Вести 08 Jan 13

Нови обвиненија за воени злосторства во БиХ

Босанските обвинители годината ја започнаа со три нови случаи на воени злосторства.

Денис Џидиќ
БИРН
Сараево

Откако минатата година беа сумирани преостанатите случаи на воени злосторства во Босна и Херцеговина, сите помалку сложени случаи, околу 600, беа испратени на процесирање во судовите на пониско ниво, односно во кантоналните и окружни судови.

Обвинителите веќе почнаа да дејствуваат и во изминатите неколку дена беа подигнати неколку обвиненија за наводни воени злосторства извршени во регионот на Какањ, Високо и Цазин.

Кантоналниот обвинител на Зеница поднесе обвиненија за злосторства во Какањ и Високо, градови во близина на Сараево.

Јасмин Шехагиќ, поранешен директор на логорот сместен во рудникот за јаглен Какањ, е обвинет за учество во претепување на затворениците, босански Хрвати, но и заради тоа што не спречил други лица да го прават тоа, ниту пак ги пријавил кај неговите претпоставени.

Според обвинението, Шехагиќ, од јуни 1992 до септември 1993 година, заедно со други припадници на воената полиција на босанската армија, физички ги малтретирал затворениците удирајќи ги, клоцајќи ги и тепајќи ги со палки и кабли.

Во обвинението се наведува дека тој им дозволил на непознати војници да обрежат еден притвореник против неговата волја.

Второто обвинението поднесено од обвинителот во Зеница терети лице со иницијали А.К. за силување на жена, босанска Србинка, во областа Високо.

Обвинителот тврди дека во јуни 1992 година А.К., поранешен припадник на босанската армија, одвел една жена од нејзината куќа до блискиот рид и ја принудил на сексуален однос со него.

Во меѓувреме, кантоналниот обвинител во Бихаќ , северна Босна, покрена обвинение против поранешниот војник Реџеп Бегановиќ за воени злосторства против цивили во областа Цазин.

Бегановиќ, поранешен припадник на вооружените сили на самопрогласениот автономен регион Западна Босна, кој постоел во периодот 1993-1995 година, е обвинет за злоупотреба на цивили и за обид за силување на малолетно лице.

Според обвинението, Бегановиќ насилно одвел две малолетни лица од нивната куќа во селото Тржац, каде што се обидел да силува едно од нив, пред да биде запрен од други војници.

Бегановиќ накнадно ќе се изјасни по обвинението.

Talk about it!

blog comments powered by Disqus

Subscribe to Our Newsletter