Коментар 07 Feb 18

Балканската стратегија на ЕУ ја испушти шансата да ја реши неправдата од минатото

Невладината организација, Импјунити Воч, проценува дека земјите од Балканот, за жал, не успеале да се справат со насилното минато, но и дека новата стратегија на Европската комисија за регионот, не дава значаен поттик за промена.

Марлис Стаперс, Томас Унгер Утрехт
Протест на воените жртви од БиХ, одржан во ноември 2017, пред Хашкиот трибунал. Фото: Бета.

Европската комисија во вторникот ја претстави својата Стратегија за Западен Балкан, давајќи им на земјите од регионот јасна перспектива за пристапување во ЕУ.

Ова треба да се поздрави и нема двоумење дека иднината на регионот е во рамките на европскиот блок. Сепак, перспективата за мир и натаму ја поткопуваат нерешените неправди од војните во деведесеттите години.

Стратегијата на ЕУ истакнува дека процесите на транзициската правда се нецелосни и дека „сите земји мораат, со зборови и со дела, недвосмислено да се обврзат оти ќе го надминат наследството од минатото, со помирување и решавање на отворените прашања, уште пред нивното пристапување во ЕУ”.

Од друга страна, ниту Стратегијата на ЕУ не дава јасен сигнал за промени.

Но, неказнувањето на злосторствата извршени во деведесеттите години и денес, 20 години по завршувањето на конфликтот, е широко распространета во земјите од Западен Балкан, што го загрозува настојувањето на жртвите да дојдат до правда.

Растечките етнички поделби и поларизацијата во регионот, предводени од националистичките идеологии, кои активно ја промовираат неказнивоста, ги заменија напорите за зајакнување на владеењето на правото и за постигнување на помирување.

Ограничениот простор за граѓанското општество и за независните медиуми, во негативна смисла, придонесува за овој ќор-сокак. Жртвите се исклучени од процесот на донесување одлуки за напорите за решавање на минатото или се користат како предмет на манипулација на конкурентските националистички барања.

Аналитичарите се согласуваат дека нови конфликти не се исклучени, но она што сериозно загрижува е што причина повторно можат да бидат нерешените неправди од минатото, како да не се научени лекциите од периодот по Втората светска војна.

Ако повторно дојде до конфликт, тоа ќе претставува голема пресвртница во ставот „никогаш повеќе”, кој беше присутен кон крајот на деведесеттите години, кога штотуку беа завршени вооружените конфликти во Западен Балкан.

Во овој контекст, извештајот за состојбата на транзициската правда во земјите од Западниот Балкан, во кој Импјунити воч дава своја оценка, а чие објавување се очекува наскоро, е важен повик за будење.

Како што покажува нивната проценка, напорите во областа на транзициската правда, како што се кривичното гонење, репарациите за жртвите, потрагата по вистината и институционалните реформи, ја ‘утнаа’ поентата, при што не само што го отворија, туку и го вкоренија системот на неказнување и етничка поларизација.

Затоа, во извештајот се заклучува дека постои итна потреба, и за ЕУ, и за самите држави, да се преиспита ангажманот поврзан со транзициската правда во Западен Балкан.

Од витално значење за напредокот, е зајакнувањето на граѓанското општество и негово значително вклучување во политичките дискусии.

Силно граѓанско општество кое заедно работи во етнички поделеното опкружување, е најдобрата гаранција за борбата против неказнивоста на злосторствата и за спречување на повторен конфликт.

Важен сигнал за промена е поддршката на Иницијативата за РЕКОМ, со која се заговара формирање на регионална комисија за утврдување на фактите за војните од 90-тите години, на самитот на Берлинскиот процес, германска дипломатска иницијатива за поддршка на земјите од Западен Балкан, во процесот на пристапување во ЕУ.

Коалицијата за РЕКОМ се надева дека Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, во јули, во рамките на Берлинскиот процес, ќе го потпишат договорот за формирање на оваа комисија.

Бројни недостатоци, кога зборуваме за кохерентноста на политиката, има и кога е ЕУ во прашање.

Во 2015 година, министрите за надворешни работи на ЕУ, усвоија сеопфатна политичка рамка за поддршка на транзициската правда, промовирајќи, меѓу другото, партиципативни пристапи кои жртвите треба да ги стават во центарот. Со оваа политика, исто така, се повикува и на подобра поврзаност на мерките на транзициската правда, во областа на вистината, правдата, репарациите и гаранциите дека таквата реалност повторно нема да се случи на теренот.

Сепак, ова не се рефлектира соодветно во новата стратегија на ЕУ за Западен Балкан, која тесно се фокусира на неколку избрани области на транзициската правда, како што се воените злосторства, кривичното гонење и исчезнатите лица, области кои меѓу себе не се поврзани. Иницијативата РЕКОМ главно се споменува во анексот на стратегијата.

Заземањето на ограничен пристап кон транзициската правда, одвоен од реалноста, досега не успеа да отвори вистински простор за ставање крај на неказнувањето за неделата од минатото. Се чини дека оваа лекција не е научена. Новата стратегија покажува недостиг на визија за долгорочна промена.

За да биде успешна, реформата во областа на транзициската правда треба да биде кохерентна со другите политики на ЕУ и да се стреми да биде трансформациска на општествено ниво, а помалку техничка, како што е сега, со тесен фокус само на правните и институционални реформи.

Како заклучок, ставањето крај на неказнивоста и решавањето на потребата на жртвите за правда, треба да биде клучен приоритет во процесот на пристапување. Новата стратегија на ЕУ за Западен Балкан, не дава, во овој поглед, доволно јасен политички сигнал.

ЕУ мора да ги удвои своите напори, а времето истекува.

Крајот на неказнивоста за злосторствата во 90-тите, е гаранција дека историјата нема да се повтори.

За овие потреби, треба да се води сметка при спроведувањето на новата стратегија за Западен Балкан, бидејќи со сегашната брзина на спроведување на реформите и недостигот на јасна визија, ние повеќе одиме назад, отколку напред.

Ова не е добра вест за земјите од Западен Балкан, а само како мировен проект, ниту за Европската унија.

Марлис Стаперс е извршна директорка на невладината организација Импјунити воч со седиште во Холандија. Томас Унгер е советник на организацијата.

Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторите и не ги одразуваат ставовите на БИРН.

Disqus

blog comments powered by Disqus