Вести 12 Nov 12

Принцезата Јелисавета бара враќање на имотот

Ќерката на поранешниот југословенски регент принцот Павле, кој беше соборен со воен удар, побара од Србија враќање на конфискуваниот имот на нејзиното семејство во Белград.

Марија Ристиќ
БИРН
Белград

Принцезата Јелисавета Караѓорѓевиќ и нејзиниот брат, бараат враќање на вилата во елитниот дел на Белград, во која во моментов е сместена амбасадата на Црна Гора.

„Нашиот имот во Белград, односно градината и куќата што се простираат на околу 6486 метри квадратни, ни е одземен веднаш по војната. Веруваме во новата влада и се надевам дека ќе ни го вратат она што е наше“, изјави принцезата.

Во септември 2011 година, како дел од листата закони на ЕУ што мора да бидат донесени, Белград го усвои законот за враќање на национализираните имоти, што беа одземени за време на  комунистичкиот период од 1945 до 1968 година, или исплата на еквивалентен надоместок за нив.

Република Црна Гора вилата ја користи врз основа на договор потпишан со српската влада.

Останките на принцот Павле, поранешен југословенски регент соборен со државен удар во 1941, по 71 година, на 4 октомври, беа вратени во Србија.

Два дена подоцна, заедно со останките на неговата сопруга Олга и синот Никола, тој беше погребан во мавзолејот на српското кралското семејство Опленац, во близина на градот Топола во централна Србија.

Во декември минатата година, Вишиот суд во Белград го рехабилитира принцот и ја укина пресудата од 1945 година, донесена од тогашната државна комисија, со која тој беше прогласен за воен злосторник.

Комунистичките власти го обвинија принцот Павле „за кршење на Уставот со преземање на моќта и игнорирање на народните  претставници“, како и за „потпишување на Тројниот пакт со што придонел кон агресивната војна на силите на Оската“.

Со пактот потпишан во 1940 година, беа формирани силите на Оската, спроти големите сојузнички сили кои се бореа против нив: Русија, Велика Британија и САД.

Југославија стана потписник на Тројниот пакт, со кој на германската армија ѝ беше овозможен влез во Југославија, а со цел да се избегне инвазијата на Оската.

Ова предизвика масовно народно незадоволство, што доведе до воен удар со кој регентот беше насилно отстранет од власт.

Тој стана југословенски регент откако неговиот братучед, кралот Александар, беше убиен во Марсеј, Франција, во 1934 година.

За време на Втората светска војна, британската влада го држеше принцот Павле и неговото семејство во домашен притвор во Кенија, Африка. Бидејќи имаше забрана за враќање во Југославија, принцот, остатокот од својот живот го помина во егзил.

Принцот Павле беше познат по својата страст по уметноста. Голем број од уметничките дела што ги има собрано, ги донирал и наменил за Југославија. Меѓу нив и голем број странски ремек-дела.

Слики на Рубенс, Рембрант, Моне, Ван Гог и други познати светски уметници, кој тој ги донирал, денес се чуваат во Националниот музеј на Србија.

 

Talk about it!

blog comments powered by Disqus

Subscribe to Our Newsletter