Home Page
 
11 Dec 08

Нуклеарна енергија: проклетство или можност?

Балканските држави се обложуваат на нуклеарната опција како најдобар начин да се намали дефицитот на енергија, но дали ризикот ќе се исплати, останува да се види.

Од Магда Мунтеану
во Црна Вода, Белене и Олкилуото

Тројца чувари стојат покрај портата на попладневната жештина од 40 Целзиусови степени, игнорирајќи ја вревата околу нив. Бодливата жица со страшен изглед поставена на врвот од високата ограда како да е дизајнирана да ги спречи осудениците да избегаат од затвор.

Oд далечина, нуклеарната централа во Црна Вода, во источна Романија, изгледа мирно и незабележително. Петте тркалезни реакторски згради се наредени во низа крај бреговите на Дунав. Нема многу знаци дека високата ограда ги одвојува двата оперативни нуклеарни реактора од проектот вреден 4 милијарди евра што треба да започне наскоро.

По неколку безбедносни контроли, долги ходници, во кои за влез е потребна лозинка и проверка на нивото на радијација, стигнуваме до срцето на централата. Ова е контролната соба. Само двајца, главниот оператор и раководителот на смена, се одговорни за оваа комора без прозорци, во која се сместени десетина парчиња опрема со големина на орман, при што секој служи за набљудување на различни активности во централата.
 
„Осум часа не знаеме дали врне дожд или снег надвор“, раскажува Александру Јонеску за својата смена во контролната соба. По четири години обука, Јонеску сега е главен оператор, иако ќе бидат потребни уште две години обука на работното место пред да стане раководител на смена и ’врховен раководител’ на централата за време на ноќната смена, кога не е таму раководството.
 
Романија презеде голем ризик со централата во Црна Вода, што покрива моментално 18 проценти од нејзините вкупни енергетски потреби. Земјата речиси го дуплираше своето производство на нуклеарна енергија минатата година кога го отвори вториот 700-мегаватен реактор. Нејзините планови сега се уште посмели. Најрано до 2014 година, сака да стави во погон две од петте нуклеарни постројки, чија изградба започнала уште за време на комунистичкиот режим.
 
„Луѓето во Црна Вода со нетрпение очекуваат да започне изградбата. Тоа е нивниот залак леб“, вели Луцијан Ангхел, главен инспектор во Националната агенција за вработување, во блиското пристаниште Констанца. „Кога вториот реактор беше завршен минатата година, многумина од областа кои работеа на превозот, изградбата, чистењето или издавањето станови ги загубија своите работни места“, вели тој.
 
Локалното населени, се чини, не се грижи многу за катастрофата предизвикана од нуклеарната централа во Чернобил, Украина, во 1986 година кога експлодираше реакторот и радиоактивното јадро беше испуштено во атмосферата, моментално убивајќи 30 лица и контаминирајќи илјадници други во Украина и во соседните земји, вклучувајќи ја и Романија.
 
Две децении подоцна, можноста за таква несреќа се чини далечна и неколку земји од Централна и од Источна Европа сега се вклучени во големи проекти за изградба на нуклеарни постројки.
 
Ако овие проекти станат реалност, регионот ќе може да генерира постабилна енергија по пониски трошоци, што ќе биде потребна за да се покрие сегашниот дефицит во земјите како што се Грција, Македонија и Албанија.
 
Неочекувана ренесанса
 
Пред само една деценија, мал број аналитичари би очекувале дека овие земји би развивале нуклеарни централи, со вкупна вредност од над 13 милијарди евра.
 
Во осумдесеттите и во деведесеттите години, под влијание на јавноста што чувствуваше одбојност спрема нуклеарната енергија и страв од несреќи слични на онаа во Чернобил, европските политичари одлучиле дека нуклеарната енергија е ’вајлд карта’ што создала повеќе проблеми отколку што решила.
 
Стапката на изградба на нуклеарната централа наеднаш се забави. За време на изминатите 12 години, само шест нови постројки биле ставени во погон во Европа: во Чешка, Словачка и во Романија. Во неколку држави, нуклеарните централи биле исклучени, бидејќи биле многу стари, вклучувајќи ја Бугарија, Литванија, Германија, Шпанија, Шведска и Британија.
 
Но, ставовите се менуваат и многу политичари ја гледаат нуклеарната енергија како златна можност. „Моментно сме сведоци на ренесанса во нуклеарната енергија“, вели Сантијаго Сан Антонио, генерален директор на Европскиот атомски форум - ФОРАТОМ.
 
Нови реактори се градат во Финска и во Франција, додека други земји, како што се Романија, Бугарија, Литванија и Словачка, прават планови. „Сметам дека овие централи не се доволни. Потребни ни се повеќе“, додава Сан Антонио.
 
Според Меѓународната агенција за енергетика ИЕА, моментно низ целиот свет работат 439 комерцијални нуклеарни централи, додека 36 се во изградба, што претставува пораст од 9 проценти.
 
Во Европа, постојните нуклеарни централи произведуваат 35 проценти од енергијата во регионот. Но, бидејќи потрошувачката на енергија би можела да се удвои до 2030 година, нивната бројка треба да се зголеми за да се задржи овој процент. Се проценува дека над 20 реактори би можеле да се изградат во Европа до 2030 година. На крајот од минатата година, во земјите во Европската унија работеле 146 реактори, што е околу една третина од сите постројки во светот.
 
Меѓутоа, Европа не може да се справи со растот во побарувачката на енергија без истовремено да не се осврне на две други, меѓусебно поврзани, прашања.
 
Првото е потребата да се премине кон енергетски извори со ниска емисија на јаглерод со цел да се намалат еколошките последици од индустријата и да се забават климатските промени. Целта глобалното затоплување да се одржи под 2 Целзиусови степена во овој век ќе биде тешко да се достигне и енергетскиот сектор ќе мора да одигра важна улога доколку се посакува таа да се оствари.
 
Меѓутоа, моќното еколошко лоби во Европа силно се противи на нуклеарната опција и покрај ветувањето за ниски емисии на C02. „Нуклеарната енергија, дефинитивно, не е решение за климатските промени и останува ризична технологија“, вели Георг Мауе, претставник на Одделението за клима во германското Министерство за животна средина.
 
Јан Хаверкамп, поддржувач на енергетската кампања на „Гринпис“ од Брисел, се согласува: кога станува збор за спречување на климатските промени, нуклеарната енергија е поголема бариера отколку што е дел од решението. „Покрај тоа, отпадот од нуклеарната енергија ни претставува нерешлив проблем, што би можело да резултира во поголема катастрофа од онаа во Чернобил“, вели тој.

Второто големо прашање за Европа е потребата да се намали зависноста од увезената нафта од Блискиот Исток и увезениот природен гас од Русија. „На долги патеки, нуклеарната енергија се осврнува на двете прашања“, вели Џереми Гордон, писател и аналитичар во Светската нуклеарна асоцијација, глобална, приватна организација со седиште во Лондон.
 
Во очајнички обид да се постигне поголема енергетска безбедност, европските држави сега бараат други извори за обновлива енергија, како што се ветерот или соларната енергија, како дел од долгорочното решение. Но, на краток и на среден рок, владите се навраќаат на претходно омразената нуклеарна енергија.
 
Според Алан Мекдоналд од Одделението за нуклеарна енергија во Меѓународната агенција за атомска енергија ИАЕА, нуклеарната енергија би можела да биде особено соодветна за земјите „каде што растот на побарувачката на енергија е голем, алтернативните ресурси се ретки, безбедноста на снабдувањето со енергија е приоритет и намалувањето на загадувањето на воздухот е задолжително“.
 
Ако таквите критериуми порано биле применувани, главно, во земјите на Далечен Исток и на Јужна Азија, сега тие, исто така, се прошируваат во Европа и во Северна Америка.
 
Не е толку едноставно во Финска
 
Градењето централи за нуклеарна енергија по дводецениски прекин е тешка работа, како што тоа го научи Финска, на сметка на трошоците. Технологијата во меѓувреме напредувала, исто како и безбедносните барања. Специјализираната работна сила повеќе не е толку лесно достапна, раководството можеби веќе ги загубило вештините, а цените пораснале вртоглаво.
 
Како резултат на комбинацијата од сите овие проблеми, новата финска нуклеарна централа во Олкилуото, на балтичкиот брег, прв таков проект што ќе биде лансиран по 20-годишен прекин, го надмина буџетот за 25 проценти и веќе доцни две години.
 
„Од почетокот планот беше одложуван. Се разбира дека бев загрижен“, вели Јармо Танхуа, претседател и извршен директор на „Теолисуден Воима Оји“, компанија која управува со двете постојни нуклеарни постројки во Олкилуото со индивидуален капацитет од по 860 мегавати.
 
Патот со една коловозна лента што води низ густата борова шума до Олкилуото наеднаш завршува пред портата на централата, пред два огромни нуклеарни блока обоени во боја на цреша, класична за регионот. Платформата на нуклеарната централа изгледа како огромен мравјалник. Над 3.200 лица работат деноноќно за ја изградат една од најголемите нуклеарни постројки во светот, со капацитет од 1.600 мегавати.
 
„Потешко е отколку што очекував“, вели еден полски работник додека носи некои материјали. Кранови ја опкружуваат зградата на реакторот, што ќе биде висок над 60 метри, а миризбата на жешко железо е присутна во воздухот.
 
Кога градежните работи започнаа во 2003 година, се мислело дека реакторот би чинел 3 милијарди евра и дека ќе започне со работа во 2009 година. Меѓутоа, според најновите процени, цената ќе биде над 4.5 милијарди евра, додека крајниот рок е продолжен за 2011 година.
 
„Некои од тешкотиите што се појавиле во Олкилуото се резултат на тоа што ова е прв реактор од овој вид“, вели Џулиен Дуперај, портпарол на француската компанија „Арева“, што е одговорна за спроведување на проектот.
 
Но, Хаверкамп од „Гринпис“ инсистира дека проблемите се посуштински. „Проектот во Финска е градежна катастрофа“, вели тој. Според него, желбата да се заврши проектот колку што е можно побрзо значи жртвување на безбедносните прописи, а единствената причина зошто продолжува изградбата е затоа што е тешко да се запре таков голем проект кога е веќе започнат.
 
Бавниот почеток би можел да помогне
 
Земјите во кои моментно се реализираат нуклеарни проекти внимателно го следат искуството на Финците, кои практично беа присилени да ја обноват базата за нуклеарна индустрија.
 
Најнапредниот проект кој се реализира моментно е 1.600-мегаватниот реактор што го гради „Арева“ во Фламанвил, во западна Франција. Работата официјално започна при крајот на 2007 година, но „многу е веројатно дека ќе го следи истиот пат како и оној на Олкилуото“, вели Хаверкамп.
 
Над 30 нуклеарни постројки ќе бидат изградени низ светот во текот на следните години, според ИАЕА, главно, во брзорастечките азиски економии на Кина и на Индија, како и во Русија и во САД.
 
Балканските земји сè уште не започнале нови градежни проекти за нуклеарки, но се во процес на добивање на финансиските и на градежните дозволи. Процесот ќе биде тежок. Словачката влада неодамна побара од словачката компанија „Словачки електрани“, што планира изградба на трета и четврта постројка кај централата во Моховце, секоја со капацитет од 440 мегавати, да спроведе целокупна оцена на влијанието врз животната средина како предуслов за добивање дозвола за работа.
 
Во Бугарија, каде што Европската унија ги присили властите пред неколку години да затвори четири од шесте реактори кај Козлодуј, количеството струја произведено од нуклеарна енергија паднала од 42 процента од потребите на земјата на 32 процента.
 
Меѓутоа, Бугарија сега планира да го зголеми овој процент со изградба на две дополнителни постројки, секоја од 1.000 мегавати кај Белене, на Дунав, проект што се проценува на 4 милијарди евра. Првиот реактор би можел да започне со работа најрано во 2013 година.
 
„Не можеме да гарантираме дека нема да имаме проблеми во однос на работниците и градежните материјали, но досега работиме според плановите“, вели Васил Бандов, раководител со градилиштето на нуклеарната централа кај Белене.
 
Нуклеарниот проект кај Белене започна во 1985 година, но беше напуштен во 1992 година поради демократските промени во земјата и ризикот што го носеше. Костурот на зградата на реакторот стои на градилиштето, опкружен со ограда за да ги одвраќа љубопитните посетители.
 
Ако бугарската државна Национална електрична компанија успее да најде пари за 51 процент од проектот вреден 4 милијарди евра до следната пролет, старата зграда на реакторот ќе биде урната и изградбата ќе започне од нула. „Атомстројекспорт“ од Русија и „Арева“ веќе се избрани за да ги градат реакторите, а се очекува РВЕ од Германија во октомври да инвестира во проектот и да поседува 49 проценти од централата.
 
Но, „Гринпис“ не е одушевен од овој проект, исто како што не го радува новата централа што се гради во Финска.
 
„Проектот во Белене ќе биде изграден во област што беше тешко погодена од земјотресот во 1977 година“, предупредува Хаверкамп, осврнувајќи се на потресот во кој загинаа над 100 лица во бугарскиот град Свиштов, околу 200 километри од Белене. Тој вели дека проектот е веќе трипати поскап од она што првично го одобрил парламентот во 2003 година и ќе чини над 7 милијарди евра.
 
Романија доживува слични проблеми околу трошоците со нејзината нуклеарна централа. Двете нуклеарни постројки од по 700 мегавати во 2006 година беа првично проценети на 2.3 милијарди евра, но според неодамнешните официјални процени, цената ќе биде 4 милијарди евра. Ако цената на суровините и опремата продолжи да расте со истата стапка, веројатно ова нема да биде конечната цифра.
 
„До крајот на декември мора да се постигне договор со инвеститорите“, вели Теодор Кирика, генерален директор на „Нуклеарелектрика“, државна компанија што ќе поседува 51 процент од проектот, истиот процент што ќе го поседува државата и во Бугарија. Разликата е што остатокот од уделот ќе биде поделен меѓу шест меѓународни инвеститори.
 
Една предност за балканските држави кога станува збор за изградбата на нуклеарни централи е дека тие ќе имаат придобивка од искуството на градежните компании како што е „Арева“ што го стекнале додека работеле на другите нуклеарни постројки.
 
Ова потенцијално значи помалку проблеми во однос на авторизацијата и безбедносните регулативи. Но, големиот број проекти што ќе бидат можеби изградени во регионот речиси истовремено ќе создадат нови проблеми, како што е, на пример, недостигот од квалификувани работници.
 
„Штом ќе биде потпишан договорот со инвеститорите, ќе започнеме да вработуваме луѓе и да ги обучуваме“, вели Јонеску од централата во Црна Вода. За втората нуклеарна постројка, што започна со работа во 2007 година, процесот на регрутирање започна со години однапред.
 
Успехот на нуклеарните проекти во Централна и во Источна Европа и степенот до кој тие ќе се осврнат на зголемената побарувачка за енергија во Европа сега зависи од нивната способност да привлечат финансиски средства и да продолжат со изградбата според планот.

Talk about it!

blog comments powered by Disqus

Premium Selection

eu-s-albania-delegation-probed-over-justice-tender
22 Nov 14

EU’s Albania Delegation Probed Over Justice Tender

The EU’s anti-fraud office, OLAF, is investigating claims that the EU Delegation in Albania offered a major tender to a German company for corrupt reasons, BIRN can reveal.