Вести 12 Jan 18

Вдовици на бранители ја критикуваа ХРТ поради комедија

Вдовици на хрватските бранители ја критикуваа Хрватската радио телевизија (ХРТ), поради најавеното емитување на комедијата „Министерство за љубов”, во која станува збор за нивните пензии, иако времето на нејзино емитување беше префрлено во доцните вечерни часови.

Свен Милекиќ
БИРН
Загреб
Сцена од филмот. Фото: Јутјуб

ХРТ одлучи да не ја емитува романтичната комедија во првично најавениот термин, туку емитувањето да го префрли во доцните вечерни часови, откако во четвртокот вдовици на бранителите на Татковинската војна, одржаа протест пред седиштето на хрватскиот јавен емитер.

Премиерата на комедијата „Министерство за љубов” беше најавена во 21.00 часот, што е вообичаено време за премиери на ХРТ, но подоцна беше презакажана за 23.20 часот.

Поради тоа, Здружението на вдовици на хрватските бранители од Татковинската војна, во четвртокот одржаа протест пред седиштето на ХРТ.

Ним им се придружија и некои бранители, како што е Јосип Клем, познат како еден од водачите на едно и пол годишните протести пред Министерството на бранители во Загреб.

Вдовиците сметаат дека ХРТ, но и филмот, „ја клеветат Татковинската војна и Хрватска” и истакнаа дека префрлањето на терминот на емитување не е доволно.

„Иако одговорните во ХРТ беа предупредени оти комедијата „Министерство за љубов“ се потсмева и ги навредува нашитe вдовици, деца, нашите убиени мажи, Татковинската војна во Хрватска, тие решија да ја емитуваат вечерва”, беше кажано на протестот.

Како што беше посочено, до ХРТ писмо испратил и министерот на бранителите, Томо Медвед, кој побарал од јавниот сервис да го повлече филмот од распоредот за емитување.

Од Министерството на бранители за БИРН изјавија дека наскоро ќе одговорат на големиот број прашања во врска со овој проблем.

За вдовиците и бранителите, филмот е проблематичен бидејќи се фокусира на двајца службеници во Министерството за бранители, кои патуваат низ Хрватска и истражуваат потенцијални случаи на измама на воените вдовици, кои примаат пензии во име на нивните починати или убиени мажи.

Трејлерот на филмот

Имено, во филмот, двајцата службеници истражуваат дали некоја од вдовиците се премажила или живее со некого во вонбрачна заедница, со што се губи правото на пензија.

ХРТ, откако почна кампањата против емитувањето на филмот „Министерство за љубов”, прво одлучи да го повлече филмот и да го емитува на 4 јануари, а потоа во последен момент реши во најавениот термина да прикаже друг филм, а комедијата да ја прикаже во четвртокот.

Во средата, претставнички на вдовиците и Здружението на жени од Татковинската војна го критикуваа филмот и во десничарската емисија „Бујица” на Велимир Бујанец.

По протестите во четвртокот, ХРТ, без какво било објаснување, одлучи да го пренесе терминот на емитување на комедијата во доцните вечерни часови.

Не е првпат здруженијата на воените ветерани и на вдовиците да протестираат против прикажување на некој филм или театарска претстава.

Тоа се случи и во 2016 година, кога здруженија на бранители и индивидуалци, протестираа против петнаесетминутниот данско-хрватски документарен филм „Масакрот во Двор”, кој зборува за воените злосторства извршени од страна на непознати единици на 8 август 1995 година во местото Двор, при што биле убиени десет цивили, инвалиди, од српска националност.

Иако целта на филмот била да се покаже како данските војници на ООН стоеле и го гледале убиството на цивилите, критичарите на филмот во Хрватска тврдеа дека филмот е напад на Хрватска.

Изјавија оти е особено проблематично што еден таков филм е финансиран од државни средства од Хрватскиот аудио-визуелен центар, ХАВЦ.

Ова беше почетна точка на јавните неодобрување меѓу тогашниот директор на ХАВЦ, Хрвое Хрибар и воените ветерани, кои поднесоа кривична пријава против него за наводна корупција.

Првиот акциски филм за војната во 90-тите, „Број 55”, беше премиерно прикажан во 2014 година. Филмот говори за вистински настан, за група хрватски војници кои се бореле против Србите во селото Кусоње во западна Славонија, криејќи се во куќа со број 55.

Иако филмот доби многу пофалби и многу награди, некои бранители го критикуваа бидејќи не било прикажано како војниците во рацете или околу вратот носат круница.

Некои бранители протестираа и поради премиерата на театарската претстава за Александра Зец, дванаесетгодишно девојче од српска националност од Загреб, која била убиена од припадници на хрватскиот резервен полициски баталјон, предводен од Томислав Мерчеп.

Една година претходно, некои здруженија на ветераните протестираа против претставата „Добри, мртви девојки”, заради плакатот за претставата, на кој е прикажана Богородица, која допира гради на друга жена.

Disqus

blog comments powered by Disqus

Дневен преглед