Вести 29 Jul 16

Главаш оди на повторно судење

Бранимир Главаш се соочува со повторно судење, откако хрватскиот Врховен суд ја поништи првостепената пресуда, со која беше осуден за воени злосторства извршени над Србите во Осиек, што предизвика незадоволство во Србија.

Свен Милекиќ
БИРН
Загреб
Бранимир Главаш, по ослободувањето од затворот во Мостар во 2015 година. Фото: Бета

Врховниот суд на Хрватска, во четвртокот донесе одлука со која наложи повторно судење на воениот генерал, Бранимир Главаш, поради „значителна повреда на кривичната постапка“.

Со прифаќање на жалбата на Главаш и на неговите потчинети во војната, Гордана Гетош Магдиќ и Иван Крњак, судот ја поништи пресудата, со која во мај 2009 година, Окружниот суд во Загреб, го осуди Главаш на десет години затвор, за воени злосторства извршени над хрватските Срби во Осиек, во 1991 и 1992 година.

Заедно со уште пет други лица, Главаш беше прогласен за виновен за незаконско апсење, мачење и убивање на цивили, во два судски случаи наречени „Селотејп“ и „Гаража“.

Врховниот суд посочи дека не се занимавал со „испитување на вистинитоста на утврдените факти“, поради што првостепениот суд ќе мора повторно да ги разгледа сите докази, како и оние што ќе ги предложат обвинителството и одбраната.

Уставниот суд во јануари 2015 година ја поништи конечната пресуда која на Главаш во јуни 2010 година му ја изрече Врховниот суд на Хрватска, со која тој беше осуден на осум години затвор.

Судот утврди дека Врховниот и окружните судови, во случаите против него, користеле погрешни правни конвенции. Тој, исто така, му наложи на Врховниот суд, да преиспита дали на Главаш му биле повредени човековите права и основни слободи.

Коментирајќи ја последната одлука, Главаш изјави: „За мене е најважно дека пресудата е укината во целост и дека процесот почнува од почеток“.

„Врховниот суд не се занимаваше со факти, но ... јас верувам дека исходот ќе биде сосема поинаков од судењата водени од 2007 до 2009 година“, рече Главаш, алудирајќи на презумцијата на невиност.

„Ако пресудата беше поништена од највисоките инстанци, Уставниот и Врховниот суд, веројатно, тогаш, и за вас вреди презумцијата на невиност“, му рече Главаш на еден од новинарите.

Додаде оти не негира дека убиствата во Осиек се случиле, но тврди дека не е одговорен за нив.

„Оние кои се одговорни за овие работи, нека одговараат, јас не сум, ниту сум ги наредил убиствата, ниту сум ги прикривал, ниту пак нешто знам во врска со тоа, јас со тие убиства немам ништо“, изјави Главаш.

Српскиот премиер, Александар Вучиќ, во четвртокот го осуди последниот пресврт во сагата Главаш и рече дека оваа пресуда е уште една во серијата сериозни и необјаснето одлуки, донесени во Хрватска, директно против српскиот народ.

„За нашиот народ во Хрватска, за нашиот народ воопшто западно од Дрина и Дунав, ситуацијата од ден на ден е сè потешка и посложена“, рече Вучиќ.

Да потсетиме, на денот на изрекувањето на првостепената пресуда во 2009 година, Главаш од Хрватска побегна во Босна и Херцеговина.

Откако Врховниот суд на Хрватска во јули 2010 година ја потврди пресудата, таа беше потврдена и од Судот на БиХ, по што Главаш беше затворен.

Но, кога во 2015 година пресудата беше поништена, Главаш беше ослободен од затворот во Мостар и тој се врати во Осиек.

Таму ја продолжи својата политичка кариера со десничарска партија, Хрватски демократски сојуз на Славонија и Барања, ХДССБ, која тој ја основа. На изборите во ноември 2015 година, Главаш освои место во парламентот.

Тој е поранешен висок член на Хрватската демократска заедница, ХДЗ, беше нејзин пратеник во парламентот и градоначалник на Осиечко-барањската жупанија.

За време на војната, во периодот 1991-1992, Главаш беше командант на одбраната на Осиек, кој се бореше против силите на Југословенската народна армија, ЈНА, и српските парамилитарци, кои се закануваа да го заземат градот, по што доби звање генерал.

Во 2005 година, ја напушти ХДЗ, ја основа ХДССБ и доби силна политичка поддршка во Осиек и Барања.

По неговото заминување од ХДЗ, јавниот обвинител започна истрага за воените злосторства извршени над Србите во Осиек.

Главаш беше уапсен во октомври 2006 година, откако беше обвинет за т.н. случај „Гаража“. Тој е обвинет за командна одговорност за тортура и убиство на цивили пред една гаража во 1991 година.

Второто обвинение беше поднесено во април 2007 година, во случајот „Селотејп“, кој е така наречен поради тоа што жртвите биле врзувани со селотејп и убиени на брегот на Драва во Осиек, во периодот од 1991 до 1992 година.

Talk about it!

blog comments powered by Disqus

Latest Headlines

Feature 06 Oct 17

Naser Oric Faces Judgment over Serb Captives’ Deaths

Profile 05 Oct 17

Naser Oric: Srebrenica Commander Inspires Love and Hate

Interview 02 Oct 17

Bosnian State Court President Condemns ‘Unfair Criticism’

News 28 Sep 17

Australia Seeks to Revoke Captain Dragan’s Passport

feature 27 Sep 17

War Crimes Documentation Centre Opens in Kosovo

Profile 26 Sep 17

Captain Dragan: Notorious Commander Loses Courtroom Battle