Профил 11 Sep 12

Ратко Младиќ: Од надежен офицер до крвав воен лидер

Кога Младиќ наредил неговата војска да ги бомбардира граѓаните на Сараево „додека не полудат“, тој ги открил убиствените намери што ќе кулминираат со масакрот во Сребреница.

Мерима Хусејновиќ

Ратко Младиќ е роден во селото Божиновиќи, во близина на Калиновик, на 12 мај 1943 година, за време на Втората светска војна.

Својата “воена кариера ја започнал“ уште на 15 години, кога се запишал на Воената и индустриска школа во Земун, во близина на Белград, каде дипломира на Воената академија.

На само 22 години, станал офицер во Скопје, Македонија. Бил најмладиот член и командант на автоматската инженерска единица во Југословенската народна армија, ЈНА.

Пролетта 1991 година, кога започнал вооружениот конфликт во Хрватска, Младиќ заминал во Книн, северна Далмација, тогашен епицентар на српскиот  револт против хрватската независност.

Како прв командант на деветтиот корпус на ЈНА, тој наскоро добил ранг на генерал-мајор.

Под команда на Младиќ, силите на ЈНА во војната во Хрватска од самиот почеток беа ангажирани на страната на побунетите Срби, принудно раселувајќи го цивилното население, што подоцна ќе стане познато како “етничко чистење“.

За време на една рација во Србија, полицијата ги пронашла личните воени дневниците на Младиќ, кои содржат важни информации за неговата стратегија.

Во нив, тој се осврнува на “раселување на населението“, како и на плановите за жртвување на хрватската српска државичка, т.н. Република Српска Краина, за делови од Босна.

„Им реков да ги повлечат линиите на [идните] граници и да го раселат населението ...“,  напишал Младиќ во својот дневник.

Откако војната во Хрватска, кон крајот на 1991 година стивна, Младиќ бил преместен на друго место.


На 9 мај 1992 е назначен за командант на Втората воена област на ЈНА, што го покрива поголемиот дел од Босна и Херцеговина.

Три дена подоцна, парламентот на самопрогласената Република Српска во БиХ, го назначува за командант на Војската на Република Српска.

Во интервју за белградскиот магазин “НИН“, во февруари 1994, Младиќ изјавува дека станал генерал „во проблематични воени времиња“.

„Кога ја презедов позицијата во Вториот воен регион, си поставив задача да соберам луѓе и да формирам команда и седиште ... Знаев, уште веднаш, дека таму ќе се случи голем историски настан“, изјавил Младиќ во интервјуто.

Во април 1992 година, Сараево било нападнато и ставено под опсада, која траела 1.425 дена. Градот се соочил со систематско гранатирање и снајперски оган кој на нишан ги имаше цивилите, придружувано со недостиг на храна, вода и електрична енергија.

„Гранатирајте ги Велушиќи и Пофалиќи, бидејќи во овие населби нема многу Срби“, наредил Младиќ на 28 мај 1992 година, патем погрешно изговарајќи го називот на сараевската населба Велешиќи.

„И гранатирајте го делот во близина на Добровољачка улица, и таму околу Хумска улица, до улицата Ѓуро Ѓаковиќ“, продолжил тој.

„Не дозволувајте им воопшто да спијат. Нека полудат“, нагласил тој.

„Можете ли да ја гранатирате Баш чаршија? Плотун врз Баш чаршија. Држете ги Претседателството и Собранието под директен оган. Пукајте полека, во интервали, се додека не ви наредам да престанете“, наредил Младиќ.

Таа ноќ, многу згради во центарот на Сараево биле запалени. Повеќе од сто повредени лица, за само неколку часа, биле доведени во болниците.

Оние кои што останале во градот под опсада, се сеќаваат на месеците поминати во страв, на луѓето кои биле убиени додека чекале ред за вода и леб, или претрчувале по мостовите под снајперски оган. Болниците биле гранатирани, а исто и музеите и библиотеките.

Достапните податоци укажуваат на тоа дека повеќе од 13.000 жители на Сараево починале како резултат на овие активности, кои траеле до крајот на опсадата која конечно била скршена во 1995 година.

Повеќе од половина од овој број, загинале во 1992 година. Бројот на индиректни жртви на опсадата, кои починале од глад, болест или кои извршиле самоубиство од очај, не е можно да се востанови.

Младиќ не се каел. „Јас само го бранам мојот народ“, изјавил тој во неколку пригоди за време на војната.

Воените сили под команда на Младиќ биле под Врховна команда на Радован Караџиќ, тогаш претседател на Република Српска, кој „имал моќ да именува, да унапредува и разрешува воени офицери“, смета обвинителството на Хашкиот трибунал, кое го товари за геноцид и бројни други злосторства.

Обраќајќи му се на Караџиќ, единственото лице на кое тој му бил подреден, Младиќ рекол дека сака „нашата земја, Република Српска и српскиот народ да просперираат“.

„Сакам твоите зборови, изговорени на последното собрание, да бидат врежани и да се пренесуваат од страна на овие медиуми до секој човек во нашата земја“.

„Би сакал да застанеме едни покрај други и да ги надминеме овие страшни времиња, да поминеме низ бурата и да го оствариме нашиот сон, сите Срби да живеат во една држава“, изјавил Младиќ за време на војната.

Иако вели дека „го бранел својот народ“, Младиќ слободно признава дека офанзивите биле „главниот метод на неговиот борбен стил“.

„Напаѓањето е во мојата природа. Ова е прифатливо за главниот штаб на Република Српска. Мојата цел е едноставна - заштита на српската територија и на луѓето кои живеат таму со векови“, изјави тој, кратко време откако станал командант на Главниот штаб.

Во јули 1995 година, само неколку месеци пред завршување на војната во БиХ, силите на Младиќ го окупирале источниот босански град Сребреница, кој Обединетите нации две години претходно, го прогласиле за “заштитена зона“.

Младиќ пристигнал во Сребреница со насмевка на лицето, честитајќи им на војниците кои се ракувале со него по улиците на напуштениот град.

Камери го снимаа движењето на генералот. Единствените ТВ станици кои биле присутни, телевизијата на Република Српска и на Србија, известиле за „ослободување“ на градот, од кој бегале десетици илјади луѓе.

„Тука сме, во српска Сребреница, на 11 јули 1995 година“, изјави Младиќ. „Во пресрет на уште еден голем српски празник, му го подаруваме овој град на српскиот народ. Конечно, дојде време, по побуната против османлиите, на овој начин да им се осветиме на Турците“.

Тој тогаш им наредил на своите војници: „Одете напред кон Поточари, Братунац ... не сопирајте“.

Она што следело биле масовни убиства на неколку илјади мажи и момчиња, што во обвиненијата и пресудите кои следеа пред меѓународните и локални судови, ќе биде квалификувано како геноцид.

Неколку илјади жени и деца избегале од градот во база на ООН во Поточари. Во исто време, илјадници мажи се упатиле низ шумите кон Тузла.

Ноќта меѓу 11 и 12 јули 1995, Младиќ одржал три состанока во хотелот “Фонтана“ во Братунац. Предмет на тие состаноци била судбината на несреќните луѓе од Сребреница.

„Можете или да преживеете или да исчезнете. За да преживеете, барам сите ваши луѓе кои се вооружени, дури и ако извршиле злосторства,  а извршиле против мојот народ, да го предадат своето оружје на ВРС“, им изјавил Младиќ на претставниците на Сребреница, кои присуствувале на една од средбите заедно со претставниците на холандскиот баталјон на ООН.

На 12 јули, Младиќ, во придружба на ТВ екипа, пристигнал во Поточари. Камерите го снимале како на децата им дели Тоблероне чоколадо, луксуз кој тие го немале видено со години, велејќи им на нивните родители да не се плашат затоа што „никој нема да им направи ништо лошо“.

„Сите кои сакаат да останат, можат да останат. Сите оние кои сакаат да ја напуштат оваа територија, слободни се да го сторат тоа. Имаме обезбедено доволен број на автобуси и камиони за вас“, рече тој.

Младиќ ја повторува истата порака на една ливада во Сандиќи, во хангарот во Братунац и на стадионот во Нова Касаба, обраќајќи им се на заробените мажи и момчиња, кои биле опкружени со вооружени српски војници.

Наместо тоа, оние кои биле заробени или кои се предале, биле убиени. Според обвинението на обвинителство на Хашкиот трибунал од 2002 година, „по кратка постапка, од 13 до 19 јули 1995 година, биле убиени повеќе од 7.000 затвореници, заробени во областа околу Сребреница. Убиствата продолжиле и  понатаму“.

Со цел да стави крај на војната во Босна и Херцеговина, меѓународната заедница кон крајот на август 1995 година, конечно воено интервенирала.

НАТО ги бомбардирал српските позиции во близина на Сараево и низ Босна, за да ги принуди босанските Срби да седнат на мировни преговори.  Операциите траеја повеќе од 10 дена.

„Бомбите, кои паднаа врз нашите деца, ја открија вистината за Западот, но и придонесоа, Србите, кои досега тоа не го направија, да почнат да мислат со своја глава“, изјави Младиќ. „Оваа војна ќе трае се додека нивните [на запад] деца не дојдат дома во ковчези“.

Војната заврши на 14 декември 1995, со потпишување на Дејтонскиот мировен договор во Охајо, САД. Кратко време потоа, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, издаде потерница за Младиќ врз основа на две обвиненија, поднесени во средината на 1995 година.

„Тие би сакале нашите генерали со лисици да ги одведат во Хаг, додека нивните се движат тука слободно и дистрибуираат постери и медиумски материјал на децата“, возврати Младиќ. „Мене може да ми суди само мојот народ“.

Во јули 1996 година, беше издадена меѓународна потерница за Младиќ. По неколку години бегство, Младиќ беше уапсен во Србија на 26 мај 2011 година и пет дена подоцна екстрадиран во Хаг.

Судењето на Младиќ за воени злосторства, злосторства против човештвото и за геноцид, е предвидено да започне пред МКТЈ, на 16 мај 2012 година.

This article is Premium Content. In order to gain access to it, please login to your account below if you are already a Premium Subscriber, or subscribe to one of our Premium Content packages.

Buy Premium Subscription

Our Premium Service gives you full access to all content published on BalkanInsight.com, including analyses, investigations, comments, interviews and more. Choose your subscription today and get unparalleled in-depth coverage of the Western Balkans.

Buy Premium Subscription

If you have trouble logging in or any other questions regarding you account, please contact us

blog comments powered by Disqus

Background

Srebrenica: Genocide Reconstructed

In July 1995 Srebrenica was shelled and occupied by the Army of Republic of Srpska,VRS, despite being declared a protected area by the United Nations. More than 7,000 people were killed, the victims of genocide.

Ratko Mladic: The Force Behind the Srebrenica Killings

The Bosnian Serb commander’s role in the genocide committed in Srebrenica is described in detail in many indictments and verdicts pronounced before local and international judicial institutions.

The Indictment Against Ratko Mladic

Indictments in 1995 and 2000, further amended in 2002 and 2010, charge the former commander of the Republika Srpska Army with genocide and other crimes.

Ratko Mladic: From Promising Officer to Bloodstained Warlord

When Mladic ordered his army to bomb the people of Sarajevo until they ‘go insane’, he revealed the murderous intentions that would culminate in the Srebrenica massacre.

Subscribe to Our Newsletter