Вести 28 May 12

Хрватска и Николиќ: Шок помешан со иронија

Хрватските власти реагираа шокирано и со иронија, на изјавите на новиот претседател на Србија, Томислав Николиќ, дека Вуковар е „српски град“ и дека „Голема Србија“ е неговиот „нереализиран сон“.

Борис Павелиќ
Загреб

Во интервју за германскиот весник “Франкфуртер алгемајне цајтунг“, ФАЗ, направено пред вториот круг на претседателските избори во Србија, Николиќ изјавил дека „Голема Србија е негов нереализиран сон“ и дека „Вуковар е српски град во кој Хрватите не треба да се вратат“.

„Ако изјавата на Николиќ значи враќање на идеите од ‘90-тите, во името на сите хрватски граѓани, можам да кажам дека тие идеи нема да се остварат“, изјави хрватскиот претседател, Иво Јосиповиќ.

Потсетувајќи дека Хрватска „знаела како да го брани својот суверенитет“,Јосиповиќ додаде дека „Хрватска и денес ќе знае како да го одбрани“.

Соработката меѓу Србија и Хрватска „е можна, само под услов Николиќ да го смени својот став“, изјави Јосиповиќ.

Хрватскиот министер за надворешни работи, Весна Пусиќ, рече дека изјавите на Николиќ се „шокантни и апсолутно неприфатливи за Хрватска“.

„Ако Хрватска и Србија сакаат да работат за доброто на своите граѓани, тие мора да бидат способни да соработуваат. Но, за тоа, е потребна волја од двете страни“, рече Пусиќ.

Министерот на воените ветерани на Хрватска, Предраг Матиќ, кој се борел во Вуковар и поминал девет месеци во три затвори во Србија, имаше повеќе ироничен став.

„Се согласувам со Николиќ дека постојат некои соништа кои никогаш нема да се реализираат. Јас, исто така ја сонував Клаудија Шифер, но сфатив дека тие соништа нема да се реализираат“, изјави Матиќ.

Градоначалникот на Вуковар, Жељко Сабо, е исто така воен ветеран кој се борел во Вуковар и кој девет месеци бил затвореник во Србија.

„Вуковар е мултиетнички град, со 32 отсто српско население. Тој е мирен и толерантен град и ќе сториме се таков да остане“, изјави Сабо, одговарајќи на прашањето како ја коментира изјавата на Николиќ, дека Вуковар е „српски град“ .

Новоизбраниот претседател на Хрватската демократска заедница, ХДЗ, Томислав Карамарко, изјави дека ХДЗ „ќе има одговор на секоја таква изјава на Николиќ“.

"Доколку сака да ја докаже својата европска ориентација, Николиќ ќе мора темелно да ги измие рацете од своето четничко минато“, изјави Карамарко.

Партијата на Николиќ, Српската напредна партија, СНС, вчера негираше дека Николиќ рекол дека „Вуковар е српски град и дека Хрватите не треба да се вратат таму“.

Томислав Николиќ сака „најдобри можни односи со соседните земји“, изјави Марко Ѓуриќ, официјален претставник на СНС.

Мајкл Мартенс, новинарот на ФАЗ кој разговарал со Николиќ, за хрватската телевизија, ХРТ, ја потврди веродостојност на изјавите на Николиќ.

„Доколку има какви било сомнежи, постои аудио снимка на интервјуто“,  вели Мартенс, додавајќи дека Николиќ му рекол дека нема потреба од авторизација на интервјуто.

Во интервјуто со ФАЗ, Николиќ изјавил и дека „Голема Србија“ е неговиот „нереализиран сон“.

„Постојат соништа кои човек не може да ги исполни. Хрватска е меѓународно призната држава, хрватската граница е на Дунав и нема да има промени на границите. Истото важи и за Босна и Херцеговина“.

Мојот сон, од времето кога се распадна Југославија и одлуките кои беа направени за тоа кој каде ќе живее, за жал, не беа реализирани. И, како што стојат работите, тие никогаш нема да се реализираат“, изјавил Николиќ.

На барањето на новинарот да даде коментар зошто во Вуковар денес живеат повеќе Срби отколку Хрвати, Николиќ одговорил дека тоа е така бидејќи „Вуковар бил српски град“ и затоа „Хрватите не треба да се вратат таму“.

 

blog comments powered by Disqus

Subscribe to Our Newsletter