Истражување 25 Jun 13

Балканските споменици чудни и прекрасни

Од Боб Марли во Србија, до Џорџ Буш во Албанија, Балканот е полн со необични споменици на познати личности и политички големци, како и споменици посветени на минатите конфликти.

Бесар Ликмета, Синиша Јаков Марушиќ, Немања Чабриќ, Борис Павелиќ, Едона Пеци,Милена Милошевиќ
БИРН
Фуше Круја, Скопје, Банатски Соколац, Загреб, Приштина, Подгорица

Албанскиот Џорџ Буш

Статуата на Џорџ Буш во Фуше Крује / Фото: Бесар Ликмета

Кога поранешниот претседател на САД Џорџ Буш, во јуни 2007 година, ја посети Албанија, тој не беше популарен човек, ниту дома, ниту на Средниот Исток и во повеќето места што ги посетуваше во Европа, тој се соочуваше со протести.

Но, во Албанија, беше сосема друга приказна. Особено во малиот град Фуше Круја, во кој денес неговата статуа го краси градскиот плоштад. Буш го посети овој градот на патот кон аеродромот, каде што со еден бербер, кројач и пастир, разговараше за американските микро-заеми. Беше пречекан како рок ѕвезда.

Фестим Цела, со задоволство се сеќава на овој ден. Претседателот на САД го посети неговото кафуле во Фуше Круја.

„Беше многу едноставен и опуштен човек, со раскопчана кошула и завиткани ракави, едвај личеше на официјален претставник. Моето семејство и мојот град никогаш нема да го заборават тој ден“, се присети Цела.

Статуата, која беше откриена на 12 јуни 2011 година, е дело на скулпторите Ќазим Кертуша и Ибрахим Реќи.

Кертуша се сеќава дека тие, по посетата на претседателот, поттикнати од топлиот пречек што му бил организиран, од поддршката на Буш на независноста на Косово и на влезот на Албанија во НАТО, го посетиле градот и го убедиле градоначалникот и градскиот совет на Фуше Круја да дадат одобрение за изградба на споменик.

„Нашата замисла како уметници, беше да направиме споменик во облик на календар, во кој ќе бидат обележани изјавите што Буш ги даде, а кој ќе го симболизира почетокот на една нова ера за нашата нација“, рече Кертуша.

„Граѓаните и оние што тој ден се запознале со него, го доживеале како пријатен и пристапен човек, па градскиот совет решил да го овековечи Буш, правејќи негова статуа“, додаде тој.

80 годишниот Кадри Весели, сликовито се сеќава на денот на посетата на Буш.

„Буш се ракуваше со луѓето пред кафулето, а потоа застана пред една пекара каде што изеде парче леб“, вели Весели. „Тој беше претседател на САД, а мене ми изгледаше како фин и пријателски расположен човек, па затоа мислам дека е добро што оваа посета ја овековечивме со споменик“, додаде тој.

Оттогаш, името на кафулето на Цела беше преименувано во “Џорџ Буш кафе“. „За нас, посетата беше голема чест, долго време се прашувавме зошто тој го одбра токму нашиот град“, рече тој. „Статуата е начин оваа посета никогаш да не биде заборавена, начин да не ја стигне забот на времето“.

Македонската Мајка Тереза

Споменикот и спомен-куќата на Мајка Тереза изградени во 2009 / Фото: Flickr/zoranpoposki

Catholic nun Mother Teresa may have won the Nobel peace prize, but in her hometown of Skopje, she has become the focus of a long-standing dispute between ethnic Macedonians and ethnic Albanians.

Католичката калуѓерка Мајка Тереза, беше добитник на Нобелова награда за мир, но во нејзиниот роден град Скопје, таа стана центар на долготраен спор меѓу Македонците и етничките Албанци.

Родена како Агнес Гонџа Бојаџиу, во 1910 година во Скопје, во етничко албанско семејство, Мајка Тереза ја доби Нобеловата награда за нејзината 40-годишна работа со сиромашни и болни лица во Индија.

„По крв, јас сум Албанка. По државјанство, Индијка. По вера сум католик“, рече еднаш таа.

Нејзиниот наследство е, исто така, предмет на борба меѓу трите соседни балкански држави, Албанија, Косово и Македонија.

Првата нејзина статуа, беше подигната во Скопје, во центарот на градот во 1990 година, а во 2009 година Владата ја отвори спомен-куќата на Мајка Тереза.

Новите најавени планови опфаќаат изградба на 20 метри висок меморијален комплекс на централниот плоштад во Скопје, финансиран од страна на индискиот бизнисмен Субрата Рој, што беше поздравено од македонскиот премиер Никола Груевски.

„Без разлика што правиме, ние никогаш не ќе можеме да сториме доволно за Мајка Тереза“", изјави Груевски во јануари, откривајќи го најновиот проект.

Од друга страна, соседна Албанија по неа го именуваше својот меѓународен аеродром, една болница и еден плоштад.

Таа е почитувана фигура и на Косово, каде што повеќето градови имаат плоштади што го носат нејзино име.

На многу етнички Албанци од Македонија, но и од други места, не им се допаѓа тоа што Македонија го нагласува фактот дека таа е родена во Скопје, често опишувајќи ја како „Скопјанката, Мајка Тереза“, при тоа речиси постојано испуштајќи да нагласи дека таа била од албанска националност.

Опозициската Демократска партија на Албанците, една од најсилните партии на етничките Албанци во Македонија, инсистира земјата да престане да ја претставува оваа  калуѓерка како своја.

„Таа [Мајка Тереза], ниту по потекло, ниту земајќи ја предвид нејзината мисија, не му припаѓа на македонското наследство. Чувствуваме голема загриженост поради подмолните обиди на разни македонски кругови да ги прикријат нејзините албански корени, замаглувајќи го овој факт со збунувачки етикети како „скопјанка“ или „македонски граѓанин“, напиша оваа партија во писмото до премиерот во 2006 година.

Авторот на книгата “Скопјанката Мајка Тереза“, Јасмина Миронски, тврди дека со наведување на местото на нејзиното раѓање, никој не ги негира нејзините етнички корени. Таа смета дека ниту една земја не треба да има исклучиво право на нејзиното наследство.

„Невозможно е да се присвои личност“, вели Миронски.

Вработените во Спомен-куќата Мајка Тереза, сметаат дека не треба толку да се гледа на нејзината етничка припадност.

„Ние не зборуваме за неа како за Македонка или Албанка. Тоа за нас овде не е важно. Таа е светски познат хуманитарец, родена во Скопје и не гледам ништо лошо во прославувањето на овој факт“, рече еден од вработените, инсистирајќи на анонимност.

Но, некои луѓе што шетаа низ пешачката улица недалеку од споменикот, размислуваа поинаку.

„Албанците немаат право да ни забранат да ја чествуваме Мајка Тереза. Зошто? Затоа што таа е родена тука и колку што знам, не е ниту 100 отсто јасно дали таа е Албанка или Влаинка или нешто друго“, вели Ангел Мојанов, 30-годишен Македонец.

„Не е во ред да ја опишуваат како Македонка, бидејќи таа тоа не е и Владата треба да престане со тоа“, вели 45-годишен етнички Албанец, кој побара да остане анонимен, додавајќи дека „тие требале, барем најмалку, да го напишат нејзиното име на албански, [под споменикот во центарот на Скопје], ако сакаат да покажат соодветна почит“.

Српскиот Боб Марли

Статуата на Боб Марли во Банатски Соколац / Фото: Немања Чабриќ

На осамено место пред училиштето во малото северно српско село Банатски Соколац, иконата на мирот и толеранцијата од Јамајка, реге ѕвездата Боб Марли, крева тупаница кон небо.

„Воинот со гитара во рака“, стои во натписот во основата на статуата. Зад овој споменик, се наоѓаат некои стари југословенски споменици од Првата и Втората светска војна, создавајќи во исто време смешна и хумористична, но и ненамерна слика на вистинска балканска импровизација.

Споменикот на Марли, изработен од полиестер, дело на хрватскиот скулптор Давор Дукиќ, беше поставен во 2008 година од страна на српски и хрватски музичари, за време на  рок фестивалот што се одржува еднаш годишно во селото во кое живеат помалку од 400 жители.

Поставувањето на споменикот е протолкувано како барање за помирување и хуманизам, како антивоена порака за „една љубов“ меѓу луѓето од сите раси. Пред него, во Житиште, Србија беше поставена статуата на боксерот Роки Балбоа, а во Мостар во Босна и Херцеговина, статуата на филмската кунг фу ѕвезда Брус Ли. Ваквите проекти се толкуваат како обид на помладата генерација, да најде херои што наместо да разединуваат, ќе обединуваат.

„По распадот на поранешна Југославија и по крвопролевањето во 90-тите, луѓето ретко можат да се договорат околу нивните водечки модели, па претпочитаа личности што не се поврзани со регионот“, објави еден весник по поставувањето на статуата.

Но, статуата на Брус Ли беше отстранета, откако беше вандализирана, а Марли од Банатски Соколац се чини дека не е тоа што се чинеше дека е. Иницијаторот на проектот, Мирко Миљуш, кој го организира селскиот рок фестивал, вели дека статуата на ѕвездата од Јамајка, стои шарена и горда среде ничија земја во војводинската рамница, не како споменик, туку како парче од сценскиот декор „замислено како дел од фестивалот“.

Тој се согласува дека Марли е меѓународен симбол на мирот, но нагласува дека статуата има вистинска смисла само за време на фестивалот, кога ова „село на умирање, заживува барем малку“.

Скулпторот Дукиќ, сепак, смета дека таа има вистинска вредност на уметничко дело: „Статуата има вредност за луѓето што живеат тука“, рече тој, додавајќи дека во текот на изминатите години имало инциденти кога скинхедсите и хулигани сакале да ја демолираат, но локалните жители и организаторите на фестивалот успеале да ја одбранат.

Освен трајната популарност на неговите песни на Балканот, постојат некои не толку значителни врски меѓу Марли и поранешна Југославија. Како Rasta, Марли го обожувал пријателот на поранешниот претседател Јосип Броз Тито, Хајле Селасие, застапник на Движењето на неврзаните земји чиј основач беше Југославија. Марли беше православец, тој беше крстен седум месеци пред да почине од страна на архиепископот на Етиопската православна црква, а со тоа тој ја делел својата религија со околу 80 отсто од Србите.

Хрватскиот Никола Тесла

Статуата на Никола Тесла пред неговиот меморијален центар во Смиљани / Фото: MayaSimFan, Wikimedia commons

Статуата на Никола Тесла стои во еден магацин во Загреб, како резултат на спор што се појави долги години по смртта на овој пионер пронаоѓач.

Тесла има српско потекло, но, тој бил роден во Хрватска, па така, во малиот хрватски град Госпиќ, во близина на неговиот дом во селото Смиљан, во 1981 година, додека Југославија беше една држава, во негова чест беше подигнат споменик. Србија го смета за национален херој, па, аеродромот во Белград го  именува по него.

Споменикот во Госпиќ беше копија на статуата чиј автор е хрватскиот уметник Франо  Кршиниќ, а чии идентични дела стојат и во Белград и на Нијагарините водопади, но кога започна војната во Хрватска и кога "српските" симболи станаа цели на напад, таа беше разнесена од непознати сторители.

Статуата беше обновена во леарницата на Академијата за визуелни уметности во Загреб во 2006 година, кога беше прославена 150-годишнината од неговото раѓање, како резултат на соработката меѓу хрватското и српското министерство за култура.

Никола Церјанец, заменик директор на леарницата, ја опиша како „ремек-дело“.

Сепак, статуата остана заложник на националистите што Тесла го гледаат како Србин, па оттаму и како непријател.

Пред три години, градоначалникот на Госпиќ, Никола Колиќ, изјави дека локалните власти не го сакаат Тесла назад, туку дека на негово место ќе ја постават статуата на поранешниот хрватски претседател, Фрањо Туѓман.

Колиќ е член на Хрватската демократска заедница, политичка партија основана од страна на Туѓман, кој владеел со Хрватска во време кога многу споменици беа уништени од политички причини.

Во јануари оваа година, хрватскиот премиер Зоран Милановиќ апелираше до властите во Госпиќ, да ја вратат статуата на Тесла назад.

„Тесла е еден од ретките луѓе што му припаѓаат на целото човештво и мислам дека тој треба да има споменик и во Загреб и Госпиќ“, рече Милановиќ.

И покрај ова, статуата останува во магацинот на леарницата, чекајќи промена на политичките ветрови.

Косовскиот Бил Клинтон

Статуата на Бил Клинтон во Приштина / Фото: Едона Пеци

На булеварот Бил Клинтон во Приштина стои три метри висока статуа на поранешниот претседател на САД, кој држи книга во која е впишан датумот 24.03.1999, денот кога НАТО ја започна кампањата на бомбардирање со која се  стави крај на војната на Косово во 1999 година.

Споменикот е изграден во знак на благодарност на Клинтон за неговата улога во наредбата за бомбардирање на Србија, а десетици илјади лица го поздравија кога тој во ноември 2009 година присуствуваше на поставувањето на споменикот, мавтајќи со знамето на САД и носејќи слики на нивниот американски херој.

„Никогаш не сум очекувал дека некаде некој ќе направи толку голема моја статуа“, и изјави Клинтон на насобраната толпа, велејќи дека скулпторот „направил одлична работа“.

Но, критиките што потоа се појавија на Косово, нагласуваа дека не само што статуата е уметнички несоодветна, туку уште полошо, дека таа дури и не наликува многу на поранешниот претседател.

Проектот беше инициран од страна на албанско-американска групата наречена “Пријатели на Бил Клинтон, пријатели на Америка“. Групата потроши 6000 евра за статуата, косовското Министерство за култура донира околу 20.000 евра, а непозната сума на пари даде и Приватна бизнис банка .

Критичарите велеа дека статуата, чиј автор е Изеир Мустафа, не само што е лоша и грда, туку и дека сиромашно изгледа поставена меѓу големите згради што го засенуваат Клинтон.

Дури и некои минувачи во главниот град на Косово не се многу воодушевени.

„Кога ќе влезете во Приштина и кога ќе ја видите статуата, ќе признаете дека таа дури и не личи на Клинтон“, изјави Фисник Нимони, студент од Пеќ.

„Самата форма на статуата, раката подигната во знак на поздрав, е слична на спомениците од комунистичкиот период“, додаде тој.

Мустафа Халили, поранешен шеф на директоратот за култура на Приштина, изјави дека донесената одлука за поставување на статуата на местото на кое што сега се наоѓа, е сосема „соодветна, бидејќи таа требала да се стави на булеварот што го има истото име“.

Но, дури и Халили признава дека можело да се направи и подобра работа. „Се согласувам со критиките, бидејќи статуата навистина нема уметнички вредности, скулпторот Мустафа веќе работеше на неа, кога почнавме да бараме уметник кој ќе го стори тоа. Затоа решивме парите предвидени за проектот да му ги доделиме нему“, рече тој.

Црногорскиот Владимир Висоцки

Статуата на Владимир Висоцки во Подгорица / Фото:  Rasho992, Wikimedia Commons

Како статуата на големиот руски бард Владимир Висоцки заврши во Подгорица? Висоцки, кој е едвај препознатливо име на Балканот, пишуваше емотивни песни и стихови што од него направија поет херој во поранешниот Советски Сојуз, пред да почине во 1980 година на возраст од 42 години, по долгодишна употреба на алкохол и дрога.

Статуата на Висоцки стои во близина на Милениумскиот мост, симбол на црногорската обнова по турбулентните 90-ти, изграден на бреговите на реката Морача, и е еден од неколкуте споменици поставени во чест на историските врски на државата со Русија, меѓу кои и статуата на поетот Александар Пушкин.

Врамен во метална рамка, која во лето одразува заслепувачка светлина, споменикот го прикажува Висоцки со разголени гради и бос. Во едната рака тој држи гитара, а втората му е крената во воздух, додека во подножјето на пиедесталот има череп.

Статуата беше поставена во 2004 година, како подарок од Москва, но поголемиот број граѓани многу малку знаат кој бил Висоцки. „Мислам дека градењето на таков споменик беше убаво освежување за градот, поради неговата ведрина“, вели една жена која поминуваше покрај него. На прашањето, дали таа знае која е личноста,  таа едноставно одговори: „Некој гитарист“. И навистина, повеќето жители на Подгорица сметаат дека ова е споменик на „руски гитарист“.

Песните на Висоцки се израз „на експлозивна мешавина од болка, хумор, сарказам и очаен копнеж по вистината“, напиша московскиот ветеран, рок критичарот Артеми Троицки. Советскиот естаблишмент го избегнуваше, но беше прифатен од своите обожувачи, кои во неколку илјади присуствуваа на неговиот погреб. Дури и сега, тој, е необичен избор на јавен симбол на современата руска влада, која понекогаш ја  обвинуваат за авторитаризам.

Но, секретарот за култура на Подгорица, Хамдо Кочан, објаснува дека Висоцки еднаш ја посетил Црна Гора и „страсно се вљубил“ во неа.

Тој додаде дека Висоцки напишал песна за Црна Гора и дека една реченица од таа песна е напишана на неговиот споменик во Подгорица: „Во овој живот жалам што немам два корена и што не можам да ја наречам Црна Гора моја втора татковина“.
Повеќе од две децении по неговата прерана смрт, тој конечно се врати, барем симболично.

„Владимир Висоцки ... немаше поим дека еден ден неговата статуа ќе застане на ова место. Споменикот на Висоцки претставува нов симбол на вековното  црногорско-руско пријателство“, изјави на церемонијата на отворањето на споменикот, на која присуствуваше и синот на пејачот, Никита, тогашниот конзул на Русија, Јуриј Бичков.

Подгорица и Москва веќе долго време одржуваат блиски врски. Кога Русија во 1904 година и објави војна на Јапонија, Црна Гора, симболично ангажира десетици свои војници во знак на поддршка. А, официјалниот мир со Јапонија беше постигнат повеќе од 100 години подоцна, кога Токио во 2006 година, официјално ја призна возобновената независност на Црна Гора.

 

Disqus

blog comments powered by Disqus

Во слики

поствоените-споменици-на-балканот

Поствоените споменици на Балканот

Фотографот Марко Кројач минал години патувајќи низ поранешна Југославија и документирал речиси 1.000 споменици. Овој избор од неговите слики вклучува повоени статуи и споменици подигнати во чест на герилски борци, жртви на геноцид, историски херои, холивудски актери, па дури и една конзерва со говедско месо.

Галеријата на споменици е направена во соработка со forumZFD

...