Вести 29 Nov 12

Хашкиот трибунал го ослободи Харадинај

Хашкиот трибунал, МКТЈ, донесе ослободителна пресуда во повтореното судење на поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај и уште двајца поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово, ОВК.

Едона Пеци
БИРН
Приштина

Харадинај, поранешен премиер на Косово и неговите двајца соборци, Идриз Балај и Лахи Брахимај, беа ослободени од сите обвиненија за воени злосторства извршени за време на косовскиот конфликт, кон крајот на 90-тите.

Околу 100 лица, и покрај дождот, се собраа на плоштадот во Приштина каде што во живо го следеа изрекувањето на пресудата.

Владата на Косово ја поздрави ослободителна пресуда. Во соопштението, косовскиот премиер Хашим Тачи ја опиша пресудата како праведна.

„Оваа пресуда е најмоќниот доказ дека ОВК водела праведна војна за слобода и дека не ги извршила злосторствата за кои е неправедно обвинета. Ова денес го докажа Хашкиот трибунал, а тоа повторно ќе биде докажано и во случајот на Фатмир Лимај и неговите соборци“ се вели во соопштението.

Косовскиот претседател Атифете Јахјага изјави дека е среќна што „Харадинај му се враќа на своето семејство и на Косово, за да продолжи со својот придонес во консолидирањето и натамошно јакнење на демократските процеси низ кои минува нашата земја“.

„Одлуката на МКТЈ е доказ дека нашата борба беше праведна борба за слобода и дека оние кои ја предводеа не се виновни за злосторствата за кои беа обвинети“, додаде таа.

   Харадинај вечерва се враќа на Косово

Адвокатот на Харадинај, Бен Емерсон, изјави дека Харадинај вечерва ќе се врати на Косово.

„Со поддршка на народот, тој наскоро ќе биде на неговото вистинско место, како политички лидер на земјата, на чело на владата што ќе ги претставува сите граѓани на Косово“.

Емерсон побара извинување од поранешниот главен обвинител на МКТЈ, Карла дел Понте.

„Таа уште денеска мора да се извини заради личната одговорност што ја носи за одлуката за поднесување на ова обвинение, без никакви сигурни докази што би ја поткрепиле нејзината одлука“.

„Таа морала да знае дека нејзината одлука да поднесе обвинение против Рамуш, им служела на политичките интереси на екстремните националисти во Србија, лишувајќи го Косово од нејзиниот најефикасен политички лидер, во клучниот период од транзиција кон независност“.

Судскиот совет утврди дека Обвинителството не успеало да докаже ниту една од точките во обвинението, вклучувајќи го и она дека обвинетите биле дел од заеднички  злосторнички потфат кој имал за цел, преку формирање на логори, да воспостави контрола на ОВК во западно Косово.

Хашките обвинители тврдеа дека обвинетите, во 1998 година, во логорот на ОВК, Јабланица, измачувале и убивале лица, етнички Срби, други националности и Албанци за кои се сметало дека соработувале со Србите.

„Имајќи ги предвид сите посредни докази понудени заради докажување на обвинувањето за  постоење на здружен злосторнички потфат,ЗЗП, советот утврди дека не е востановена заедничка цел на ЗЗП“, изјави претседателот на советот Џастис Баконе Молото, во образложението на пресудата.

Во 2008 година, по три години судење, Хашкиот суд ги ослободи Харадинај и Балај од сите обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото. Брахимај, пак, беше осуден на шест години затвор за суров третман и тортура.

Улиците на Приштина I Фото: Бета

Во 2010 година, Апелацискиот совет заклучи дека сведоците биле заплашувани и дека на обвинителството не му била дадена шанса да испита двајца потенцијално клучни сведоци и случајот го врати на делумно повторно судење.

По денешната пресуда, сите тројца беа ослободени од притвор. Се очекува да се вратат на Косово каде ќе бидат пречекани како херои.

Во Приштина, на главниот плоштад Мајка Тереза и покрај дождот, се собраа околу 100 лица кои изрекувањето на пресудата го следеа во живо на голем екран. Кога судијата ја прочита пресудата се слушнаа овации и истрели од огнено оружје.

„Никогаш не сум бил посреќен во својот живот. Рамуш Харадинај е жива легенда. Не можам да опишам колку сум среќен“, изјави Шефки Арифи, еден од присутните на плоштадот.

„Уште еднаш е докажано дека борбата на ОВК беше праведна и дека Рамуш Харадинај бил во право“, рече Лабинот Лурај, кој на дождот во живо на плоштадот ја следеше пресудата.

Ослободувањето на Харадинај и на двајцата други команданти на ОВК,  предизвика гнев во Србија.

Претседателот Томислав Николиќ, во своето соопштение вели дека Хашкиот трибунал е формиран „за да му се суди на српскиот народ“.

„Најновата одлуката на Трибуналот не е донесена врз основа на законот и правдата, основни постулати на кои секој меѓународен суд треба да се заснова. Трибуналот, очигледно е основан надвор од меѓународното право, со цел да му суди на српскиот народ“, се наведува во соопштението на претседателот Николиќ.

Тој вели дека пресудата ќе го зголеми евро-скептицизмот во Србија и ќе ги поткопа  напорите за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.

„Не бев изненаден. Ова е тежок ден за меѓународната правда и ова сериозно ја компромитира нашата работа со МКТЈ ", рече Михајловиќ, додавајќи дека „е скандалозно тоа што меѓународната заедница останала слепа за убиствата на 19 сведоци“.

Михајловиќ смета дека пресудата дополнително ќе ги поткопа односите меѓу Косово и Србија и дека сериозно ќе го загрози статусот на Србите на Косово.

По неодамнешното ослободување на двајцата хрватски генерали кои беа обвинети за воени злосторства за време на хрватската воена операција “Бура“, многу Срби сметаат дека Хашкиот трибунал не суди праведно кога станува збор за воени злосторства извршени врз Србите, за време на војните во 90-тите.

 

Фото: Бета
Фото: Бета
Фото: Бета

Talk about it!

blog comments powered by Disqus