Вести 10 Nov 15

Ќурувија „убиен откако се повлекол тимот на ДБ што го следел“

Поранешен офицер на српската државна безбедност, на судењето за убиството на Славко Ќурувија, изјави дека истакнатиот новинар бил убиен, неколку минути откако на луѓето од тимот на државната безбедност што го следеле, им било кажано да се повлечат.

Ивана Николиќ
БИРН
Белград
Славко Ќурувија

Стеван Никчевиќ, поранешен заменик шеф на белградската служба за безбедност, пред белградскиот специјален суд, во вторникот изјави дека обвинетиот Милан Радоњиќ, на 11 април 1999 година, денот кога Ќурувија бил убиен, бил задолжен за операцијата за негово следење.

„Дознав од дежурниот началник дека Ќурувија е убиен. Дознав и дека Радоњиќ ги укинал мерките пред убиството“, рече Никчевиќ.

Тој објасни дека на 9 април Радоњиќ издал тајна наредба за следење на Чурувија, но дека наредбата била откажана неколку минути пред убиството на новинарот.

„Тој [Радоњиќ] ги прекина мерките и тогаш објектот [Ќурувија] беше убиен“, рече Никчевиќ.

Ќурувија, остар противник на режимот на Слободан Милошевиќ, беше застрелан во грб 17 пати, пред зградата во која живееше во Белград. Мотивот за убиството, како што верува неговото семејство и поранешните колеги, биле неговите опозициски ставови.

Според обвинението, „непознато лице“ го наредило убиството, Радомир Марковиќ, поранешен началник на Ресорот за државна безбедност на Србија, го помогнал, а други тројца припадници на државната безбедност, Ратко Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак, учествувале во организирањето и извршувањето на убиството.

Обвинителството тврди дека Курак бил директен извршител, а Ромиќ негов соучесник. Тој, за време на нападот, со кундак ја удрил невенчаната сопруга на Ќурувија, Бранка Прпа, во главата.

Тројцата обвинети изјавија дека не се виновни, додека Курак е во бегство и нему му се суди во отсуство.

Марковиќ моментно отслужува 40-годишна затворска казна за убиство на поранешниот српски претседател, Иван Стамболиќ, и за други кривични дела, додека Ромиќ и Радоњиќ, беа ослободени од обвинението за обид за убиство на лидерот на опозициската партија, Вук Драшковиќ, во 2000 година.

Ќурувија беше новинар во многу познати списанија и дневни весници во Србија и поранешна Југославија.

Во 1994 година, откако режимот неофицијално го презеде весникот „Борба“, тој, заедно со многу други вработени, реши да се повлече.

Во 1996 година го основа „Дневни Телеграф“, кој, по повеќе од 50 години, беше првиот српски приватен дневен весник. Во 1998 година, тој го стартуваше и двонеделното списание „Европљанин“.

Судењето продолжува на 7 декември.

Talk about it!

blog comments powered by Disqus

Latest Headlines

Interview 20 Oct 17

‘Louder than Guns’: Croatia’s Patriotic Wartime Singers

Feature 11 Oct 17

Why Croatia’s President Tudjman Imitated General Franco

News 26 Sep 17

Peace Women Sue Serbian Tabloid for Libel

News 18 Sep 17

Serbia’s Seselj Mocks Hague Tribunal in Reality Show

News 05 Sep 17

BIRN Film on Wartime Home Swaps Gets TV Premiere

Feature 30 Aug 17

The Croats and Serbs Who Swapped Homes

Feature 29 Aug 17

Turkish TV Series on Bosniak Leader Vexes Serbs