Вести 21 Feb 13

Маркач одби да сведочи во Загреб

Хрватскиот генерал Младен Маркач, кого Хашкиот трибунал го ослободи минатата година, не сака да сведочи во истрага за воени злосторства во Загреб, образложувајќи дека чека пресудата од Хаг да стане конечна.

Борис Павелиќ
Загреб

Маркач во средата одби да сведочи во истражната постапка која се води против неговиот воен заменик, Жељко Сачиќ, обвинет за прикривање на убиство на пет постари Срби во селото Грубори во близина на хрватскиот град Книн, на 25 и 26 август 1995.

Хрватските медиуми објавија дека генералот објаснил оти не сака да ја загрозува својата позиција, во случај Хаг да сака да ја ревидира пресудата која му беше изречена.

Жалбениот совет на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, во ноември минатата година, ги ослободи генералите Маркач и Анте Готовина од сите обвиненија за воени злосторства извршени за време на хрватската воена операција Бура во 1995 година.

Тие првично беа осудени на 18 и 24 години затвор за учество во здружен злосторнички потфат кој имал за цел протерување на српските цивили од Хрватска за време на Бура, во кој учествувале заедно со поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман и неколку други високи функционери.

Според правилата на МКТЈ, пресудата на жалбениот совет може да се ревидира во рок од една година, доколку се појават нови докази за случајот. До тогаш, Маркач има законско право да одбие да сведочи во слични случаи во Хрватска.

Инцидентот во Грубори беше еден од наведените во обвинението на МКТЈ против Маркач и Готовина.

Откако ќе помине една година од пресудата, хрватскиот обвинител има право повторно да го покани Маркач да сведочи.

За злосторствата во Грубори, пред окружниот суд во Загреб во тек е судење на двајца поранешни припадници на хрватската специјална полиција, Франо Дрље и Божо Краина.

Истрагата против Сачиќ беше дел од случајот Дрље-Краина, но во 2010 година беше одвоена како посебен случај, делумно поради тоа што обвинителите инсистираа на сведочењето на Маркач за улогата на Сачиќ во Грубори.

blog comments powered by Disqus

Background

Timeline – Cuska Case

Timeline of events in the case against 13 former Serb fighters charged with committing war crimes in the villages of Cuska, Zahac, Ljubenic and Pavlac in Kosovo in 1999.

Subscribe to Our Newsletter