Истражување 23 Dec 13

Босна и Херцеговина: Етничката политика ги диктира исплатите

Босанските Срби осомничени за воени злосторства добиле 640.000 евра државни пари, плус дополнителни средства од приватни фондови, додека Бошњаците и босанските Хрвати не добиле ништо.

Денис Џидиќ
БИРН
Сараево
Најголем број на смртни случаи, за време на конфликтите во поранешна Југославија во почетокот на 90-тите, имаше во Босна и Херцеговина, околу 100.000, а околу 2,2 милиони луѓе, поради војната, ги напуштија своите домови.

Затоа, 101 од 161 обвинение, покренато од страна на Хашкиот трибунал, беа за воени злосторства извршени во оваа земја, но, Босна потрошила многу помалку за своите обвинети, од повеќето други поранешни југословенски држави, а некои од обвинетите воопшто и не добиваат ништо од својата матична земја.

 

„Мислам дека е хумано и морално, Република Српска да им помогне на своите политичари и војници, кои се погрешно осудени“

Пантелија Ќургуз, претседател на Боречката организација на Република Српска.

 
 

Двата ентитета, односно политички субјекти во земјата, Република Српска, РС, предводена од босанските Срби, и бошњачко-хрватската Федерација Босна и Херцеговина, ФБиХ, зазедоа различни пристапи кон нивните обвинети што се наоѓаат пред судот на ООН: РС официјално им дава некаква финансиска поддршка на своите осомничени, а ФБиХ, не.

Република Српска потрошила вкупно 640.000 евра за нејзините обвинети пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, изјавија за БИРН властите во Бања Лука.

Министерството за правда изјави дека властите на босанските Срби имаат распределено средства за обвинетите, на три начини.

Прво, во септември 2005 година, Владата на РС донела одлука за еднократна исплата на 25.000 евра за секој обвинет од страна на МКТЈ, кој што доброволно ќе се предаде на локалните власти. Ова го сториле седум лица, што владата, која одби да ги открие нивните имиња, ја чинело вкупно 175.000 евра.

Вториот начин, во форма на еднократна помош од 50.000 евра доделени на семејства на лица уапсени од страна на Трибуналот, заради обезбедување на нивна „материјална и финансиска благосостојба“.

Трето, властите на босанските Срби во 2001 година формираа фондација наречена “Помош“, која преку Здружението на поранешни борци на Република Српска им помага на семејствата на лицата на кои што им се суди пред Хашкиот трибунал или пред Државниот суд на Босна и Херцеговина.

Помеѓу 2003 и 2013 година, од Владата на босанските Срби, Фондацијата добила околу 412.000 евра, кои ги дистрибуирала до семејствата на осомничените за воени злосторства во Хаг или во Сараево.

Без исплати за Бошњаците и Хрватите

И покрај фактот што на судење во Хаг беа испратени двајца воени команданти на претежно бошњачката Армија на Босна и Херцеговина, Сефер Халиловиќ и Расим Делиќ, но, и неколку други високи официјални претставници на босанските Хрвати, Владата на ФБиХ, нема доделено финансиски средства ниту за нивна одбрана, ниту како помош за нивните семејства, беше кажано за БИРН.

„Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина никогаш ниту планирала, ниту дала финансиска поддршка за обвинетите од Хашкиот трибунал или за членовите на нивните семејства“, изјави Едита Калајџиќ, секретар на Федералната влада.

Од друга страна, иако властите на Република Српска издвојуваат средства за семејствата на обвинетите босански Срби за воени злосторства, трошоците за нивна одбрана ги плаќа МКТЈ, односно ООН.

 

„Знаеме дека дел од населението, гледа позитивно на некои обвинети, па поддршката од политичарите е само демонстрација на таа реторика“

Парам-Прит Синг, Хјуман рајтс воч.

 
 

Така, на почетокот, сите трошоци за судењето на поранешниот политички лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, и нивниот воен командант, Ратко Младиќ, што изнесуваа стотици илјади евра, беа платени од страна на МКТЈ.

Но, годинава, МКТЈ донесе одлука според која Караџиќ и Младиќ треба сами да финансира дел од својата одбрана, бидејќи можат да си го дозволат тоа. На Караџиќ му беше наредено еднократно да плати 150.000, а на Младиќ 60.000 евра.

Законските застапници на Караџиќ и Младиќ, за БИРН изјавија дека тие никогаш за својот ангажман, не добиле пари од властите на Република Српска.

„Помошта од нив се состои од доставување на документи. Никогаш не сме добиле финансиска помош од која било влада во Босна и Херцеговина“, вели Миодраг Стојановиќ, помошник советник во тимот на Младиќ.

„Единствената финансиска помош за тимот адвокати на одбраната, доаѓа од владата на Србија, за нивните граѓани“, вели тој.

Властите во Белград, за БИРН изјавија дека Младиќ од Србија досега има добиено околу 6.500 евра, но, само како лична поддршка, а не и за негова одбрана.

Изјавата на Стојановиќ ја потврдува и Питер Робинсон, правен советник на Караџиќ.

„Не постои законска обврска државата или ентитетот да им дава финансиска поддршка на обвинетите од МКТЈ. Сепак, некои држави, како Хрватска и Косово, обезбедиле финансиска помош за нивните државјани обвинети пред Хашкиот трибунал, и можете да ги видите резултатите“, рече Робинсон.

Минатата година, Трибуналот донесе контроверзна ослободителна пресуда за поранешниот косовски премиер, Рамуш Харадинај, и хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач.

Хрватска издвои големи суми за да им помогне на своите воени генерали, но, косовските власти негираа дека плаќале поддршка за Харадинај, иако неговиот приватен фонд достигна сума од над еден милион евра.

Жртви го осудуваат трошењето пари за осомничените

Дел од воените жртви се бесни поради идејата дека лица како Караџиќ или Младиќ би можеле да добиваат јавни средства, како начин да им се помогне да ги побијат обвиненијата против нив.

Када Хотиќ од Сребреница, која загубила дел од своето семејството кога силите на босанските Срби ја нападнале заштитената ООН зона и масакрирале повеќе од 7.000 бошњачки мажи и момчиња во јули 1995 година, изјави дека ваквите плаќања претставуваат продолжување на воените злосторства од минатото.

„Би било многу подобро доколку тие овие пари ги инвестираат во реконструкција на училишта или во заедницата, во некоја дејност што би им овозможила на луѓето да добијат работни места, или нешто слично“, рече Хотиќ.

Сличен став има и Анѓелко Квесиќ, претседател на Здружението на поранешни хрватски логорски затвореници во централна Босна, кој вели дека властите треба повеќе да им дадат на жртвите на тортура и другите лица што страдале за време на конфликтот.

„Треба да се има на ум дека обвинетите лица се невини додека не се докаже нивната вина, но, сепак, ние речиси и не добиваме пари за нашите жртви“, рече Квесиќ.

Некои од овие ставови беа повторени и од главниот обвинител на МКТЈ, Серж Брамерц. Потврдувајќи дека „суверените држави сами одлучуваат како ќе ги потрошат парите“, тој додава дека го разбира гневот на дел од жртвите.

„Ја гледам фрустрацијата на жртвите, особено во Босна и Херцеговина, каде со години постои обид да се создаде фонд за жртвите, и мислам дека сѐ уште сме далеку од тоа, а во исто време, на потенцијалните воени злосторници, се трошат големи суми пари“, изјави Брамерц за БИРН.

„Нормално е секој обвинет да има најдобра одбрана и ова е прашање на суверените држави, но, јас би сакал да видам како овој ист ентузијазам се применува и за поддршка на жртвите“, додаде тој.

Сепак, ова не е универзално гледиште поддржано во цела Босна, особено меѓу Србите кои се чувствуваат како жртвено јагне и како диспропорционално казнети за воените злосторства.

Недељко Митровиќ, претседател на Здружението на семејствата на загинати и исчезнати лица на Република Српска, вели дека нема ништо лошо во финансирањето на МКТЈ обвинетите, кои се невини додека не се докаже дека се виновни.

„Не гледам ништо незаконски во ова. Тоа само може да им помогне на луѓето да добијат фер судење“, рече Митровиќ.

Разликата помеѓу пристапот на властите на босанските Срби и на властите во Федерацијата, во однос на доделувањето на средства, е само поради фактот што Република Српска има централизирана Владата, чии членови се претежно од српска националност, а во Федерацијата, за да се донесе таква одлука, мора да биде постигнат консензус меѓу Бошњаците и Хрватите, вели Вехид Шехиќ, правен експерт и поранешен босански судија.

Ова се покажа како невозможно, а тоа значи дека обвинетите босански Срби добиваат подобар третман, а со тоа и подобри шанси пред судот, од останатите обвинети од друга етничка припадност, смета Шехиќ.

„Мислам дека оваа ситуација е неприфатлива, бидејќи сега имаме правна несигурност. Луѓето од различни ентитети во една држава имаат различен третман“, вели тој.

Српски фонд за собирање пари за Србите

Иако двата ентитета во Босна и Херцеговина му доставија на БИРН официјални податоци за потрошените финансиски средства за обвинетите пред Хашкиот трибунал и нивните семејства, другите форми на финансиска помош за осомничените за воени злосторства, беа потешки за докажување.

Во јуни 2013 година, Република Српска донесе одлука според која „сите работници и вработените во владините и јавни претпријатија“, можат да издвојат дел од нивната плата за фондот “Помош“, изјави Маја Радетиќ, портпарол на Министерството за труд и боречко-инвалидска заштита во РС.

Но, Радетиќ вели дека нејзиното министерство не води евиденција колку луѓе двојат дел од платите за овој фонд.

“Помош“, пак, нема објавено никакви бројки, а претседателот на Боречката организација на РС, Пантелија Ќургуз, кој ја контролира фондацијата, тврди дека таа финансиски не стои добро.

„Имаме минимални средства, ни блиску колку што ни се доволни“, изјави тој за БИРН.

Ќургуз вели дека би сакал “Помош“ да може да ја финансира ревизијата на судските процеси на осудените за воени злосторства босански Срби, бидејќи „многу невини луѓе се во затвор“.

„Мислам дека е хумано и морално, Република Српска да им помогне на своите политичари и војници, кои се погрешно осудени, финансирајќи ја ревизијата на нивните судски процеси пред судовите. Посакувам сите тие да ја докажат својата невиност пред судот“, нагласува тој.

Но, иако овие исплати се законски, мотивите што стојат зад нив често се од политички, а не хуманитарен карактер, и инспирирани од националистичка реторика, вели Парам-Прит Синг, од невладината организација “Хјуман рајтс воч“.

„Знаеме дека дел од населението, гледа позитивно на некои обвинетите, па поддршката од политичарите е само демонстрација на таа реторика“, рече Синг.

Disqus

blog comments powered by Disqus