Вести 31 Mar 16

Хашкиот трибунал го ослободи Воислав Шешељ од обвиненијата за воени злосторства

Хашкиот трибунал утврди дека лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, не е виновен за злосторства против човештвото, вклучувајќи убиства, прогон и депортација, извршени во Босна и Херцеговина, Хрватска и во Србија.

Марија Ристиќ, Саша Драгојло
БИРН
Сараево, Белград
Воислав Шешељ во Белград / Фото: Бета

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ, во четврток утврди дека тврдокорниот српски националистички лидер, Воислав Шешељ, не е виновен по ниту една од деветте точки од обвинението, со што беше прогласен за невин за злосторства против човештвото, убиства и прогон, тортура и протерување.

„Пропагандата на националистичка идеологија не е злосторство“, рече судијата Жан Клод Антонети.

Додаде дека обвинителството не докажало конкретна поврзаност помеѓу националистичкиот говор на Шешељ и злосторствата извршени во Босна и Херцеговина, Хрватска и во Србија.

Судот го ослободи Воислав Шешељ од обвинението за злосторства против човештвото, велејќи дека „не постои круциален правен доказ“, врз основа на кој би бил осуден.

Антонети изјави дека обвинителството не докажало дека постоел сеопфатен и систематски напад врз несрпското цивилно население, за периодот наведен во обвинението.

Истакна дека советот не можел да ги отфрли аргументите на обвинетиот дека цивилите кои бегале од воените зони, бегале за да се заштитат, и дека хрватското население било превезувано со автобуси од хуманитарни причини, а не како дел од присилното иселување.

Судот, исто така, го ослободи Шешељ од обвинението за убиство, тортура, грабеж, безобѕирно уништување и предизвикување на уништување, во повеќе градови во Босна и Херцеговина и во Хрватска, објаснувајќи дека „немало доволно докази“ за да го осуди.

Во пресудата се вели дека проектот за создавање на „Голема Србија“ бил политички план, а не криминален и дека постоела „разумна основа“ да се заклучи дека распоредувањето на паравоени доброволци било со цел „заштита на цивилите“.

„Судскиот совет не е убеден дека регрутирањети/распоредувањето на доброволци подразбира дека Воислав Шешељ знаел за злосторствата извршени на теренот, ниту (дека давал) инструкции или наредби за извршување на злосторства“, рече судијата.

Шешељ, кој ги негираше обвинувањата, на прес-конференција во Белград одржана по пресудата, изјави дека тој е оправдано ослободен.

„По толку многу предмети против невини Срби, се појавија двајца чесни судии кои покажаа дека професионалноста, чесноста и образот, се над секој политички притисок“, рече тој.

„Сепак, со ова ослободување, мојот став кон Хашкиот трибунал како антисрпски суд не е воопшто променет“, додаде тој.

Тој истакна дека идејата за „Голема Србија“ дефинитивно е бесмртна.

„Не се чувствувам виновен за ништо од она што се случуваше во 90-тите години“, рече тој.

Обвинителството соопшти дека ќе ги разгледа формулациите во пресудата со која Шешељ беше ослободен, пред да одлучат дали да поднесат жалба.

„Сосема разбираме дека многу жртви и заедници ќе бидат фрустрирани од пресудата на Судскиот совет“, соопшти обвинителството.

Во текот на судењето, обвинителството се обиде да докаже дека Шешељ го мобилизирал, не само вооруженото крило на неговата Српска радикална партија, туку и други српски сили, охрабрувајќи ги да ги прогонуваат Хрватите и Бошњаците.

Неговите „шешељовци“, паравоена група формирана од српски доброволци, наводно, депортирале десетици илјади несрпско население, а убиле илјадници.

Неговиот маратонски судски процес беше проследен со серија скандали и прекини; лидерот на радикалите во повеќе наврати го исмејуваше судот на ООН, a на крај дури и одби да се врати за изрекувањето на пресудата во четврток, откако во 2014 година беше ослободен заради лекување, бидејќи боледува од рак.

Ова беше прва пресуда која што Хашкиот трибунал ја изрече во отсуство на обвинениот.

Наместо во Хаг, Шешељ беше во Белград. Тој таму се наоѓа од ноември 2014 година, кога беше привремено ослободен од Хашкиот трибунал од хуманитарни причини, заради лекување.

По ослободувањето, Шешељ организираше националистички протести и даде серија изјави што ги вознемирија семејствата на жртвите.

Трибуналот потоа побара тој да се врати во притвор, но набрзо го повлече ова барање и соопшти дека ги прифаќа аргументите на Владата на Србија, дека е невозможно да се прекине неговото лекување, ниту пак е возможно тоа да продолжи во Хаг.

Шешељ доброволно му се предаде на Хашкиот трибунал во 2003 година, но неговото судење не започна сѐ до 2007 година, после повеќе години одложување и опструкции, меѓу кои беше и неговиот штрајк со глад.

Talk about it!

blog comments powered by Disqus

Latest Headlines

News 17 Feb 17

Belgrade Criticises Kosovo Serb Leader’s Retrial

News 17 Feb 17

Bosnian Serb Ex-Soldier Indicted for Doboj Persecution

News 16 Feb 17

Bosnia Jails Fighter for Abusing Serb Prisoners

news 16 Feb 17

Kosovo Sends Serb Leader Ivanovic for Retrial

News 10 Feb 17

Srebrenica Convict Ljubisa Beara Dies in Germany