Home Page
EnglishRomânăБългарскиShqipBosanskiSrpski Fellowship 2013 10 Dec 13

Неграѓанско општество: Политизација на невладините организации во Македонија

Граѓански организации ги промовираат плановите на владата и ги напаѓаат нејзините противници, подгревајќи ги сомнежите за нивната независност.

Мери Јордановска BIRN Скопје, Белград и Прага

Еден летен ден минатиот јуни, неколку стотици демонстранти го пробија полицискиот кордон околу бараките во кои е сместено седиштето на скопската општина Центар.

„Гори во пеколот, Антихристу", извикуваа, удирајќи по ѕидовите, кршејќи ги прозорците, заплашувајќи ги службениците кои внатре одржуваа состанок.

Демонстрантите беа мобилизирани од страна на група на граѓани, наведени во печатот како невладина организација, или НВО.

Нивниот гнев беше насочен кон функционерите од опозициската партија кои што пролетта на избори ја презедоа локалната власт.

Демонстрантите пред општина Центар беа бесни на тврдењата дека веќе до половина изградената црква ќе биде срушена.

Преку нападот на зградата се чинеше дека насилно се толкува една од виталните функции на невладините организации - претставување на барањата на граѓаните пред властите.

Македонското граѓанско општество стана сцена за политички битки во земјата, при што невладините организации станаа главни актери.

Многу организации ја промовираат идеологијата на најголемата партија во власта, напаѓајќи ги нејзините критичари и ривали.

Во некои случаи, претставници од партијата имаат тесна поврзаност со невладините организации, со што се подига веројатноста за појава од конфликт на интереси во секторот во кој политизацијата, иако неизбежна, треба да се држи под контрола.

Владејачката партија, пак за возврат, ги обвинува невладините организации финансирани од странските влади и меѓународните фондации дека служат како застапници на опозицијата.

Во Македонија од 2006 година на власт е коалицијата предводена од централно-десничарската партија позната по својот акроним, ВМРО-ДПМНЕ. Партијата негува бизнис-пријателски имиџ во странство, додека дома има усвоено етно-националистичка реторика.

Нејзините критичари ја обвинуваат заради авторитарните тенденции, повикувајќи се на намалениот број независни медиуми и постепената доминација на симпатизерите на партијата во трговијата, културата и јавниот сектор.

Според овие критичари, доминацијата , исто така, се проширила во арената на граѓанското општество, каде што невладините организации и неформалните здруженија бранат некои од поконтроверзните програми на Владата, како што е скапото разубавување на јавните простори во главниот град и забраната за абортус на жените.

„По контаминацијата на политиката, бизнисот, државните институции и медиумите, сега е редот на граѓанските организации", вели Радмила Шеќеринска, поранешен лидер на најголемата опозициска партија, Социјалдемократите или СДСМ.

Меѓутоа, Илија Димовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека е лицемерно да се обвинува владата за манипулирање со граѓанското општество.

„Опозициските партии секогаш велат дека ние треба да ги слушаме барањата на граѓаните", вели тој. „Но, кога граѓаните протестираат против нив, тие одговараат со вакви обвинувања".

Невладините организации се клучни играчи во граѓанското општество, небулозен термин кој широко се дефинира како јавна арена за дебата и дејствување што е надвор од рамките на државата и пазарот.

Исто така, нема универзална дефиниција за она што претставува невладина организација, иако концептот широко се користи во меѓународниот развој, и често се меша со „добротворна организација" и „непрофитна организација". Сепак, повеќето дефиниции се усогласени во однос на одредени заеднички карактеристики.

На пример, Европската унија и Обединетите нации велат дека невладините организации не треба да прават ништо нелегално и не треба да остваруваат профит. Пред сè, тие треба да бидат независни од било каква форма на власт, како што укажува и самото име.

Многу влади ги финансираат невладините организации, и дома и во странство. Во овие случаи, политичките функционери обично се исклучени од членство во организацијата со цел да се зачува нејзиниот невладин статус.

Сепак, тенка е линијата помеѓу политичкиот и граѓанскиот активизам во Македонија.

„Бесплатен превоз и сендвичи"

Неколку невладини организации кои ги застапуваат каузите на владата имаат лабави врски со главната партија на власт.

Нападот врз општинската зграда минатото лето следеше по тврдењата дека новоизбраниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, планира да ја сруши делумно изградената црква во центарот на главниот град. Тој постојано ги негираше овие тврдења.

Жерновски е од коалицијата која е опозиција на ВМРО-ДПМНЕ. Набрзо по неговиот избор, тој најави истрага за Скопје 2014, мултимилионски проект што им даде лик на лажен барок на јавните места во главниот град.

Тоа е еден од највидливите и најпроблематични проекти на ВМРО-ДПМНЕ, привлекувајќи критики заради неговата цена и очигледната кич естетика. Голем дел од новите градби се реализирани во рамките на изборната единица на Жерновски.

Активистот Никола Наумоски смета дека владата e непријателски расположена кон невладините организации финансирани од странски извори.

Тврдењето дека градоначалникот планира да ја урне до половина изградената црква дојде од страна на Веритас, претходно непознато здружение што мобилизираше стотици поддржувачи, навидум преку ноќ, за да протестираат пред општинската зграда.

Веритас не е во официјалниот регистар на невладини организации. Сузана Миновска беше жената што даваше интервјуа за медиумите на местото на демонстрациите во име на „Веритас“. Во подоцнежен разговор со БИРН, таа го опиша Веритас како „граѓанска иницијатива", предводена од страна на волонтери.

Таа тврди дека протестите немале политички аспект. „Ние дури и немавме пари за тоа. Само идеја во која верувавме", вели таа.

Политичките приврзаници сепак се чини дека имале своја улога. „Добивме телефонски повик од седиштето на владејачката партија", вели Драган, 24 -годишен член на подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Тие ни кажаа кога треба да одиме во општината. Прашавме зошто, и тие само рекоа дека сите мора да одат", вели тој за БИРН, говорејќи под услов неговото вистинско име да не биде објавено.

Драган вели дека демонстрациите биле добро организирани, при што демонстрантите добиле бесплатен превоз и сендвичи.

Миновска вели дека не знае кој платил за сендвичите. Ниту, пак, била свесна дека членови на ВМРО- ДПМНЕ биле повикани на протестот. „Треба да ја прашате за тоа партијата, не мене", изјави таа за БИРН.

Во време на протестите, Миновска беше во брак со поранешен заменик-министер. Таа вели дека нејзината врска немала влијание врз нејзиниот активизам.

Веритас е една од неколкуте граѓански организации, кои ја делат идеологијата на владата.

Во интервју дадено еден месец по нападот на општината, македонскиот премиер Никола Груевски се чинеше дека ги поддржува мотивите на протестот, но и тој , исто така, ја осуди употребата на насилство.

„Во случајот со Веритас, имаше јасна и сериозна причина зад протестот, иако кршењето на прозорците не беше најдобриот потег", изјави тој за една локална телевизија.

Еднострана дебата

Јавноста обично за првпат слуша за групите како што е Веритас кога нивните основачи почнуваат да бидат цитирани во медиумите, спротивставувајќи се на критиките упатени кон политиката на владата.

Невладина оргнизација под името Акорд се најде во центарот на вниманието во 2010 година, кратко време откако владата објави детали за проектот Скопје 2014.

Проектот поттикна силни критики од архитектите и конзерваторите, како и од опозициската СДСМ. Акорд влезе во спор, поканувајќи ги медиумите на она што вети дека ќе биде дебата за Скопје 2014 година во еден луксузен хотел во градот.

Новинари кои присуствуваа на настанот, сепак, видоа дека дебатата беше прилично еднострана. Панелистите се чинеше дека се целосно приврзани кон идејата за лажен барок, уверени дека тоа ќе направи чуда за имиџот на градот.

Акорд е регистриран на адреса што се наоѓа на булеварот Партизански одреди, главната сообраќајница во Скопје. Седиштето на невладината организација, исто така, е дом на Виолета Самарџиска, која во 2010 година беше советник во општина Центар, со која тогаш владееше ВМРО- ДПМНЕ.

Самарџиска вели дека нејзината организација не е повеќе активна. Таа, исто така, отфрли било каква врска меѓу нејзиниот активизам и нејзината политика.

„Јас не гледам поврзаност меѓу мојата невладина организација и мојот ангажман во ВМРО-ДПМНЕ", изјави таа за БИРН. Таа не сакаше да коментира за тоа кој ја финансирал нејзината организација кога таа се уште беше активна. Акорд нема  интернет страница и БИРН не можеше да дојде до ниту еден јавен документ каде се наведени нејзините донатори.

Право на живот

Ревита, мала невладина организација од југозападниот град Битола, се појави во 2008 година, кога македонската влада започна кампања за обесхрабрување на жените да направат абортус.

Кампањата, придружувана со реклами, тврдеше дека раѓањето деца е божествен настан и секое прекинување на бременоста е еднакво на убиство.

Таа беше критикувана од страна на голем број активисти и здруженија, од оние кои се залагаат за правата на жените до медицинските еснафски здруженија и групите за човекови права.

Ревита сама ја поддржа кампањата. На својата интернет страница ги повторуваше критиките на македонската влада кон жените кои побарале абортус. „Со убивање на нивните деца, тие ја уништуваат земјата, семејството, народот и иднината", објавуваше организацијата.

Ревита има добиено средства од буџетот што централната власт ги одвојува за граѓанскиот сектор, како и од општината Битола, која е контролирана од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Нејзиниот основач, Благица Пеповска, исто така, е член на партијата. Меѓутоа, вели таа, нејзините политички симпатии не и помогнале на организацијата, која, исто така, добива пари од приватни донатори.

„Нема толку многу предности [да се биде член на партијата]", изјави таа за БИРН . „Ние успеваме преку напорна работа."

Летово, владата протурка закон со кој се бара од жените што сакаат абортус да побараат дозвола од Министерството за здравство.

За време на дебатата во врска со законот, Пеповска беше повикана да даде свое мислење во парламентот, како една од ретките надворешни гласови во корист на новите правила.

„Една жена има право на избор на нејзиниот партнер и да избере дали да биде бремена", изјави таа во собранието. „Но, откако таа ќе остане бремена, таа нема никакви права".

Толерирање на критиките

Многу вработени во невладините организации финансирани од странски извори тврдат дека владата има директно влијание во граѓанските организации кои ја делат нејзината идеологија.

„Ако не го гледаме премиерот Никола Груевски на вести, тогаш ги гледаме невладините организации кои ја пренесуваат неговата порака", вели Никола Наумоски, активист од Плоштад Слобода, невладина организација која протестираше против Скопје 2014.

Неговата организација е финансирана од Фондацијата отворено општество, меѓународен фонд основан од страна на инвеститорот Џорџ Сорос, со седиште во САД. Македонските владини претставници често го обвинуваат Сорос за мешање во внатрешните работи на земјата.

Наумоски пак ја обвинува владата за малтретирање на активистите како него кои примаат пари од странство. На истото се жалат и неговите колеги од невладиниот сектор кои се финансирани од странски извори.

Чешката младина ги вежба своите способности за дебатирање во Здружението за меѓународни односи, НВО со седиште во Прага.

Младинскиот образовен форум, невладина организација која  дава совети за реформите во образовниот систем, беше нападнат во локалниот печат, кога откри дека организацијата Сорос е еден од донаторите.

„Ние секогаш се соочуваме со бариери кога се обидуваме да соработуваме со владата", вели раководителот на невладината организација, Марјан Забрчанец, жалејќи се дека властите го игнорираат истражувањето спроведено од неговата организација и го обвинуваат дека работи против државата.

Сите невладини организации во Македонија се обврзани со закон да објават колку пари добиваат, од кого, и што прават со нив.

Сепак, оваа транспарентност не е проследена кај сите. Многу од помалите организации финансирани од државата немаат свои интернет страници, и не се наведени нивните активности.

Државните органи кои ги финансираат, како што се министерствата, општините или централната владина агенција, исто така не даваат многу детали.

„Се објавуваат само насловите на проектите", вели Малинка Ристова, претседател на Европскиот институт за политика, НВО финансирана од странски извори, што промовира дебата за интеграција во ЕУ. „Нема извештаи за она што е направено, така што не може да се знае како ги потрошиле парите".

Многу македонски активисти сметаат дека клучот за потранспарентно и помалку политизирано граѓанското општество лежи во ЕУ, кон чие приклучување се стреми земјата.

Тие за модел ги земаат земјите како Чешка, која , исто така, настана по падот на комунизмот, но сега има поздраво граѓанско општество, делумно поради реформите што ги спроведе за влез во ЕУ.

Контрастот е остар. Луци Билдерова, од Мултикултурниот центар, НВО од Прага која работи со малцинските групи, вели дека чешкото Министерство за надворешни работи често финансира организации кои се од клучно значење за неговата работа.

Вит Достал, од Здружението за меѓународни односи, невладина организација која обучува студенти за политички дебати, исто така, вели дека неговата организација е често критична кон својот донатор, чешката влада.

„Владата знае што да очекува од нас", вели тој. „Тие не нѐ дискриминираат нас заради тоа."

Фестивалот на градоначалникот

Додека невладините организации финансирани од странски донатори се често критикувани во провладиниот печат во Македонија, оние кои ги добиваат своите средства од државата се под помала контрола.

Во градот Радовиш, во југоисточниот дел на Македонија, заедничките интереси на локалните власти и една невладина организација се чини дека останаа незабележани.

Секој август цели три дена, градот го слави фестивалот посветен на Свети Спасо Радвишки, неговиот светец заштитник.

Прославата започнува со црковни служби и кулминира со концерт на главниот плоштад, кој исто така е наречен по светецот.

Влезот на Чешка во ЕУ  го зајакна нејзиното граѓанско општество.Некои Македонци се надеваат дека истото ќе се случи и кај нив.

Фестивалот е врв во календарот на градот кој брои околу 20.000 жители, каде што младите најдобра надеж за вработување наоѓаат во блискиот рудник за бакар и поголемиот дел од нив сонуваат да заминат во странство.

Ѕвездата атракција на фестивалот оваа година беше хрватскиот поп пејач и претставник за Евровизија во 1994 година, Тони Цетински. На крајот од неговото шоу на главниот плоштад, водителката излезе на сцената и им се заблагодари на организаторите на фестивалот.

„Двајца се виновни за овој настан", се пошегува таа. „Првиот е вашиот градоначалник, Сашко, а вториот е директор на комората за култура и претседател на градскиот совет, Никола Миовски".

Толпата ги поздрави имињата што беа објавени. Сепак, ова излевање на локална гордост е релативно нова традиција. Свети Спасо Радовишки беше прогласен за светец - заштитник на градот во 2009 година, како резултат на одлуката од страна на Советот на општината.

Фестивалот е во организација на една невладина организација која беше формирана истата година, чие име е исто така Свети Спасо Радовишки.

Според општинските документи, Радовиш потрошил над 32.000 евра на невладината во последните две и пол години.

Според централниот регистар, ко-основач на организацијата бил Сашко Николов, градоначалникот кој беше јавно пофален за организирање на фестивалот. Како претседател на невладината организација е заведен Никола Миовски, претседател на Советот на општината, кому исто така му беше одадена благодарност на сцената за организирање на настанот.

Општината ги доделува своите средства наменети за локалните невладини организации со објавување на тендери за проектот. За понудите се гласа во Советот на општината, а таа одлука се одобрува и потпишува од страна на градоначалникот.

Градоначалникот и претседателот на градскиот совет играат значајна улога во распределбата на средствата за невладина организација во која се самите длабоко инволвирани - очигледен конфликт на интереси.

Покрај тоа, градоначалникот го користи фестивалот, финансиран од јавни средства преку НВО, за чие формирање тој помогнал, да го зајакне својот политички профил. На неговата интернет страница овој настан е наведен како еден од врвните достигнувања од првите 100 дена на функцијата.

Николов изјави за БИРН дека тој се откажал од неговата улога во НВО, пролетта кога бил избран за член на кабинетот на градоначалникот. Меѓутоа, во време на интервјуто ова лето, во централниот регистар, кој редовно се ажурира, тој се уште беше наведен како еден од клучните членови на Свети Спасо Радовишки.
 
Николов потврди дека неговата навидум постојана вклученост во невладината организација и во локалната политика може да се толкува како судир на интереси.

„Ќе проверам", вели тој . „Можеби постои некое недоразбирање со законите. "

БИРН се обиде да добие коментар од Миовски преку неговиот мобилен телефон, но тој не одговори. При посета на адресата на која е регистрирана НВО се наоѓаше заклучена зграда, во која порано се наоѓал ресторан.

БИРН , исто така, побара од Државната комисија за спречување на корупцијата да даде коментар за тоа дали има конфликт на интереси во случаите каде што владините претставници исто така биле активни во невладините организации. Портпаролката на Комисијата потврди дека го добиле барањето, но не даде одговор.

Димовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, признава дека некои невладини организации си обезбедуваат покритие за политичките интереси, но токму за оваа појава тој ја обвинува опозицијата.

„Проблемите се јавуваат кога луѓето ги користат невладините организации за промовирање на агендата на партијата", изјави тој за БИРН. „На пример, постојат активисти на граѓанското општество, кои зборуваат на состаноците на опозициската партија".

Сепак, Димовски вели дека членовите на политичките партии не можат да бидат спречени од тоа да работат во нивните невладини организации.

„Има луѓе кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ и тие имаат свои невладини организации и не постои ништо лошо во тоа", изјави тој за БИРН .

Дејан Донев, професор по етика и експерт за граѓанско општество при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје , вели дека многу организации кои работат во македонското граѓанско општество се „квази-владини".

„Ние немаме основна форма на невладини организации, кои треба да се сфатат како непрофитни граѓански групи, кои ги застапуваат потребите на граѓаните", вели тој.

Повеќето Македонци се чини оти се согласуваат дека граѓанското општество во нивната земја е длабоко политизирано. Во едно истражување направено минатата година од страна на локалната канцеларија на Транспаренси интернешнл, глобална организација која промовира добро владеење, 67.5 отсто од над 1.000 испитаници рекле дека невладините организации постојат само за да им служат на интересите на политичките партии.

 

Мери Јордановскае новинарка од Скопје. Уредник е Нил Арун и овој текст е дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, иницијатива на фондациитеRobert Bosch StiftungиERSTE Foundation, во соработка соBalkan Investigative Reporting Network. 

Talk about it!

blog comments powered by Disqus

All the Stories

auteur-festival-showcases-freshest-global-film-talent-11-17-2017
News

Belgrade's Auteur Festival Showcases Freshest Global Film Talent

As the weather cools off and the rain starts to fall, Belgraders know they can find a warm retreat from autumn at one of the best festivals in the region for connoisseurs of cinema – the Auteur Film Festival.

David Galic
romania-ngos-worry-over-ruling-party-pressure-11-21-2017
News

Romanian NGOs Fear Pressure as New Bill Passes Senate

Romanian NGOs are anticipating heightened political pressure after a ruling Social Democrat Party-backed bill that obliges them to declare their donors twice a year passed the Senate. 

Ana Maria Touma
old-critics-on-the-serbian-constitution-basis-for-future-suggestion-council-of-europe-11-21-2017
News

Venice Commission to Insist on Serbian Constitution Changes

The Council of Europe's Venice Commission is set to take a firm stance on Belgrade's failure to adopt all the constitutional changes it recommended 10 years ago.

Maja Zivanovic
romania-graft-watchdog-freezes-ruling-party-chief-assets-11-21-2017
News

Romania Graft Watchdog Freezes Ruling Party Leader's Assets

Romania's anti-graft prosecutors have frozen the assets and accounts of ruling Social Democrat Party chief Liviu Dragnea and eight other people currently being investigated for fraud. 

Ana Maria Touma
news-11-21-2017
news

Bosnia Federation Govt Torn Between Police and Pensioners

The Parliament of the Federation of Bosnia and Herzegovina is stuck between a rock and a hard place – the retirement law currently under discussion risks angering either police or the region's retirees.

Igor Spaic
ratko-mladic-awaits-genocide-verdict-in-the-hague-11-20-2017
News

Ratko Mladic Awaits Genocide Verdict in The Hague

The Hague Tribunal will deliver one of its most anticipated judgments on Wednesday – the verdict in the trial of the commander of the Bosnian Serb Army’s main headquarters, Ratko Mladic.

Erna Mackic
political-pressures-taking-toll-on-kosovo-journalists-report-11-21-2017
news

Political Pressures Taking Toll on Kosovo Journalists: Report

Some media owners are using their outlets for political ends, Kosovo’s public broadcaster has been subjected to political interference, while working conditions for journalists remain poor, a new report says.

Die Morina
serbian-president-rejects-annexation-of-bosnia-s-territories-11-21-2017
News

Serbian Presidency Rejects Any Takeover of Bosnian Serb Land

Serbian officials have delivered another political blow to Bosnian Serb leader Milorad Dodik, explicitly rejecting his "dreams" that Serbia could one day annexe Republika Srpska, Bosnia's Serb-dominated entity.

Srecko Latal, Filip Rudic
serbian-ngo-files-charges-for-croatian-village-attack-11-21-2017
News

Yugoslav Troops Accused of Killing Croatian Villagers

Serbia’s Humanitarian Law Centre filed a criminal complaint against Yugoslav People’s Army troops and Serb Territorial Defence fighters for allegedly killing 48 Croatian civilians in the villages of Skabrnja and Nadin in 1991.

Filip Rudic
bosnia-marks-dayton-anniversary-amid-growing-crisis-11-21-2017
Comment

Bosnia Marks Dayton Anniversary Amid Growing Crisis

Twenty-two years after the Dayton peace deal, the exodus of thousands of families from Bosnia and Herzegovina is a sign of the uncertain future facing a country tormented by local divisions and international failures.

Srecko Latal