за време на операциите на ВЈ и на МВР Србија во Косово, биле извршени злосторства над цивилите и нивниот имот.

Српските власти приредија дочек за неколку ослободени воени злосторници и им помогнаа да станат активни учесници во јавниот и во политичкиот живот.

Поранешниот полковник на ЈНА, Веселин Шљиванчанин, кого Хашкиот трибунал го осуди за масакр во Вуковар во 1991 година, држеше говори на настани организирани од владејачката Српската напредна партија, СНП, на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Уште еден осуден воен злосторник, поранешниот потпретседател на Владата на Сојузна Република Југославија, Никола Шаиновиќ, доби висока позиција во Социјалистичката партија на Србија, главниот коалициски партнер на СНП.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Дневен преглед