/en/file/show/Fellowship2017/Zdravko Ljubas/care-mk.jpg
28 Dec 17

Забранет пристап: Разведени татковци се борат за своите деца

 

Судовите на Балканот најчесто се на страната на мајката во случаи кога се дава старателство врз деца. Сега некои татковци се борат со системот. Децата се фатени во вкрстен оган.

Здравко Љубаш Сараево, Загреб, Белград

Разводот беше борбен, но борбените линии беа јасни. Тој сакаше слободен пристап до својот двегодишен син, кој живееше со неговата поранешна сопруга, оддалечени само 10 минути пеш, во централниот босански град Зеница. Таа сакаше сопругот да биде целосно надвор од животот на момчето.

На крајот, тие безусловно се согласија на компромис: таткото ќе го гледа синот четири часа секоја среда и два дена секој втор викенд.

Но, мајката на момчето по кратко време почна да не го почитува договорот, нагласува таткото кој сакаше да остане анонимен. И покрај близината на своите станови, често чекал неколку недели за да го види својот син.

„Стана особено тешко кога го враќав кај мајка му ... и ќе плачеше и зборуваше: „Тато, не оди", вели  таткото (35) кој е невработен. „Пред два месеци, таа почна да го подучува“.

Тој употребил мобилен телефон со кој снимил видео на кое се гледа детето како седи на пластичен трицикл со насмевка на лицето, велејќи со певлив глас: „Не сакам да одам кај тато, не сакам да одам кај тато".

При снимањето таткото се слуша како прашува: - Кој ти го кажа тоа да го зборуваш?

- Мама, одговара детето.

Според него, тоа е класичен случај на Синдром на злонамерен родител, модел на однесување опишан од психолози во кои едниот родител се обидува да го подбуцне детето против другиот родител по распадот на бракот.

Не беше можно да се контактира мајката за да се слушне нејзината страна.

Во земја каде судовите не го признаваат заедничкото старателство врз децата како опција, таткото вели дека се обидува да ги анимира социјалните работници да интервенираат и обезбедат дека може да го гледа својот син - иако вели дека она што навистина му е потребно е правен лек.

„Она што најмногу го сакам е еднакво или заедничко старателство како на Запад, но тоа може да се случи само ако системот се промени“, нагласува тој. „Сега се обидувам да добијам толку време колку што можам и би бил среќен ако би можел секој викенд да го поминувам со мојот син“.

“Заминаа без предупредување, без објаснување ниту порака ниту што било”

- Самир, кој вели дека не ги видел своите син и ќерка пет години

Човекот е еден од илјадниците татковци во Босна и соседството каде групи за заштита на правата на татковците тврдат дека се оттргнати од голем дел од животот на нивните деца по острите прекини на бракот.

Мајките сакаат да добијат целосно старателство речиси стандардно, велат активисти, адвокати и експерти за детски прашања, обвинувајќи го традиционалниот начин на размислување  дека жените се најсоодветни за старателство. Тие, исто така, велат дека социјалните служби често развлекуваат за целосно да ги истражат околностите на поединечните случаи.

Но, некои татковци се борат тврдејќи дека целосно старателство ги прекршуваат правата на децата што произлегуваат од Европското право и меѓународните конвенции.

„За мене единствено прифатливо е да продолжам да се борам, да најдам каде се и некако да стигнам до децата и да ги контактирам“, вели Самир, татко од Сараево кој побара да биде идентификуван само по името.

Самир не го видел својот 13-годишен син и 8-годишната ќерка пет години.

По разводот во 2009 година тој нагласува дека неговата поранешна сопруга почнала да не ја почитува судската одлука - да го посетува синот два часа во неделата и цел викенд двапати во месецот.

Ништо не е врежано за неговата ќерка поради нејзината возраст тогаш, Босански судови пресудуваат за посети на деца над тригодишна возраст.

„Таа секогаш наоѓаше изговор велејќи дека синот има домашна работа, дека е болен или е зафатен со играње“, вели тој. „Потоа почна да кажува дека не сака тој да ме види, но никогаш не бев сигурен дека тоа е вистина бидејќи знаев само таа што кажува за да си заминам“.

Еден ден во мај во 2012 година ѕвонел на вратата од станот на  својата поранешна сопруга. Никој не одговорил. Повикал полиција кои откриле дека станот е испразнет. Дознал дека таа ги однела децата во Шведска каде имала жителство добиено како бегалец од Босанскиот конфликт 1992-1995.

„Заминаа без предупредување, без објаснување ниту порака ниту било што“, вели тој. Тоа беше како едноставно да исчезнале.

 
Татко и син позираат пред правење скара. Како и фотографијата претходно, оваа фотографија е дел од изложба и кампања оррганзиирана од Care International за да се охрабрат босанските татковци да играат поактивна улога во родителството.Фото: Care International

Нема заедничко старателство

Во свирепата мачо Босна, не е за изненадување дека социјалните работници пронаоѓаат голем број татковци неподготвени за родителство. Државната Агенција за еднаквост на половите проценува дека во 2015 година во едно од пет семејства имало семејно насилство. Во најголем случај, извршител е сопругот.

Но, психолозите укажуваат дека некои центри за социјална работа не успеале да се прилагодат на промените во општеството, при што се повеќе и повеќе мажи ги отфрлале мачо-стереотипите и стануваат добри старатели.

Без оглед на пошироките промени во општеството, татковците се претежно губитници кога станува збор за старателство над деца, според податоците од статистичките бироа на двата етнички ентитети во БиХ, муслиманско-хрватската Федерација на Босна и Херцеговина и српската Република Српска.

Во двата ентитета во 2016 година, мајките добиле старателство во 77 отсто од разводите кои вклучуваат двојки со деца.

Повеќето од тие одлуки ги донесоа судови кои постапуваат по совет на социјалните работници кои ги интервјуираат родителите и повремено препорачуваат психолошко тестирање.

Во шест отсто од разводите што се однесуваат на децата, родителите постигнале некаков неформален договор за заедничко старателство, укажуваат податоците од статистичките бироа.

 
Click to enlarge

За разлика од многу европски земји, Законот за  семејство во Босна формално не признава заедничко старателство, што овозможува мајките и татковците да делат одговорност за грижата за децата и за родителските одлуки.

-Кога станува збор за заедничко старателство, би бил многу внимателен со тоа, вели Александра Марин-Диклиќ, шеф на одделот за заштита на правата на децата кај омбудсманот на Босна и Херцеговина.

„Ние немаме одреден став, туку како институција, ако се вмешаме во ова прашање, сигурно ќе обезбедиме мислење на академиците, експерти за семејно право и, секако, оние кои директно се вклучени во работата со луѓето, имено вработените во центри за социјална работа”.

“На детето му се потребни и мајката и таткото”

Психолог за деца, Гордана Буљан Фландер

Детските психолози сметаат дека властите мора да промислат добро, но понекогаш се лошо информирани кога се одлучува што е најдобро за децата.

„Некои  ‘експерти’ ме прашуваат дали е добро детето да има две семејства, бидејќи сметаат дека детето треба да има само едно семејство од кое ќе го истражува светот", вели Гордана Буљан Фландер, психолог и директорка на Клиниката за заштита на децата од Загреб, која често предава во Сараево.

„Најдобро за детето е откако родителите ќе одлучат да се разведат, колку што е можно, подеднакво да ги гледа и двајцата родители, дури и ако не се совршени. Кога зборуваме за правата на детето, детето има право на семејство. Кога зборуваме за потребите на едно дете, детето има потреба од мајка и од татко".

Јасна Бајрактеревиќ, истакнат психолог од Сараево, се согласува.

„На децата апсолутно им требаат обата родитела“, рече таа. „Ние не треба да размислуваме во однос на тоа што можат да прават татковците или што мајките можат да ги направат, но сигурно на децата им се потребни двата родитела, без разлика дали тие прават семејство или се разведуваат".

 
Александра Марин-Диклиќ, шеф на одделот за детски права кај босанскиот омбудсман, седи крај нејзиното биро до плакат на кој пишува „Донесуваме одлуки во најдобар интерес за децата“ и „Јас имам права“. Фото: Здравко Љубаш

Децата најмногу страдаат

Во 1993 година, Босна ја ратификуваше Конвенцијата на ОН за правата на детето, во која се вели дека децата, чии родители не живеат заедно, имаат право да останат во контакт со двата родитела, освен ако тоа може да ги повреди.

Парламентарното собрание на Советот на Европа, кое ги поддржува човековите права и владеењето на правото во 47 земји-членки, вклучувајќи ја и Босна, во 2015 година усвои Резолуција за правата на татковците.

Резолуцијата 2079 ги повикува државите да го гарантираат „правото на секој родител да биде информиран и да има право на збор за важни одлуки што се однесуваат на животот на нивното дете и развој, во најдобар интерес на детето".

Исто така, бара од државите да „воведат во своите закони принцип на престој кај двата родитела по разделбата" и да "почитуваат право на децата да бидат сослушани за сите прашања што ги засегаат".

Татко во Зеница, кој се бори повеќе време со својот син, тврди дека меѓународните инструменти, како што се тие, направиле само малку да се засилат влијанијата врз социјалните работници кога го постави својот случај за заедничко старателство.

„Јас тврдев дека таквата практика е вообичаена во нормални европски држави, кои обрнуваат внимание на човековите права", рече тој. "Ме прекинаа таму, велејќи дека тоа ќе биде невозможно, така што тоа беше тоа".

„Ме прекинаа таму со изговор дека ќе биде невозможно“

Татко од Босна кој се бори да добие повеќе време за средби со синот

На прашањето дали социјалните работници имаат тенденција да фаворизираат мајки во старателските спорови, Аднан Подзо, директор на Кантонскиот центар за социјална заштита во Сараево, едноставно рече: „Одлуката за тоа кој добива старателство ја донесува судот, врз основа на препораки од Центарот за социјална заштита".

Во 2016 година, во Одделот за заштита на правата на децата при омбудсманот на Босна добиле 139 жалби, главно поврзани со злобни разводи, се наведува во најновиот годишен извештај на Народниот правобранител.

Многумина ги обвинуваат социјалните работници дека се пристрасни, премногу одолговлекуваат или не ги земаат предвид специфичните околности на одделни случаи, нагласува шефот на одделот Марин-Диклиќ.
„Во повеќето случаи, правата на децата се прекршени од самите родители ги, но и од забавеноста и неефикасноста на системот", вели таа. „На крајот, децата секогаш страдаат најмногу".

Двојни стандарди

Татковците изразуваат слични незадоволства во другите поранешни југословенски републики со сличен јазик и култура: Хрватска, Црна Гора и Србија.

Во Хрватска, најновиот член на ЕУ, семејното право дозволува заедничко старателство - но судовите сѐ уште имаат тенденција да се наклонети кон мајките како единствени кои ќе се грижат.

Помеѓу ноември 2013 и ноември 2014 година, последниот период за кој се достапни податоците, 86 отсто од децата во Хрватска чии родители се развеле завршиле кај мајките, според податоци на Државниот завод за статистика.

Нешто повеќе од три отсто завршиле со старателство на двајцата родители.

„Моето искуство со службата за социјална заштита и судот [во Хрватска] е такво што јас не би му го посакал дури и мојот најлош непријател", нагласува Оливер Каниќ, основач на татковската група во Загреб наречена Здружение за еднакво старателство.

Каниќ вели дека одлуките за старателство се полни со двојни стандарди.

„Ако татковците се вработени, често се сметаат за премногу зафатени за да се грижат за децата", вели тој. „Ако тие се невработени, тие не се сметаат за стабилни за грижа".

„Во меѓувреме, мајките кои се вработени често не се казнуваат, додека оние кои се невработени се смета дека имаат доволно време за децата“, рече тој.

Според постојното семејно право, заедничко старателство е можно само ако и двајцата родители се согласат со тоа. Здружението за еднакво старателство предлага промени во законите, за да може судовите да доделуваат заедничко старателство врз основа на барање од само еден родител.

„Не му го посакувам ова ниту на мојот најголем непријател“

Оливер Цаниќ, основач на Асоцијацијата за заедничко старателство за справувањето со социјалните работници

Психо-социологот Бруно Шимлеша смета дека проблемот се сведува на длабоко вкоренети ставови кон родовите улоги.

„Во Хрватска преовладува мислење, но и во другите земји во овој регион, дека грижата за децата е ослабена", рече тој. „Луѓето веруваат дека вистинските мажи не одат во училишната сала на рецитации на нивното дете. Вистинските мажи заработуваат пари и ги дисциплинираат своите деца кога е потребно".

 
Дејан Вишекруна, основач на асоцијацијата Тата во својата канцеларија во Белград. На неговата работна маса се 468 странички препораки за реформи во Законот за семејство

Скандинавски модел

Во Црна Гора, децата остануваат со мајки во 80 отсто од разводите во 2016 година, покажаа податоците од Бирото за статистика. За споредба - само седум отсто се дадени кај татковците и сличен процент деца завршиле со заедничко старателство, што го дозволува законот во Црна Гора.

Српското семејно право, исто така, признава заедничко старателство, иако судовите ретко тоа го одобруваат.

Во Србија нема централен регистер на податоци за случаите на развод, но истражувањето на судските пресуди од групата за права на татковците  наречена Тата, укажува на тоа дека мајките добиваат старателство во 95 отсто по острите разводи.

„Како општество, ние едноставно веруваме дека мајката е родител задолжен за воспитување на деца", вели основачот на Тата, Дејан Вишеруна, додавајќи дека повеќето луѓе ја гледаат улогата на татковците како ограничени на поминување време со децата и плаќање алиментација.

Во канцеларијата на Тата во централниот дел на Белград телефонот на Вишекруна ѕвонеше многупати. Татковците бараа правен совет, да закажат состаноци или едноставно да си дадат оддишка.

Вишекруна, 45-годишен поранешен лекар кој има искуство од борбата за старателство над сопствениот син, нуди уверување и практични совети. На неговото биро има чаша со имиња на деца за кои се борат татковците од Тата.

Работејќи со адвокатите, Тата излезе со препораки од 468 страници за реформирање на српското семејно право, вклучувајќи и начини за да го направи процесот на старателство поефикасен и правичен.

 
Јован, Сара, Никола, Ивана, Горан, Филип, Маја...имиња на деца чии родители не се согласиле за старателство напишани на чаша во канцеларија на Тата во Белград. Фото Здравко Љубаш

„Скандинавија има поинаков пристап", нагласува тој. „Основниот систем е дека децата поминуваат една недела со мајка, една недела со татко ... Швеѓаните го започнале во 80-тите, преку еманципација на жените во општеството“.

„Во одреден момент, со развојот на родовите прашања, тие одлучија дека сите треба да бидат еднакви, така што ја изедначија положбата на мажите и жените во разводите, давајќи им исти права и обврски, дури и над старателство над децата".

Босна нема организација на татковци што е еквивалентна на Тата во Белград или Здружението за еднакво старателство во Загреб.

Тоа го остава Самир, чијашто поранешна сопруга ги зеде неговите деца во Шведска, со мала поддршка додека се помирува себеси на живот без своите деца.

„Ги сакам моите деца без разлика дали се со нивната мајка или со мене", вели тој. „Им посакувам сѐ најдобро, како што секој родител посакува, но фактот дека тие не се со мене не е моја одлука".

Здравко Љубаш е новинар од Сараево кој работи како дописник на Дојче Веле. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондацијата Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.