Вести 12 May 16

Мерчеп осуден за воени злосторства

Томислав Мерчеп, поранешен помошник министер за внатрешни работи на Хрватска и неофицијален командант на резервна полициска единица, беше осуден на пет и пол години затвор за воени злосторства извршени врз цивили во 1991 година.

Свен Милекиќ
БИРН
Загреб
Томислав Мерчеп во судница. Фото: Бета.

Окружниот суд во Загреб, по четиригодишен судски процес, во четврток го осуди Мерчеп, бидејќи не ги спречил припадниците на резервната полициска единица позната како „Мерчеповци“, да апсат, мачат и убијат десетици претежно српски цивили, во објектот на Загребскиот саем, во Кутина во централна Хрватска и во Пакрачка Пољана во западна Славонија, кон крајот на 1991 година.

„Мерчеповци“ убиле вкупно 46 цивили, тројца од нив се водат за исчезнати и до денес не се пронајдени, а шестмина биле малтретирани, но преживеале.

Меѓу жртвите било и српското семејство Зец, 12-годишната Александра и нејзините родители, кои биле убиени во Загреб во декември 1991 година.

Претседателот на судскиот совет, Здравко Мајеровиќ, рече дека Мерчеп, кој за време на војната бил помошник на министерот за внатрешни работи на Хрватска, Иван Векиќ, не ги спречил злосторствата на единицата, „давајќи им со тоа, преќутно, одобрение за злоделата“, дури и кога физички не бил присутен на теренот.

Мајеровиќ во детали го опиша присилното киднапирање и тортурата врз цивилите, објаснувајќи како нивниот имот, пари, па дури и автомобили, биле украдени, пред да бидат убиени.

Мерчеп негираше каква било одговорност за злосторствата и изјави оти тој не командувал со единицата.

„Немам од што да се бранам“, рече Мерчеп минатиот месец.

Во завршниот говор пред судот минатата недела, неговиот адвокат Марко Ујевиќ, изјави дека Мерчеп не е виновен и дека „не бил докажан командниот синџир меѓу Мерчеп и командантите на подрачјето на Пакрачка Пољана“, каде што биле притворени дел од цивилите.

Обвинителот Силвио Сушец, сепак, рече дека иако не постојат докази дека Мерчеп бил формално командант на единицата, се докажало дека „тој бил де факто командант и неспорен авторитет“.

Злосторствата на оваа единица, речиси две децении, добро ѝ се познати на јавноста.

Неделникот „Ферал трибјун“ прв објави текст за злосторствата во Пакрачка пољана во 1997 година, кога еден од членовите на единицата и наводен сторител на злосторствата, Миро Бајрамовиќ, проговори за тортурата и убиствата во кои учествувал.

Злосторствата извршени на саемот во Загреб, како и во Пакрачка пољана, се опишани во документарниот филм на режисерот Ненад Пуховски, „Павиљон 22“, снимен во 2002 година.

Иако членовите на единицата на Мерчеп веднаш по убиствата беа уапсени и ги признаа злосторства, тие подоцна беа ослободени поради од процедурални причини.

Talk about it!

blog comments powered by Disqus

Latest Headlines

News 17 Feb 17

Belgrade Criticises Kosovo Serb Leader’s Retrial

News 17 Feb 17

Bosnian Serb Ex-Soldier Indicted for Doboj Persecution

News 16 Feb 17

Bosnia Jails Fighter for Abusing Serb Prisoners

news 16 Feb 17

Kosovo Sends Serb Leader Ivanovic for Retrial

News 10 Feb 17

Srebrenica Convict Ljubisa Beara Dies in Germany