Судот во Приштина му го продолжи за уште два месеца притворот на некогашниот командант на Ослободителната војска на Косово, сега актуелен политичар Фатмир Лимај, кој е обвинет за воени злосторства.
Лимај, поранешен командант на ОВК и пратеник на владејачката Демократската партија на Косово, ќе остане во притвор до 24 април, одлучи во петокот судијата на мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС.
Лимај е еден од десетте осомничени во еден од најпознатите случаи за воени злосторства на Косово, случајот Клечка, обвинети за злоупотреба на затвореници во истоимениот логор, при крајот на конфликтот на Косово во 90-тите.
Томе Гаши, адвокатот на Лимај, соопшти дека поднел жалба на одлуката на судот за продолжување на притворот.
„Не постои законска причина за ваква одлука. Очигледно е дека се работи за политички влијанија“, изјави Гаши за БИРН.
Лимај тврди дека случајот се пролонгира за да се спречи негово активно враќање во политика, но и поради тоа што ЕУЛЕКС мора јавно да покаже дека ја извршува својата работа на Косово.
Во мај минатата година, тој беше ослободен од обвиненијата, но обвинителството успешно ја обжали пресудата и предметот беше испратен на повторно судење.
Според обвинението, Лимај и другите обвинети, поранешни борци на ОВК, „го нарушиле телесниот интегритет и здравјето на неодреден број српски и албански цивили и српски воени затвореници во логорот во селото Клечка“.
Затворениците биле притворени во „нехумани услови, во окови, на ладно, биле гладни, санитарните услови биле мизерни, а често биле и тепани“, се вели во обвинението.
Во претходниот судски процес што во 2005 година се одржуваше пред Хашкиот трибунал, Лимај беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства, извршени против Срби и Албанци осомничени дека за време на војната на Косово соработувале со Србија. Кога се врати дома, беше пречекан како херој.
Timeline of events in the case against 13 former Serb fighters charged with committing war crimes in the villages of Cuska, Zahac, Ljubenic and Pavlac in Kosovo in 1999.