Истражување 25 Jun 13

Балканот зафатен со хаотично градење споменици

По балканските конфликти, беа изградени стотици воени споменици, а многу влади не вршат никаква контрола за тоа колку јавни пари се потрошени, ниту дали новите споменици провоцираат етнички тензии.

Елвира M. Јукиќ, Синиша Јаков Марушиќ, Милена Милошевиќ, Борис Павелиќ, Едона Пеци, Марија Ристиќ
БИРН
Сараево, Скопје, Подгорица, Загреб, Приштина, Белград

Во текот на изминатите две децении, во цела поранешна Југославија беа изградени невиден број на нови споменици, стотици, можеби илјадници.

Вкупната цена се проценува на стотици милиони евра, можеби неколку милијарди, во сиромашните земји што често се борат да обезбедат соодветни јавни услуги од нивните државни буџети или пристојни социјални бенефиции за жртвите од војната.

Истражувањата на БИРН утврдија дека некои влади во регионот едноставно немаат поим за тоа што и каде е изградено, или колкави се направените јавни трошоци, не само кога станува збор за финансиите, туку и кога говориме за зголемување на етничките поделби, што првично доведоа до војна.

Спомениците обично чествуваат паднати борци, жртви на конфликтот, историски херои, странски сојузници, во некои случаи дури и лица што од страна на други држави се сметаат за воени злосторници. Постои многу мал обид за промовирање на помирувањето или етнички инклузивен поглед кон мирот.

Наместо тоа, тие често промовираат селективни и провокативни ставови на поновата историја, доведуваат до зголемување на етничките тензии, понекогаш до степен што резултира со физички напад врз нив или пак стануваат фокус на протести, како што годинава тоа беше случај со спомениците во Босна и Херцеговина, на  Косово и во Србија.

Недостатокот на регулатива за изградба на спомениците, неплански надгледувана од страна на општинските власти, наместо од државните органи, е особено акутен во БиХ и Косово, кои што во текот на изминатите две децении беа најтешко погодени од конфликтите на Балканот.

Ниту босанската, ниту пак косовската централна власт имаат службена евиденција колку споменици биле изградени во повоениот период, или колку јавни пари се потрошени за овие проекти.

Министерството за човекови права и бегалци на БиХ, делумно одговорно за прашањата за меморализација, за БИРН изјави дека не постои централна евиденција.

„Министерството за човекови права и бегалци нема доволно време, ниту ресурси да се фокусира на собирање на такви податоци“, вели Салих Ѓудерија, советник на министерот.

Во БиХ, за давање на дозвола за изградба на споменици одговорни се 143-те општини, иако многу често тие се градат и без претходно одобрување.

Но, иако експертите веруваат дека во БиХ по конфликтот 1992-1995 се изградени стотици нови споменици, дури и општините не можат да кажат точно колку.

Никој не знае колку е потрошено

Министерството за култура на Косово, ни соопшти дека не постои целосна евиденција ниту на споменици, ниту на расходи, но информира дека од 2002 година, на оваа тема се спроведува некаков вид на анкета.

„Пред неколку години беше спроведен прелиминарен попис, но податоците не беа доволно точни“, вели Вјолца Алиу, директор за културно наследство при ова Министерство, оценувајќи дека ова прашање е „многу чувствително“.

Џејлане Хоџа, извршен директор на косовскиот Совет за културно наследство изјави дека поради недостаток на податоци, тие се  соочуваат со „сериозни проблеми“.

„Косовскиот Совет за културно наследство има мандат да го прогласи потенцијалното културното наследство кое што мора да биде заштитено од државата. Ние доставуваме предлози и барања за специфични случаи и сите тие мора да бидат внесени во пописна листа, која што не постои“, изјави Хоџа за БИРН.

Хоџа, за непостоењето на било каква инвентура, ги обвини „неспособните“ претставници на министерството за култура на Косово.

„Министерот за култура, Мемли Красниќи,  во повеќе наврати изјави дека тој е заинтересиран ова да се направи, но околу него се наоѓаат некомпетентни луѓе кои што немаат идеја како да се справат со ова прашање“, тврди таа.

Властите во Хрватска, пак, признаваат дека имаат потрошено милиони евра за градење на споменици во чест на борци и жртви на војната 1991-1995, но, дека не можат да дадат точни бројки за трошоците.

'Споменикот на “Победата на Хрватска“ во градот Книн / Фото: Роберта Ф., Wikimedia Commons

Сепак постои еден показател на поголема сума инвестирана за „споменикот на победата на Хрватска“ во градот Книн, откриен во август 2011-та.

Само овој споменик, еден од стотиците изградени во Хрватска по завршување на конфликтот, чини осум милиони куни (повеќе од еден милион евра) владини пари; всушност излезе дека цената за споменикот е толку висока, што властите за него успеале да платат дури една година по неговата изградба.

Во Хрватска постои порегулиран пристап кон естетиката на изградба на споменици, па така, спомениците на жртвите од војната 1992-1995, сепак имаат стандардизиран дизајн.

Во Србија, Министерството за култура соопшти дека нема официјален податок за бројот на споменици изградени во последните пет години.

Сепак, на државно ниво, во изминатата пола деценија, Србија нема изградено споменик поврзан со војната, иако за тоа постои план во рамките на подготовките за изградба на меморијален комплекс посветен на сите жртви на конфликтот од 90-тите.

Споменик на воените жртви и на српските “бранители“ во Белград / Фото: Wikimedia Commons

Во 2012 година, градот Белград подигна споменик посветен на жртвите од војната и српските бранители „кој чинеше 62.500.000 динари (625,000 евра). Овој потег на градските власти беше критикуван од групите за човекови права кои што сметаат дека властите ги деградирале жртвите, ставајќи ги на исто ниво со борците.

Српската држава троши 52.495.000 динари (477,227 евра) годишно за одржување на споменикот на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито во Белград.

Мотивите најчесто политички

Властите во Црна Гора знаат колку нови споменици биле одобрени за изградба во текот на изминатите години, но, не можат да кажат колку пари се потрошени.

„Од 2008 година, Министерството за култура има дадено согласност за изградба на 13 спомен обележја (споменици, спомен плочи, спомен бисти), за именување на 63 улици и преименување на една јавна институција“, соопшти за БИРН црногорското мнистерство за култура.

Во црногорскиот закон се наведува дека спомениците се градат само заради одбележување на важни настани, истакнати личности, борци за слобода, цивилни жртви на војните и големи трагедии, и заради поттикнување на хуманитарни идеали и очувување на културно-историските традиции. Нивната изградба, исто така, мора да биде одобрена од страна на Министерството за култура.

Но, Министерството соопшти дека само локалните власти можат да знаат дали одобрените споменици се изградени или не, и колку чинат.

„Проектите често се донесуваат брзо, без план за местото на кое што ќе бидат поставени, а мотивите за нивно поставување се делумно поврзани со актуелни политички случувања“, ни изјави црногорскиот историчар на уметноста, Александар Чиликов.

Владата на Македонија има објавено бројки за нејзиното раскошно и контроверзно преуредување на главниот град, проект насловен како “Скопје 2014“. Во средината на април, таа обелодени дека за сите споменици, згради и плоштади изградени како дел од проектот, вкупно биле потрошени 208 милиони евра.

Статуата на Александар Велики во Скопје / Фото: Wikimedia Commons

Општина Центар има добиено 60 милиони евра од вкупната сума, најмногу потрошени за изградба на нови споменици, вклучувајќи ја и статуата на Александар Велики во вредност од 10.500.000 €.

Покрај овие 30-тина споменици кои што се дел од Скопје 2014, речиси секоја од 80-те  општини во Македонија, во текот на изминатите пет години, има изградено еден или два споменика со свои пари.

Институциите на централната власт во Македонија немаат евиденција за овој трошок и не знаат што точно или зошто било изградено.

Секое семејство сака свој споменик

Недостатокот на надзор над јавните расходи внесе очигледна загриженост кај граѓаните во осиромашените држави.

Но, немањето контрола за тоа какви споменици се градат, е загрижувачко и во однос на постконфликтното помирување.

Изградбата без регулатива значи дека тие можат да понудат селективни ставови за поновата историја, да доведат до етнички или политички тензии, да слават воени злосторници, извршители на убиства и етнички чистења, или да го поткопаат достоинството на жртвите.

Истражувачот од Сараево, Николас Мол, чија специјалност се прашањата врзани за  соочување со минатото, вели дека градењето на споменици предизвикало контроверзи во постконфликтните општества во Европа, но дека ова прашање станало акутно во поранешните југословенски земји, бидејќи сеќавањата на неодамнешните војни сѐ уште е живо.

„Спомениците сами по себе не се главниот проблем. Главниот проблем е социополитичкиот контекст во која спомениците се градат, кој што создава поделба меѓу етничките или политичките групи. Токму во таков контекст спомениците имаат поголем потенцијал да станат фактори на поделба, а често се користат и како причина да се обвини „другата страна““, изјави Мол за БИРН.

Статуата на Исмет Јашари во Призрен / Фото: Марко Кројач

Невладината организација “Алтер хабитус“ со седиште во Приштина, која што ги истражувала  спомениците изградени во периодот меѓу 1999 и 2009 година, во својот извештај вели дека повеќето од новите споменици биле изградени во чест на герилски „херои“ од војната 1998-1999 или „маченици“ што починале во битка.

„Обично спомениците за мачениците се со огромна големина. Тие покажуваат борец со оружје, со рачни гранати, итн“, стои во извештајот, додавајќи дека од нив само неколку споменици се подигнати во чест на жени, а и тие што постојат, се

главно симболични и изградени со придонес од семејството“.

Поголемиот дел од новите споменици се приватни иницијативи, чија цел и значење не е регулирано.

Повеќето иницијативи доаѓаат од страна на „семејствата на мачениците, организациите на воените ветерани и, во некои случаи, од страна на општинските собранија“, тврди Алтер Хабитус.

Во градот Призрен, на пример, каде што официјалниот број на убиени борци на Ослободителната војска на Косово, ОВК, е 157, избувнаа тензии, бидејќи голем број семејства инсистираа на изградба на споменици за нивните најблиски.

„Поголемиот дел од семејствата сакаа да им се подигне споменик на нивните роднини кои што загинале борејќи се и тие бараа овие споменици да бидат поставени во самиот центар на Призрен. Имавме големи проблеми со решавање на тие барања“, изјави за БИРН Ружди Реџа, заменик градоначалник на општина Призрен.

„Имаме два милиони жители на Косово, но ние сакаме два милиона и еден споменик“, рече Реџа.

Во 2005 година, тензиите речиси ескалираа во судири меѓу градоначалникот на општина Призрен и воените ветерани кои што инсистираа на изградба на споменик во центарот на градот, во чест на поранешниот командант на ОВК убиен во 1998 година, Исмет Јашари алијас командант Куманово.

Општината не даде дозвола, но ветераните, поддржани од страна на Демократска партија на Косово, чие раководство произлезе од редовите на ОНА, преку ноќ подигнаа споменик.

Градиме на лажна историја

Ситуацијата е хаотична и во Босна и Херцеговина, каде што некои споменици се поставени во согласност со законската регулатива, како што се, на пример, стандардизираните спомен плочи посветени на лицата што загинале за време на опсадата на Сараево, но, голем дел од нив се финансирани од страна на здруженија на жртвите, на асоцијации на ветераните, индивидуални семејства и приватни донатори.

„Не постои закон, нема стратегија, нема заеднички и сеопфатен пристап кон тоа прашање“, вели Горан Симиќ, професор за транзициска правда од Сараево.

„Не постои правило за градење на спомениците, ниту за одбележување на сеќавањата како целина“, вели тој.

Поделбите вткаени во комплексниот политички систем на БиХ, нејзините ентитети, кантони и општини, создадоа ситуација во која никој не може точно да каже кој гради споменици и дали тие ја одразуваат вистината за конфликтот во 90-тите или само ги  поддржуваат етничките предрасуди.

„Спомениците се градат врз основа на полу лажна историја и документи и кој знае со чии пари“, вели Симиќ.

Законската регулатива за одбележување на сеќавањата на државно ниво во БиХ, би била чекор понапред, доколку се прифатат сугестиите на стратешкиот државен документ за транзициска правда, кој што беше подготвен во 2012 година, но допрва треба и официјално да биде усвоен.

Некои од експертите што ја подготвуваа оваа стратегија веруваат дека процесот на чествувањето  е политизиран, дека нуди едностран поглед на минатото, спречувајќи одредени етнички групи во намерата да постават споменик или дури и симболично да им оддадат почит на своите починати.

Легислативата врз основа на која локалните власти даваат одобренија за изградба на нови споменици, при процесот на донесување одлуки не применува ниту еден критериум на транзициската правда, стои во документот на стратегијата.

„Некои општини, наводно, одбиле “на другата страна“ да и дадат средства за изградба на споменици, па дури и не и дозволиле на таа група да постави споменик на свој трошок“, се вели во документот.

„Утврдено е дека некои споменици биле уништени со цел да се деградираат жртвите  од други етнички групи“, стои во документот.

Сепак, Николас Мол верува дека локалните здуженија на жртвите имаат важна улога во изборот на споменици, кои што ја рефлектираат реалноста за она што се случило за време на војна во нивните области.

„Законите треба да дадат правна рамка и да постават некои граници (на пример, за избегнување на натписи на колективно обвинување). Но, тие не треба да  регулираат сè, туку треба да остават простор и за лицата во локалните заедници кои што се вклучени во процесот на донесување одлуки поврзани со изградбата на споменици“ рече тој.

„Само тогаш кога воените споменици ќе почнат да ја одразуваат реалноста за воените страдања на другите етнички групи за време на конфликтите во поранешна Југославија, ќе може да се тргне по патот кон помирувањето“, изјави за БИРН, Сандра Орловиќ, директор на Центарот за хуманитарно право во Белград,.

„Општеството треба да сочувствува со жртвите од друга вероисповест или друга нација, што биле убиени“, вели Орловиќ.

Тамара Бањеглав, координатор на програмите за одбележување на сеќавањата, на центарот “Документа“ од Загреб, вели дека признавајќи го страдањето во минатото, спомениците треба да промовираат и култура на толеранција.

„Процесот на создавање и градење споменици има капацитет да ги принуди општествата да се соочат и критички да го преиспитаат минатото и причините за случувањата“, заклучува Бањеглав.

 

Disqus

blog comments powered by Disqus

Во слики

поствоените-споменици-на-балканот

Поствоените споменици на Балканот

Фотографот Марко Кројач минал години патувајќи низ поранешна Југославија и документирал речиси 1.000 споменици. Овој избор од неговите слики вклучува повоени статуи и споменици подигнати во чест на герилски борци, жртви на геноцид, историски херои, холивудски актери, па дури и една конзерва со говедско месо.

Галеријата на споменици е направена во соработка со forumZFD

...