Вести 02 Jul 12

Регионот недоверлив кон новата влада на Србија

Новата влада на Србија со националистички предзнак предизвика загриженост кај соседните земји за ЕУ иднината на регионот.

Бојана Барловац, Фатмир Алиу
БИРН
Белград, Приштина

Новата српска влада, која потсетува на онаа од деведесеттите, беше претпазливо пречекана од страна на официјалните лица во регионот.

Во четвртокот, новиот претседател на Србија, Томислав Николиќ, мандатот да формира нова влада му го даде на социјалистот Ивица Дачиќ, некогашна десна рака на Слободан Милошевиќ.

На социјалистите и прогресивците, кои ја делеа власта во ‘90-тите, кога прогресивците беа членови на Радикалите, во новата влада ќе им се приклучат и Обединети региони на Србија.

Иван Звонимир Чичак, претседател на хрватскиот Хелсиншки комитет вели дека односите меѓу Хрватска и Србија веќе почнале да се влошуваат. Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ одби да присуствува на инаугурацијата на Николиќ откако овој предизвика контроверзии со изјавата во која хрватскиот град Вуковар го нарече „српски град“, во кој раселените Хрватите не треба да се вратат.

Чичак потсети дека Јосиповиќ го посетил претседателот на Република Српска, Милорад Додик, иако Додик во 1995 година, во парламентот го поддржа бомбардирањето на Загреб.

Сепак, Чичак изрази надеж дека нема да дојде до суштински промени во идната политика меѓу двете земји, бидејќи Дачиќ веќе бил втор човек во претходната влада.

„Нема разлика дали тој е првиот или вториот човек [во владата], бидејќи се работи за истата политика, само сега во друго пакување“, изјави Чичак.

Тој потенцира дека односите меѓу Хрватска и Србија се регулирани од страна на  Брисел, со оглед на тоа дека и двете држави се на патот кон ЕУ интеграциите.

Одлуката поранешниот сојузник на Милошевиќ да ја предводи новата српска влада предизвика големи контроверзии во соседна Босна и Херцеговина. Сите дневни весници во своите изданија објавија опсежни статии за тоа, а најтиражниот босански весник “Дневни аваз“ , објави статија со наслов „Се враќа ли Србија кон ерата на Милошевиќ?“

Професорот Миле Ласиќ од Мостар изрази незадоволство од новата српска влада, бидејќи тој верува дека Србија, 20 години по војната, не заслужува да биде водена од страна на националистите.

„Имаме причина да жалиме за оние кои заминуваат од политичката сцена“, вели Ласиќ.

Косовскиот претседател Атифете Јахјага, го повика новото раководство на Србија да го признае Косово како независна држава. Иако Косово ја прогласи својата независност во 2008 година, за Србија тоа останува нејзина јужна покраина.

„Нема враќање назад, ние можеме да одиме само напред преку меѓусебна поддршка на нашиот пат кон евро-атланските интеграции. Не постојат други алтернативи“, изјави во петокот Јахјага за новинарите, по средбата со нејзиниот албански колега, Бамир Топи.

Претседателот на Албанија изрази надеж дека Србија ќе продолжи да се движи по патот на регионалните евроатлански интеграции, а не по патот кој враќа назад кон политиките од ерата на Милошевиќ.

 

blog comments powered by Disqus

Subscribe to Our Newsletter