Анализа 16 Aug 12

Семејствата на киднапираните Македонци бараат конечна разврска

Единаесет години по потпишување на Охридскиот мировен договор, болното прашање на Македонците киднапирани за време на конфликтот и натаму останува отворено, а телата на дел од жртвите сѐ уште се во Институт за судска медицина.

Саше Димовски
БИРН
Скопје

Македонското собрание ги поништи случаите на воени злосторства

70-годишната Вена Димовска од Тетово, град што во 2001 беше центар на вооружениот конфликт во Македонија, редовно се загледува во зградата на Уставниот суд во Скопје.

Таа сè уште чека на одлуката на судот на нејзиното барање поднесено во ноември 2011 година, со кое ја оспорува одлуката на Собранието на Република Македонија за “автентично толкување на Законот за амнестија“.

Одлуката која беше донесена во јули 2011 година, се однесува на четирите случаи на воени злосторства кои Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, во 2008 година им ги предаде на македонските судови. Ова резултираше со поништување на сите четири случаи од страна на македонскиот правосуден систем.

Случаите се однесуваа на злосторствата за кои се смета дека беа извршени од страна на поранешните бунтовници, етнички Албанци, на сега веќе распуштената Ослободителна народна армија, ОНА, во 2001 година за време на вооружениот конфликт.

„Без оглед на исходот, мојот сопруг, кој беше киднапиран од страна на ОНА во 2001 година, во тетовскиот регион, нема да се врати“, вели Димовска.

„Но, јас не можам да прифатам дека државата може да го суспендира меѓународното право и да им овозможи на оние кои ги киднапираа нашите најблиски, да останат неказнети“, додава таа, покажувајќи слика од маж ѝ Димитрија, еден од 12 киднапирани Македонци од Тетово.

Таа потсетува дека парламентот го донесе законот со образложение дека на обвинетите не треба да им се суди за воени злосторства во Македонија.

Таа сè уште сака да знае зошто никој не ги прашал поранешниот командант на ОНА, Даут Реџепи Лека, кој беше обвинет дека го наредил киднапирањето или поранешниот политички претставник на ОНА, Али Ахмети, сега лидер на владејачката Демократска унија за интеграција, ДУИ, да кажат каде се закопани телата на останатите осум од 12 киднапирани Македонци.

Имено, во јули и август 2001 година, во тетовскиот регион беа киднапирани 12 мажи, додека биле во градот или додека работеле во полињата.

Уставен суд на Македонија

Нивните имиња беа Андре Ристовски (роден 1967), Васко Михајловски (1963), Цветко Михајловски (1949) Димитрие Димковски (1941), Крсто Гогоски (1934), Симеон Јакимовски (1941), Бобан Јефтимовски (1972), Васко Трајчевски (1953), Илко Трајчевски (1953), Ѓоко Синадиновски (1954), Бошко Димитриевски (1945) и Славко Димитриевски (1952).

Откако во 2001 година вооружениот конфликт заврши со потпишување на Охридскиот мировен договор, беше донесен и Закон за амнестија.

Но, точното толкување на овој закон, остана предмет на спор.

Партиите на етничките Албанци го разбраа законот како доделување целосен имунитет за сите кои учествуваа во бунтот.

Други пак сметаат дека четирите случаи од Хашкиот трибунал, за осомничените за воени злосторства, треба да бидат изземени од оваа одредба за имунитет и дека наводните сторители треба да се соочат со истрага.

Со ова се согласуваат некои позначајни групи за човекови права. Така, Амнести интернешенел во септември минатата година соопшти дека стравува оти со примена на Законот за амнестија за овие четири случаи, жртвите на вооружениот конфликт нема да добијат правда.

„Во август 2001 година, Али Ахмети испрати документ до германската амбасада во Скопје, во кој ги наведе имињата на киднапираните Македонци“, се сеќава Војо Гоговски, чиј татко бил киднапиран во јули 2001 година и чие тело подоцна беше идентификувано меѓу останките пронајдени во масовна гробница во близина на селото Непроштено, Тетово.

„Тој во тоа време тврдеше дека знае каде се телата на 12 киднапирани Македонци“, додаде тој.

„Ахмети на амбасадата ѝ даде изјава во врска со прашањето на киднапираните лица, бидејќи германските војници како дел од контингентот на НАТО, беа присутни во тетовскиот регион“.

Информациите дека Ахмети знаел за судбината на киднапираните Македонци беше, неколку пати во изминатата деценија, потврдена и од страна на владини претставници.

Роднини на киднапираните/архивска фотографија

Еден од нив беше и поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски. Тој подоцна од страна на Хашкиот трибунал беше обвинет за кршење на правилата и однесувањето во војна, но судот го ослободи.

Македонската полиција во октомври 2001 година, неколку дена пред првата операција за пронаоѓање на масовните гробници и ексхумација на телата, изјави дека киднапираните Македонци биле убиени, а потоа закопани во три гробници во близина на Тетово.

Во најголемата, соопштија, се наоѓале телата на шест лица. Во втората, биле закопани 3 или 4, а телата на другите двајца се наоѓале во третата гробница.

„Според сведоците, телата на загинатите се наоѓаат на дното на оваа гробница. Целата гробница, со цел да се сокрие масакрот, е покриена со смет од блиското село“, соопшти тогаш полицијата.

Иако ексхумација беше договорена со меѓународни официјални лица и претставници на локалното население, кога пристигнале на теренот, полицијата и истражните тимови беа нападнати со огнено оружје, при што загинаа тројца полицајци.

Подоцна, експертите по судска медицина, под строго полициско обезбедување, на една од локациите открија останки од тела, по што операцијата мораше да биде суспендирана од безбедносни причини.

Од 2001 година не беа направени други обиди за испитување на другите локации за кои сведоците ги посочија како места каде се закопани останките на 12 киднапирани.

„Тоа беше неподнослива работа“, изјави за БИРН лекар од тимот кој работел на откривање на телата.

„Снајперисти нè држеа на нишан. Сепак, меѓу целиот смет фрлен околу локацијата, ние  успеавме да најдеме останки од човечки коски и речиси едно цело тело на длабочина од 4,5 метри“, додаде тој.

„Сепак, ексхумацијата тогаш беше прекината, а истрагата стопирана. Подоцна, утврдивме дека останките [кои ги најдовме] им припаѓаат на четворица од исчезнатите Македонци“.

Јамата во Тетово каде беа пронајдени останките на 4-те тела

И покрај резултатите кои потврдија дека се работи за тела на четворица од исчезнатите Македонци, нивните семејства одбија да ги земат.

И така, 11 години по завршување на конфликтот, тие сè уште лежат во фрижидерите на Институтот за судска медицина во Скопје.

Што се однесува до останатите осум тела, никој досега не дал никаква наредба за завршување на нивната ексхумација, иако полицијата тврди дека знае на кое место во тетовскиот регион тие се закопани.

„Роднините на четворицата пронајдени, првично не ги прифатија резултатите, иако тие беа потврдени од страна на Институтот за судска медицина во Тузла, БиХ, по што целата документација беше доставена до судот во Тетово, кој беше одговорен за истрагата“, изјави за БИРН д-р Алексеј Дума, директор на Институтот за судска медицина.

„Но, ниту истрагата продолжи, ниту семејствата на четворицата исчезнати дојдоа да ги земат телата“, додаде тој.

Претставник на семејствата на киднапираните Македонци, кој зборуваше под услов да остане анонимен, рече дека полицијата и владата постојано ветувале дека случајот ќе биде решен во целост, дека телата на останатите исчезнати лица ќе бидат пронајдени и дека за сите нив ќе биде организиран заеднички погреб.

„Сега, кога помина законот за амнестија и за т.н. хашки случаи, јасно е дека нè лажеле“, вели член на едно од семејствата.

„Сите семејства се здружија во една група и ние секогаш сме делувале заедно“, додаде тој.

„Но, откако на неколку семејствата им беа понудени работни места, тие се дистанцираа од здружението и ние повеќе не можеме да се согласиме што да се направи со идентификуваните тела“, вели тој.

„Затоа и 11 години по конфликтот, тие и натаму се наоѓаат во фрижидерите на Институтот по судска медицина“.

Денес, кога Македонија одбележува 11 години од потпишувањето на Охридскиот мировен договор, кој стави крај на конфликтот преку гарантирање на поголеми права за албанската заедница, семејствата на киднапираните Македонци бараат државата да го реши и приведе при крај, можеби најчувствителното прашање кое остана од тој период.

Роднините бараат стопираната истрага да се заврши

Тие бараат завршување на истрагата, пребарување на останатите локации кои полицијата ги посочи и пронаоѓање на останатите тела.

„Нема помирување сè додека сите болни прашања не бидат решени“, изјави една жена, чиј син и сопруг биле киднапирани.

„Немам ништо против амнестијата, но законот мора да важи за сите. Не сакаме ништо друго, само да ни се каже каде се телата“.

Во 2005-тата тетовскиот суд ги прогласи исчезнатите за мртви и секое семејство, како компензација доби од 10.000 до 20.000 евра.

Во меѓувреме, одбележувањето на 11 годишнината од мировниот договор, ги врати сеќавањата на едно друго болно прашање.

Тоа се однесува на околу 200 внатрешно раселени лица од селото Арачиново крај Скопје и од селото Матејче кај Куманово, чии домови во конфликтот беа уништени и кои сè уште живеат по студентските домови.

„Нашите домови беа запалени, а нашите соседи Албанци сè уште не ни дозволуваат да се вратиме во селата“, вели претседателот на Здружението на раселени лица “Зора“, Јана Стојановска.

„Тие ни ја окупирале и илегално ја обработуваат нашата земја, а државата не прави ништо како би го решила нашиот проблем“, додава таа.

„Околу 200 внатрешно раселени лица, останаа да живеат по малите соби во студентските домови во Скопје“.

Стојановска вели дека раселените лица ја тужеле државата, која не го гарантирала нивното безбедно враќање во домовите.

Но македонскиот суд ги одбил повеќето нивни приговори, по што поднеле тужба во Стразбур.

„Експертски психијатриски преглед покажа дека ние сите имаме пост-трауматски стрес и дека ќе имаме доживотни проблеми, но судот сметаше дека не треба да ни се компензира, бидејќи не ни фали ниту еден дел од телото“, вели Стојановска.

„Не знам кому веќе да се обратам во врска со нашиот проблем“.

За состојбата да биде уште полоша, највисокиот суд ги отфрли случаите во кои на дел од раселените им беше доделена отштета за претрпените трауми за време на конфликтот.

Сега, им е наложено да ги вратат тие пари.

 

Talk about it!

blog comments powered by Disqus

Latest Headlines

news 05 Jul 17

Bosnian Serb Leader Threatens Secession over Holidays

News 27 Jun 17

Zagreb Mayor Decides to Rename Tito Square

News 23 Jun 17

Serb Woman’s Case Upsets Trump Immigration Policy

News 19 Jun 17

Bosnian Kindergarten Overcomes Ethnic Divisions

Comment 19 Jun 17

Aleksandar Vucic’s Broken Promises to America

Background

serb-minority-rights-scripted-out-in-croatia-09-02-2015

Serb Minority Rights Scripted Out in Croatia

The muted response to the Croatian town of Vukovar’s decision to scrap controversial bilingual signs in Latin and Serb Cyrillic script suggests the EU has lost focus on minority rights, analysts claimed.

Croatian Dissident Feared Kidnap by Yugoslav Spies

The trial of Zdravko Mustac and Josip Perkovic, former Yugoslav spy chiefs accused of killing a Croatian émigré, heard that the victim repeatedly told his German lover that he was living in fear.

Subscribe to Our Newsletter